Вести
Тилерсон во април не оди на состанокот на НАТО, но ќе патува во Русија
Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон планира да го пропушти состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО кој ќе се одржи на 5-ти и 6-ти април, поради посетата на кинескиот претседател Кси Џинпинг на САД, но подоцна кон средината на април ќе патува во Русија, соопштија американски функционери, а сојузниците овој негов потег би можеле да ги протолкуваат како ставањето на интересите на Москва пред нивните.
Рекс Тилеросн има намера да го пропушти својот прв состанок во својство на американски државен секретар во Брисел со 28-те колеги од членките на НАТО за да присуствува на разговорите коишто неговиот претседател Доналд Трамп ќе гои води на 6-ти и 7-ми април со кинескиот претседател Кси Џинпинг во летувалиштето на Трамп на Флорида, изјавиле четворица сегашни и поранешни американски функционери, пренесува Reuters.
Одлуката да се прескокне НАТО и да се посети Москва би можело да предизвика впечаток дека Трамп американските односи со големите сили, во случајов Русија и Кина, ги става пред оние со помалите нации чијашто безбедност зависи од Вашингтон, изјавиле двајца поранешни американски функционери.
Се потсетува дека Трамп во кампањата често го фалеше рускиот претседател Владимир Путин, како и дека Тилерсон со години соработуваше со руската влада како извршен директор на нафтената компанија „Exxon Mobil Corp“ и ја доведуваше во прашање оправданоста од воведувањето на санкциите против Русија за кои тврди дека им наштетуваат на американските компании.
Портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер, изјавил дека не може да коментира дали Тилерсон ќе го пропушти состанокот на НАТО, односно ќе ја посети Русија. Двајца функционери рекле дека Тилерсон планира да ја посети Русија на 12-ти април.
„Тоа ги потхранува приказните дека администрацијата на Трамп на некој начин е блиска на Русија“, рекол поранешен американскиот функционер кој зборувал под услов да остане анонимен.
„Не би требало првите работи да бидат склучувани со најголемите светски автократи. Би требало да се започне со демократите, а НАТО е безбедносен инструмент на интератлантската група големи демократии“, додал.
Секоја посета на Русија на некој висок функционер на администрацијата на Трамп ќе биде под лупа откако директорот на Федералното истражно биро (FBI) во понеделникот тврдеше дека неговата агенција ја истражува можноста за тајно договарање меѓу руската влада и претставник на претседателската кампања на САД.
Изминатиот период Трамп ја предизвика загриженоста на сојузниците во НАТО говорејќи за овој сојуз како за „застарен“ и притискајќи ги другите членки да ја исполнат својата обврска од најмалку два отсто од бруто домашниот производ за одбраната, порачувајќи дека САД многу трошат за нивната безбедност во споредба со тие самите.
Поранешен дипломат на НАТО, кој исто така сакал да остане анонимен, рекол оти се надева дека сепак би можел да се најде начин Тилерсон да присуствува на двата состанока, доколку, на пример, се промени датумот на разговорите во НАТО.
Уште еден анонимен дипломат рекол дек единствениот став во однос на Москва е клучен. „Имајќи ги предвид предизвикот кој го претставува Русија, не само за САД туку и за Европа, е клучно да се задржат основите на заедничкиот став, доколку тоа воопшто е можно“, додал дипломатот./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
