Свет
Спречивме напад со дронови врз московскиот регион, соопштија Русите
Руското министерство за одбрана соопшти дека е спречен украински напад со дронови врз московскиот регион и дека сите три дрона биле соборени.
„Денеска е спречен обид на режимот во Киев да изврши терористички напад врз цели во московската област со три беспилотни летала“, се вели во соопштението, пренесува агенцијата РИА Новости.
Според руското министерство, во неуспешниот напад нема жртви или материјална штета.
Во соопштението се додава дека дроновите биле оневозможени со електронски средства, по што изгубиле контрола и паднале.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Девојчињата на возраст од девет, момчињата од 15 години ќе можат да се венчаат во Ирак
Ирачкиот парламент ги усвои амандманите на законот за семејство кои би можеле да доведат до намалување на возраста за брак на 15 години за момчињата и девет за девојчињата, јави денеска Тасс, наведувајќи дека амандманите на законот се усвоени како единствен пакет заедно со уште два други амандмани, на кој се спротивставија многу пратеници.
Претседателот на ирачкиот законодавен совет, Махмуд ал-Машадани најави гласање за три нацрт-закони истовремено, кои некои ги сметаат за нелегитимни, а гласањето го призна за валидно и успешно и покрај недоволниот број на гласови „за“.
Веднаш по гласањето, група ирачки парламентарци потпишаа петиција со која се бара оставка на претседателот, а некои од нив планираат да ја оспорат уставноста на усвоените акти.
Измените на Законот 188 „за личниот статус“, усвоен во 1959 година и го претставува ирачкото семејно право, предизвикаа негодување во јавноста.
Во сегашната верзија, бракот е доброволна заедница меѓу способен маж и жена кои наполниле 18 години, додека во посебни случаи бракот е дозволен на возраст од 15 години.
Со усвоените амандмани се коригираат ставовите 2 и 10 од Законот за семејство и се дозволува бракот да се склучува во согласност со верските норми, особено оние пропишани во шиитската гранка на исламот, која ја следи значителен дел од ирачкото население.
Свет
Конгресот го усвои првиот предлог на Трамп за апсење илегални имигранти
Претставничкиот дом на САД го усвои првиот нацрт-закон на претседателот Доналд Трамп, кој бара апсење на илегални имигранти обвинети за кражби и насилни злосторства.
Законот беше донесен со 263 гласа „за“ и 156 „против“, со поддршка на 46 демократи и 217 републиканци, пишува Гласот на Америка.
Предлогот, именуван по Лејкен Рајли, девојка од Џорџија која беше убиена минатата година од илегален имигрант од Венецуела, сега мора да биде потпишан од Трамп пред да стапи на сила.
Трамп ја направи имиграцијата центар на неговата кампања, а републиканците ја поддржаа неговата тешка агенда за имигрантите.
Демократите, кои го поддржаа предлог-законот, велат дека го направиле тоа затоа што и граѓаните што ги претставуваат се загрижени за имиграцијата.
Свет
Трамп го избра Шон Каран за нов директор на Тајната служба
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека го избрал Шон Каран за нов директор на американската тајна служба.
Каран беше дел од обезбедувањето на Трамп за време на обидот за атентат во Батлер, Пенсилванија, минатиот јули, објави Ројтерс.
„Покажа непоколеблива храброст кога го ризикуваше својот живот за да го спаси мојот од атентаторот во Батлер. Верувам дека Шон ќе ја направи Тајната служба посилна од кога било досега“, рече Трамп во изјавата.
Каран ќе го замени Рон Роу, кој беше вршител на должноста директор од јули, откако претходната директорка, Кимберли Читл, поднесе оставка поради критиките за неуспехот на агенцијата да спречи обид за атентат врз Трамп за време на митинг.
Каран ја започна својата кариера во Тајната служба во 2001 година како специјален агент во канцеларијата во Њуарк, каде што извршуваше должности за заштита, разузнавање, истрага, регрутирање и логистичка поддршка.