Регион
Србија 13 дена трага по „малчанскиот бербер“, малата Моника ја обезбедува полицијата

Педофилот Нинослав Јовановиќ е во бегство веќе тринаесетти ден, а интензивното пребарување од страна на српската полиција не запрело ниту за новогодишните празници, наведуваат српските медиуми. Според нив, киднаперот добро ги смислил најкратките патеки низ шумата и покрај пругата каде што бегал, тој знаел кои куќи се напуштени и каде може да се скрие и затоа не било лесно да го фатат.
Малата Моника, којашто тој ја киднапирал и девет дена ја држел во заложништво, беше пронајдена пред неколку дена во селото Пасјача. Од моментот кога е пронајдено девојчето, излезите од сите села околу Пасјача биле блокирани, бројни патроли постојано се на терен, кој е надлетуван и од хеликоптери. Се претпоставува дека „малчанскиот бербер“ е вооружен. Полицијата изврши претрес во селото Јасеновиќ, но не го пронајде.
Од завчера, потрагата по педофилот се фокусирала на неговиот роден град Малча кај Ниш. На теренот има уште околу 500 полицајци и, според најавата на полицискиот директор Владимир Ребиќ, тој број нема да се намали додека не се фати сторителот. Покрај полициските патроли, полиција има и во Малча.
На социјалните мрежи се појавија снимки на кои наводно е прикажан киндаперот на Моника Каримановиќ, Нинолав Јовановиќ, познат како „малчанскиот бербер“, кој бега од полицијата, а заедно со снимката објавено е дека и тој е уапсен, но според наводите на српски „Телеграф“, се работи за лажни информации.
Постојат неколку снимки кои не се разликуваат многу, а наводно направени се со термовизиски камери. На нив се гледа човечка силуета како иде од куќа до куќа, како да се обидува да се скрие. Па бидејќи не наоѓа засолниште во нив, се дава во бегство низ шумата. Во еден момент, човекот легнува на земја, а потоа станува и ги крева рацете како да се предава.
Откако „малчанскиот бербер“ ја ослободи Моника и побегна, девојчето е сместено на детското одделение во клиничкиот центар во Ниш.Обезбедувањето на клиниката и полицијата водат сметка никој освен мајката и докторите да нема пристап до девојчето. Мајката е цело време со девојчето, а според локалните медиуми, Моника е комуникативна и нејзината психофизичка состојба е добра. Ходниците на катот каде што се наоѓа Моника се празни и никој освен мајката не смее да ја посети, па медиумите пишуваат дека таа била малку тажна поради тоа.
Моника дала исказ пред полицијата во присуство на адвокат и објаснила што се случувало за време на киднапирањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Реков дека нема помилување и се чувствував лошо, ова се наши деца

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека можеби ќе помилува некои од уапсените студенти, иако пред неколку дена изјави дека нема да го стори тоа.
„Размислував за тоа пред неколку дена. Реков дека нема да има помилувања и се чувствував лошо. Ова се наши деца, можам да им помогнам. Можам да одам подалеку од мојот збор за да ги спасам животите на другите, бидејќи така како што размислуваат, нема да можат да најдат работа никаде. Ќе им остане дамка до крајот на животот“, рече Вучиќ, според Нова.рс.
Тој нагласи дека е претседател и на оние луѓе кои велат дека тој е дилер на дрога и дека неговиот татко не е негов татко. „Јас морам да се грижам за нив“, забележа тој, додавајќи дека тие паднале под влијание на „пропагандната телевизија на криминалец“.
Вучиќ се обрати во неделата, еден ден по масовниот студентски протест во центарот на Белград.
„Седум месеци терор се случуваат од група луѓе кои го зедоа законот во свои раце. Обвинителството мора да си ја заврши работата, доаѓа време за одговорност. Нема да потпишам помилувања, никаква аболиција“, рече тој во таа пригода.
Регион
Санторини и Миконос се најскапи: од денес, туристите плаќаат нов данок во Грција

Од денес, патниците на крузери ќе плаќаат данок од 20 евра ако патуваат до островите Санторини и Миконос, како и пет евра ако одат на други грчки острови, објави Министерството за финансии на таа земја.
„Како што диктира регулативата, оваа такса ќе се однесува на Санторини, Миконос и други острови во помала мера“, изјави претставник на Министерството за финансии, пренесуваат медиумите во регионот.
Грција минатата година донесе закон за да се обиде да го регулира пристигнувањето на големи бродови на популарните туристички дестинации и да ја олесни инфраструктурата.
Даноците ќе се наплаќаат од 1 јуни до 20 септември, а според регулативата, крузерите ќе ги плаќаат од сопствен буџет, а подоцна ќе ги вклучат во цената на билетот за патниците.
Патувањето со крузери станува сè попопуларно во последните неколку години, а приходите во овој сектор се зголемија за 22,4 проценти во текот на изминатата година.
Регион
Милановиќ: Лицемерни и неискрени ветувања за Украина за членство во ЕУ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денес изјави дека, за жал, Европската Унија со години убива некои земји, а за тоа недостига волја кај некои актери со одложување на нивните преговори.
„Тоа се Црна Гора, Албанија. Па во таа смисла легитимно е да се зборува за Украина во ЕУ, но можам да забележам дека тоа е земја чии територијални перспективи не се јасни. Таа е во војна, а што се однесува до општите услови за членство, не гледам дека ги исполнува. Тоа се фактите. Што ќе се случи потоа, ќе одлучи ЕУ“, рече Милановиќ.
Милановиќ им го кажа ова на новинарите откога го угости својот полски колега Петер Пелегрини одговарајќи на прашање за членството на Украина во Европската Унија.
„Искрено, мислам дека таквото ветување е лицемерно и неискрено. Ова е ставот кон Украина од првиот ден, од 2013 година. Многу зборував за тоа“, рече Милановиќ, а потоа продолжи да зборува за средствата за одбрана:
„Практично, ѝ дадовме на Украина 35 тенка подарок и ништо не добивме за возврат. Добивме трошки од Германија“.
„Способности, а не проценти, тоа е она што е важно“, рече Милаовиќ и продолжи:
„Разговарав со американскиот претседател Доналд Трамп кажувајќи му, без никаков сарказам, дека цените на оружјето треба да се намалат. Американците, Германците, Французите и Британците се како агенти за продажба на сопствените одбранбени индустрии. А ние, од друга страна, сме купувачи и купуваме неверојатно скапа стока кога ќе ја добиеме. Тоа се фактите и на оној што не му се допаѓа нека престане да живее во свет на фантазии“.
Тој исто така коментира за критиките дека словачкиот претседател Роберт Фицо е руски човек.
„Руски човек, што значи тоа? Го познавам. Тој не е руски човек, дури ни во однос на афинитетите, но во некои критични ситуации ќе се однесува како што се однесува“, рече Милановиќ.
Тој вели дека нема никаква врска со Русите, но не може да биде изненаден кога тоа доаѓа од луѓе што ги поминале своите кариери како руски пудлици.
„Дали е ова уреден начин на комуникација?“, праша претседателот на Хрватска и рече:
„Овие приказни дека сум руски човек се одвратни и доаѓаат од луѓе што треба да внимаваат што зборуваат“, објави хрватскиот портал „Дневник“.