Свет
Студија: Комбинација на три лека овозможува побрзо заздравување од ковид-19
Комбинацијата на три антивирусни лекови помага да се ублажат симптомите кај пациентите со лесна до умерена инфекција на коронавирус, покажуваат резултатите од една мала студија спроведена од научници од Хонг Конг.
Студијата вклучила 127 пациенти, а истражувачите го споредиле ефектот на лековите користејќи контролна група на пациенти. Една група добила комбинација од три лекови: лопинавир-ритонавир – лек за лекување на ХИВ , рибавирин што се користи за лекување на хепатитис, и бета интерферон за лекување на мултиплекс склероза. Контролната група на пациенти примала само лекови за ХИВ.
Резултатите од студијата објавена во весникот „Лансет“ покажале дека пациентите кои се лекувале со комбинацијата од лековите, заздравеле побрзо.
„Истражувањата сугерираат дека раното лекување на блага до умерена форма на ковид-19 со комбинација на трите антивирусни лекови може брзо да ја поттисне количината на вирус во телото на пациентот, да ги ублажи симптомите и да го намали ризикот од зараза на здравствените работници“, рече Квок-Јунг Јен, професор од Универзитетот во Хонг Конг и еден од учесниците во истражувањето.
Како дел од студијата, сите пациенти добија стандардна болничка помош по потреба. На некои им беше потребна дијализа, на други респиратор, а на некои антибиотици.
Коук-Јунг Јен смета дека резултатите се „охрабрувачки“, но истакнува дека истражувањата за ефектите од тројниот лек треба да се спроведат кај поголем број пациенти и врз лица со потешка форма на ковид-19.
Независните експерти, исто така, сметаат дека резултатите се многу позитивни, но велат дека подетални студии ќе треба да се спроведат кај поголем број испитаници.
„Овие резултати без сомнение укажуваат на оправдано вклучување на бета интерферон во списокот на лекови со ветувачки исход во третманот на пациенти со ковид-19 во понатамошни испитувања“, рече Стивен Еванс, професор по фармакоепидемиологија на лондонската школа за хигиена и тропска медицина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте: Европа апсолутно ги поддржува дејствијата на Америка и Израел во Иран
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во разговор со новинарите изјави дека Европа „апсолутно ги поддржува дејствијата на САД во Иран“, нагласувајќи дека Иран е закана за Европа, за Израел и за другите земји во регионот.
На прашањето дали одлуката на британскиот премиер Кир Стармер да им дозволи на САД да ги користат британските бази за напади врз Иран дошла предоцна, Руте одговори дека пред официјалното одобрување од Велика Британија, морало да се решат „правните аспекти на прашањето“, пренесува Би-Би-Си.
Тој потврди дека пред интервенцијата на САД во Иран, имал бројни разговори со американски претставници и додаде дека официјален Вашингтон и НАТО воспоставиле „тесна координација“.
На прашањето од британската јавна служба дали силите на НАТО ќе бидат вклучени во операциите во Иран, Руте одговори негативно и додаде дека „очигледно ова е кампања предводена од Американците и Израелците“, пренесува Танјуг.
Свет
Иранскиот шеф за безбедност: Подготвени сме за долготрајна војна
Секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Али Ларијани, изјави дека Иран е подготвен за долготрајна војна и дека иранските вооружени сили не учествувале во напади освен во самоодбрана.
Во објава на платформата „Икс“, Ларијани порача дека Иран не го започнал овој конфликт и дека ќе се брани без оглед на цената.
Тој претходно порача дека Иран нема да преговара со САД. Изјавата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека новото иранско раководство сака разговори и дека тој е подготвен за тоа.
Фото: Depositphotos
Свет
Кина го поддржа Иран во одбрана од нападите, повика на итен прекин на воените операции
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во телефонски разговор со иранскиот колега Абас Арагчи изјави дека Пекинг го поддржува Техеран во одбрана на неговиот суверенитет и територијален интегритет во услови на американско-израелски напади, пренесе АФП.
Според кинеската државна телевизија ЦЦТВ, Ванг порача дека Кина го поддржува Иран во заштита на неговите „легитимни права и интереси“.
Во разговори со министрите за надворешни работи на Оман и Франција, Ванг ги повика САД и Израел веднаш да ги запрат воените операции и да се избегне понатамошна ескалација. Тој ги обвини Вашингтон и Тел Авив за „намерно поттикнување војна“ и оцени дека со тоа се прекршуваат принципите на Повелбата на ОН.
Кина, како што наведе, е подготвена да одигра конструктивна улога преку Советот за безбедност на ОН, а иранското нуклеарно прашање, според него, треба да се врати на патот на политичко и дипломатско решение.
Фото: Depositphotos

