Свет
Трамп ги обвини лабуристите за мешање во изборите, британскиот премиер негира

Британскиот лабуристички премиер Кир Стармер ги отфрли обвинувањата на тимот на Доналд Трамп дека неговата партија се мешала во претседателските избори во САД во корист на демократската кандидатка Камала Харис.
Тимот што ја води претседателската кампања на Трамп објави дека поднел жалба до Федералната изборна комисија на САД против владејачката британска лабуристичка партија, обвинувајќи ги за „незаконско странско мешање и придонеси во кампањата, вклучително и финансиски“, на демократскиот претседателски кандидат.
Адвокатите на Трамп тврдат дека таквата помош од странски актери е кршење на американските закони за финансирање на кампањата.
„Кампањата на Камала Харис прифати и прибегна кон нелегална странска помош, што е уште еден обид во низата антиамерикански обиди да се меша во изборите“, рече Сузи Вајлс, една од главните фигури на кампањата на Трамп.
Како доказ за мешањето на британските лабуристи во американските избори, кампањата на Трамп ги цитира медиумските извештаи дека претставници на Лабуристичката партија патувале во САД во последните месеци за да понудат совети за кампањата на Камала Харис. Меѓу нив беа Морган МекСвини, шеф на кабинетот на британскиот премиер Кир Стармер, потоа Метју Дојл, шеф за комуникации во кабинетот на премиерот и советничката на МекСвини за стратешки прашања, Дебора Метинсон.
Како доказ во пријавата се нуди функцијата на Софија Пател, шефица на операции во Лабуристичката партија, на деловната социјална мрежа „Линкед ин“, каде напишала (и оттогаш ја избришала објавата) дека дури стотина сегашни и поранешни партиски претставници на Лабуристичката партија патуваат во САД со цел да помогнат во кампањата на потпретседателката Харис.
Таа ги повика и волонтерите да преземат акција, ветувајќи дека ќе го „организираат нивното сместување“.
Британскиот премиер Стармер, за време на посетата на самитот на членките на Комонвелтот во Самоа, рече дека членовите на Лабуристичката партија патувале на вакви ангажмани во САД практично во секој изборен циклус на доброволна основа.
„Се што направија за време на претходните избори, сега го прават на овие. Многу едноставно“, рече Стармер.
Тој, исто така, оцени дека обвинувањата дека лабуристите ја помагаат кампањата на Камала Харис нема да му наштетат на неговиот „добар однос“ со Доналд Трамп.
„Поминав време во Њујорк со поранешниот претседател Трамп, вечеравме заедно и воспоставивме добри односи. Имавме добра, конструктивна дискусија и како премиер на Велика Британија ќе работам со кој и да го избере американскиот народ за претседател“, рече Стармер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија и Кина со заедничка поддршка и фокус на Украина и САД

Шефовите на дипломатиите на Русија и Кина, Сергеј Лавров и Ванг Ји, денеска во Пекинг одржаа средба на која разговараа за перспективите за завршување на војната во Украина, како и за односите со САД, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Средбата се одржа во пресрет на учеството на Лавров на состанокот на министрите за надворешни работи на Шангајската организација за соработка (ШОС), каде Русија и Кина имаат клучна улога.
Според соопштението, двајцата министри ја потврдиле взаемната поддршка околу прашањата што се однесуваат на суверенитетот, територијалниот интегритет и националното единство на двете земји.
„Министрите изразија задоволство од позитивната динамика на руско-кинеската сеопфатна соработка и ја разгледаа билатералната агенда со фокус на спроведување на договорите од мајскиот самит во Москва“, информира руското МНР.
Во разговорот било опфатено и продлабочувањето на хуманитарната и практична соработка меѓу двете земји, како и деталите околу претстојниот самит на шефови на држави на земјите-членки на ШОС, како и проширениот формат „ШОС плус“.
Дополнително, Лавров и Ванг Ји разговарале и за односите со САД и решавањето на украинската криза, при што ја нагласиле важноста од тесна координација на глобалната сцена, особено преку Обединетите нации, Советот за безбедност, БРИКС, Г20 и АПЕК.
Кина и Русија во февруари 2022 година воспоставија стратешко партнерство без ограничувања, што беше официјализирано за време на посетата на Владимир Путин на Пекинг.
Свет
(Видео) 11 лица се повредени откако џип се заби во градина на ресторан во Атина

Црн џип се заби во градина на ресторан во населбата Колонаки во Атина со голема брзина доцна синоќа, од сè уште непознати причини, а според властите, во несреќата се повредени 11 лица.
Еден од повредените е задржан на интензивна нега на набљудување, додека две жени се оперирани поради сериозни скршеници, објавија грчките медиуми.
Според медиумските извештаи, возилото било паркирано на надолнина, а според првичните информации, 35-годишниот обезбедувач не ја активирал рачната сопирачка при паркирање.
Кога се обидел повторно да го паркира возилото на слободно паркинг место од другата страна на улицата, го оставил автомобилот без надзор, што му овозможило на џипот да се движи сам и да ја предизвика несреќата.
Возилото се урнало по скалите, се искачило на тротоарот, искорнало дрво, а потоа се забило во градината на ресторанот, повредувајќи неколку гости кои седеле на масите пред ресторанот.
Η στιγμή του τρομακτικού τροχαίου στο Κολωνάκι #tanea #taneagr #kolonaki #κολωνακι pic.twitter.com/96u3efOsvg
— TA NEA (@ta_nea) July 13, 2025
„Слушнав силен тресок. Некој извика кола! Пред да сфатам што се случува, бев на земја, покриен со крв. Имав среќа, дрвото го запре возилото пред целосно да стигне до масата каде што седев“, рече една од повредените гостинки во ресторанот, додавајќи дека имала скршена рака, повреди на главата и ребрата.
Очевидци рекоа дека слушнале силен тресок, кршење стакло и вресоци, а кога се приближиле до местото на несреќата, ги пронашле повредените на тротоарот, возилото се удрило во ѕид и маси расфрлани наоколу.
Веднаш по инцидентот, осомничениот обезбедувач бил уапсен, а против него е покрената постапка за нанесување тешки телесни повреди и кршење на прописите за безбедност во сообраќајот.
Сопственикот на возилото исто така бил приведен, но подоцна бил пуштен на слобода. Седум амбулантни возила биле веднаш испратени на местото на настанот, а сите повредени биле префрлени во болница.
Пет лица биле пуштени дома по добивањето на лекарска помош, додека шест биле задржани на лекување, соопшти грчкото Министерство за здравство, истакнувајќи дека сите пациенти во моментов се надвор од опасност, а нивната состојба е стабилна и под контрола.
Истрагата за точните околности што доведоа до несреќата е во тек.
Свет
Зеленски: 1.800 дронови и 1.200 бомби врз Украина за една недела, Русија го засилува теророт

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за ескалација на теророт врз цивилното население, откривајќи дека во последната недела врз Украина биле лансирани најмалку 1.800 беспилотни летала, над 1.200 лизгачки бомби и 83 ракети.
„Русите го зголемуваат теророт врз нашите градови и општини со цел дополнително да го заплашат народот“, изјави Зеленски преку Телеграм, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Според него, воздушните напади стануваат сè поинтензивни, особено ноќе, а Русија секојдневно ја напаѓа Украина од воздух.
Зеленски ја пофали ефикасноста на украинската противвоздушна одбрана, нагласувајќи дека специјално развиени дронови-пресретнувачи успешно собориле стотици ирански борбени дронови „Шахед“, кои Русија ги користи за напади.
Претседателот на Украина информираше и дека неодамна имал интензивни разговори со западните партнери, со цел понатамошен развој на овие одбранбени технологии.
Како што наведува ДПА, Русија во средата го извела најголемиот напад со беспилотни летала досега, при што украинската одбрана успеала да пресретне повеќе од 700 дронови во еден ден.
Инаку, Украина веќе повеќе од три години се брани од целосната руска инвазија, со голема поддршка од западните земји во оружје, технологии и воена обука.