Свет
Судот на ЕУ ѝ нареди на Унгарија да плати глоба од 200 милиони евра поради мигрантската политика

Унгарија ќе мора да плати глоба од 200 милиони евра поради непримена на промените во политиката за третман на мигрантите и барателите на азил, објави денеска највисокиот суд на ЕУ, Европскиот суд на правдата.
Судот наведе дека Унгарија, која претходно одби да ја спроведе судската одлука од 2020 година, исто така ќе мора да плаќа глоба од еден милион евра дневно додека целосно не ги спроведе предвидените мерки, пренесе „Ројтерс“.
Судот на ЕУ укажува дека Унгарија не презела мерки за почитување на пресудата од 2020 година во однос на правата на барателите за меѓународна заштита да останат во Унгарија до конечната одлука по нивната жалба против одбивањето на нивната апликација.
„Тој пропуст, кој се состои во намерно избегнување на примената на заедничката политика на ЕУ во целина, е чин без преседан и претставува исклучително сериозно кршење на правото на ЕУ“, се вели во денешната судска пресуда.
Унгарската влада претходно тврдеше дека пресудата од 2020 година е оспорена бидејќи веќе ги затворила т.н. транзитни зони и ги заостри правилата што забрануваат идни барања за азил.
Според сегашното унгарско законодавство, мигрантите може да аплицираат за азил само надвор од границите на Унгарија во нејзините амбасади во соседна Србија или Украина.
Орбан во 2021 година рече дека Унгарија ќе го задржи постојниот режим кон барателите на азил, дури и по одлуката на судот на ЕУ од 2020 година.
Европската комисија (ЕК) поднесе втора жалба против Унгарија до Судот на ЕУ на почетокот на 2022 година, во која се наведува дека Унгарија не ги презела сите неопходни мерки за да се усогласи со пресудата од 2020 година, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Фон дер Лајен: ЕУ ќе ги зголеми санкциите кон Русија, вклучувајќи ги и „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека Европската Унија ќе го зголеми притисокот врз Русија и дека работи на нов пакет санкции, вклучувајќи санкции против „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“.
„Тој (рускиот претседател Владимир Путин) повика на прекин на огнот за време на годишнината од 9 мај, што самиот тој никогаш не го почитуваше. Потоа Украина повика на прекин на огнот, што беше поддржано од Европската Унија и САД, но претседателот Путин одби. И конечно, Путин предложи директна средба меѓу Украина и Русија во Турција. Претседателот Зеленски беше подготвен за средбата, но претседателот Путин никогаш не се појави“, рече фон дер Лајен во пресрет на самитот на европската политичка заедница во Тирана.
Според неа, ова ги покажува вистинските верувања на Путин. „Значи, ќе го зголемиме притисокот. Работиме на нов пакет санкции, на санкции што вклучуваат санкции против „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, но и намалување на горната граница на цената на нафтата. И конечно, повеќе финансиски санкции врз рускиот финансиски сектор“, истакна таа.
Таа нагласи дека ЕУ сака мир и дека мора да се зголеми притисокот врз претседателот Путин, пренесува Танјуг.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, исто така, во Тирана изјави дека ЕУ „веќе размислува за следниот пакет санкции“.
Самитот на Европската политичка унија ги собира лидерите од цела Европа – 27 членки на ЕУ и 20 земји кои не се членки.
Свет
Кинеските државни медиуми: Паузата за царините меѓу САД и Кина треба да се продолжи

90-дневното примирје меѓу САД и Кина во трговската војна е прекратко, напиша кинескиот државен медиум „Глобал тајмс“, додека претставниците на двете најголеми економии во светот се прегрупираат во Кореја.
На самитот во Женева минатиот викенд, САД се согласија да ги намалат дополнителните тарифи што ги наметнаа на кинескиот увоз минатиот месец од 145 проценти на 30 проценти во текот на следните три месеци, додека Кина вети дека ќе ги намали тарифите на американскиот увоз од 125 проценти на 10 проценти.
„Просторот за меѓусебно корисна соработка треба да се прошири далеку над 90-дневниот период“, пишува „Глобал тајмс“, кој е во сопственост на државниот весник „Пиплс дејли“, и кој често е првиот што во последните години известува за чекорите што Кина има намера да ги преземе во трговските спорови.
„Се надеваме дека американската страна ќе продолжи да ги надградува резултатите од неодамнешните преговори и ќе продолжи да се сретнува со Кина на половина пат“, напиша „Глобал тајмс“.
Свет
Руте: Путин направи грешка со испраќањето делегација од пониско ниво на мировните преговори

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес изјави дека рускиот претседател Владимир Путин направил грешка што не испратил делегација на повисоко ниво на мировните преговори во Истанбул.
„Путин направи грешка испраќајќи делегација на пониско ниво.
Всушност, топката е во негов двор, во смисла дека тој мора да игра, во смисла дека тој мора сериозно да се справи со наоѓање мир, а целиот притисок е врз него“, изјави Руте за новинарите пред самитот на Европската политичка унија во Тирана.
Од друга страна, тој оцени дека е многу добро што претставниците на Украина седнаа на преговарачка маса и што Киев ја испрати очекуваната делегација за преговори за мир. Тој, исто така, изрази задоволство од улогата на САД и напорите на претседателот Доналд Трамп за деблокирање на ситуацијата кога станува збор за мировните преговори меѓу Украина и Русија, пренесува Танјуг.