Свет
Сопругата на Ердоган ја повика Меланија Трамп да се заложи за децата во Газа
Првата дама на Турција, Емине Ердоган, испрати писмо до сопругата на американскиот претседател, Меланија Трамп, во кое ја повикува да покаже еднакво сочувство за децата и цивилите во Појасот Газа, како што претходно покажа за жртвите од војната во Украина.
Ердоган во писмото бара од Меланија Трамп да стапи во контакт со премиерот на Израел и да се заложи за спас на децата во Газа.
„Верувам дека големата чувствителност што ја покажавте кон 648 украински деца ќе биде покажана и за Газа“, наведува Емине Ердоган, потсетувајќи дека во изминатите две години во Појасот Газа загинале повеќе од 62.000 цивили, од кои 18.000 деца.
Таа предупредува дека таму „не се случува само геноцид, туку и неправда во меѓународниот поредок, кој ги цени животите на некои луѓе повеќе од другите“.
„Како мајка, жена и човечко суштество, длабоко сочувствувам со емоциите што ги изразивте во вашето писмо. Се надевам дека ќе имате иста надеж за децата од Газа“, пишува сопругата на Ердоган.
Белата куќа засега не го коментирала писмото на турската прва дама.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на клучни лекови
Бугарија ја продолжи забраната за извоз на инсулини, инсулински аналози и група антибиотици до 23 јануари наредната година, според налог на министерот за здравство Силвио Кирилов. Министерството соопшти дека забраната повторно се продолжува поради проблеми со снабдувањето, пријавени недостатоци и одбивања од веледрогерии.
Како причини се наведуваат неправилности и доцнења во испораките, како и намалени количини нарачани лекови. Забраната ги опфаќа инсулините и нивните аналози, SGLT2-инхибиторите и лековите на база семаглутид, како и антибиотиците на база азитромицин. Забранет е и извозот на месалазин.
Забраната за извоз на инсулини првпат беше воведена во ноември 2023, а потоа повеќепати продолжувана.
Свет
Пакистан: Тројца бомбаши-самоубијци го нападнаа седиштето на паравоените сили
Тројца бомбаши-самоубијци денес го нападнаа седиштето на паравоените сили во Пешавар, при што загинаа три припадници, а најмалку петмина беа ранети, пренесе „Ројтерс“. Напаѓачите прво отвориле оган на влезот, а потоа се разнеле во кругот на комплексот на граничната полиција.
Полицијата соопшти дека напаѓачите се пробиле во објектот по првичната престрелка. Областа е блокирана од армијата и полицијата, а според локални извори се сомнева дека во комплексот можеби има уште напаѓачи. Ранетите, меѓу кои и двајца припадници на паравоените сили, се пренесени во болница.
Нападот се случува во време на зголемена активност на исламистички милитанти во регионот, по смртоносните погранични судири меѓу Пакистан и Авганистан минатиот месец. Досега ниту една група не презеде одговорност.
Свет
Германскиот канцелар: Русија мора да се врати на преговарачка маса
Русија мора да учествува во разговорите за мировниот план за Украина за тој воопшто да има шанса, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц на самитот ЕУ–Африканска унија во Луанде.
„Русија мора да биде присутна на масата. Ако тоа се оствари, секој напор би бил оправдан, а во спротивно, ќе треба да се удвојат напорите“, рече Мерц.
Берлин го поздрави напредокот постигнат во Женева врз основа на американскиот мировен нацрт од 28 точки, првично оценет како премногу наклонет кон Москва. Мерц нагласи дека Европa мора да го одобри секој дел од идниот договор што се однесува на нејзината безбедност.
По неделните разговори во Женева, САД и Украина изработија нова, ревидирана верзија на мировната рамка за која велат дека целосно ја почитува украинската сувереност. Почетниот план на Доналд Трамп содржел повеќе руски барања, меѓу кои територијални отстапки, намалување на украинската војска и откажување од членство во НАТО, со западни безбедносни гаранции за Киев.

