Свет
Трамп го избра новиот советник за национална безбедност- генерал со огромен талент и искуство
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во понеделникот дека 54-годишниот генерал-полковникот Херберт Рејмонд Мекмастер ќе биде негов советник за национална безбедност опишувајќи го како талентиран, искусен и уважуван човек, повторно свртувајќи се кон кадри од американската армија кои би требало да ја имаат централната улога во неговиот тим за надворешна политика.
„Тој (Мекмастер) е човек со огромен таленти огромно искуство… Ужива голем респект во армијата, и ние сме многу горди што тој е со нас“, изјави Трамп на Флорида на церемонијата на објавување на новиот советник, соопшти Белата куќа.
Трамп, исто така, рече дека „прекрасниот човек“ Кит Келог, кого Мекмастер добро го познава, ќе продолжи да работи како шеф на уредот на Советот за национална безбедност.
Американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, го именуваше Кит Келог, пензиониран генерал на копнените војски кој беше вршител на должноста советник за национална безбедност, за шеф на кабинетот на Советот за национална безбедност. Говорејќи пред новинарите во Вест Палм Бич, на Флорида, каде го мина викендот, Трамп изјави и дека Џон Болтон, поранешниот американски амбасадор во Обединетите нации ќе извршува друга должност во неговата администрација.
Зборувајќи за Болтон, кого го вброи и меѓу кандидатите за свој советник за национална безбедност, Трамп истана дека ќе го замоли да се ангажира „на друга должност“, како и некои други генерали, со коишто се среќавал изминатите денови.
Генералот Херберт Рејмонд Мекмастер е високо ценет воен тактичар и стратег, но неговиот избор ги изненади некои аналитичари кои го поставуваат прашањето како Мекмастер, познат по тоа што ги доведува во прашање авторитетите, ќе успее во Белата куќа којашто не сака критики на своја сметка.
Тој ќе го замени верниот приврзаник на Трамп, исто така генералот во пензија на копнените војски Мајкл Флин, кој отстапи од должноста советник за национална безбедност на 13-ти февруари откако во медиумите разузнавачката заедница на САД достави извештаи дека не го известувал целосно потпретседателот Мајк Пенс за разговорите со рускиот амбасадор во Вашингтон Сергеј Килслјак, но во неделата весникот The New York Times објави сознанија дека од украински политичар и парламентарец Флин добил предлог како да се регулираат односите меѓу Киев и Москва, што би придонело за укинувањето на санкциите што ги наметна администрацијата на поранешниот демократски претседател Барак Обама. Не е познато за јавноста дали Флин и Кислјак разговарале околу симнувањето на санкциите пред инаугурацијата на Трамп.
Должноста советник за национална безбедност е независен соработник и не бара потврда од американскиот Сенат. Улогата се разликува од администрација до администрација, но она што е важното е што советникот учествува на состаноците на Советот за национална безбедност заедно со челниците на Стејт департментот, на Пентагон и на главните разузнавачки и безбедносни агенции.
Мекмастер дипломирал на престижната воена академија Вест Поинт, познат е како Ејџ Ар, има докторат од историја од Универзитетот на Северна Каролина во Чапел Хил. На листата на неделникот Time е наведен меѓу 100-те највлијателни луѓе во 2014 година, делумно и затоа што е подготвен да му се спротистави на системот.
Ветеран од воени операции, реномето го стекна во првата Заливска војна кога е одликуван со Сребрена ѕвезда откако командувајќи со малата единци на Вториот коњички полк на американските копнени војски уништил далеку побројни сили на ирачката Републиканска гарда во 1991 година на котата наречена 73 Источно, според координатите на мапите, во она што многумина ја нарекуваат најголемата тенковска битка од Втората светска војна.
Славата на Мекмастер порасна по издавањето на неговата книга од 1997 година „Занемарување на должноста“ во којашто го критикува военото и политичко водство на САД поради лошото раководење во текот на Виетнамската војна./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Избран е новиот врховен лидер на Иран
Иранското Собрание на експерти го избра Моџтаба Хосеини Хамнеи за нов врховен лидер на Исламската Република, објавува Иран Интернешнл.
Овој историски и клучен политички потег за иднината на земјата дојде само неколку дена откако неговиот татко, долгогодишниот ајатолах Али Хамнеи, беше убиен во разорен израелски воздушен напад рано наутро во саботата.
Моџтаба Хамнеи е најстариот син на убиениот врховен лидер и личност со исклучително длабоки корени во безбедносниот и воениот апарат на државата.
Уште како млад човек, тој активно учествувал во крвавата војна Иран-Ирак, борејќи се токму во редовите на Револуционерната гарда. Неговото влијание особено се зајакна кога го презеде оперативното водство на озлогласената паравоена организација Басиџ, милиција која одигра клучна и брутална улога во насилното задушување на масовните антивладини протести по спорните претседателски избори во 2009 година.
Неговото официјално назначување на највисоката верска и политичка позиција во земјата испраќа недвосмислена порака до Западот, но и до домашната јавност, дека иранското раководство не планира никакви отстапки или поумерени политики во наредните денови.
фото/Depositphotos
Регион
Вучиќ лут на граѓаните: „Отидоа да се сончаат во Дубаи и не ме слушаа што зборував“
Првиот авион со патници од Дубаи слета во Белград рано утрово, а вториот се очекува во текот на ноќта. Српскиот претседател Александар Вучиќ е лут на граѓаните кои, како што вели, не го послушале, иако немало официјално државно предупредување против патување на Блискиот Исток, пишува N1 Белград.
„Сите оние кои се сончаа во Дубаи и не ме слушаа што зборував сега ќе ги бараат виновниците во нас, кои им помагаат да се извлечат од сето ова“, рече српскиот претседател.
Првото враќање од Емиратите до Србија беше успешно, иако летот беше одложен за неколку часа и помина подолг пат преку Оман. Патниците ја опишуваат хаотичната ситуација.
„Никој не не контактираше. Неколку пати се јавив во амбасадата, но немаа информации. Бевме сами“, рече еден од патниците. Други додадоа: „Не излеговме ниту се движевме многу. Амбасадорот не посети и тоа беше тоа.“
Еден патник рече: „Беше хаотично и воопшто не беше безопасно. Никој не ни зборуваше, но ниту ние не го очекувавме тоа. Сè решивме во лет.“ Сите се согласуваат за едно: „Секој може да каже што сака, но ситуацијата не беше безопасна.“
Дека ситуацијата не беше безопасна потврдуваат и експертите кои го следеа летот. „Безбедносните услови за тој лет не беа добри. Само 25 минути по полетувањето, целиот воздушен простор на Емиратите беше затворен бидејќи Министерството за одбрана објави дека бараж од балистички ракети се движи кон Емиратите“, вели Петар Војиновиќ од порталот „Танго Сикс“.
Ситуацијата на терен е непредвидлива, но оние што живеат и работат во Емиратите ја доживуваат поинаку од туристите.
„Градилиштето работи, има повеќе сообраќај на улиците, трговските центри се отворени, Бурџ Калифа не е евакуирана. Фала му на Бога, сè е нормално“, вели агентот за недвижности Милан Станиќ.
ИТ експертот Милан Шариќ размислува слично: „Жал ми е за туристите, нивната ситуација е поинаква. Тие се на аеродромот, слушаат звуци, не ѝ веруваат на владата тука, а за нив сè е различно“.
фото/Depositphotos
Свет
Иран: Сè уште не сме го употребиле нашето најнапредно оружје
Иран е подготвен за долга војна против САД и Израел и сè уште не го употребил своето најнапредно оружје, соопшти денес иранското министерство за одбрана.
„Имаме капацитет да се спротивставиме и да продолжиме со офанзивната одбрана подолго отколку што непријателот планираше за оваа наметната војна“, изјави портпаролот на министерството, Реза Талаеи-Ник, цитиран од официјалната новинска агенција ИРНА.
„Немаме намера да го распоредиме целото наше напредно оружје и опрема во првите неколку дена“, додаде тој.
Во меѓувреме, Револуционерната гарда вечерва објави дека испалила уште еден пламен од ракети кон Израел.
„Шеснаесеттиот бран на „Операција Вистинско ветување 4“ започна со голем број ракети и беспилотни летала лансирани од Воздухопловните сили на Револуционерната гарда кон срцето на окупираните територии“, се вели во соопштението, осврнувајќи се на Израел.
фото/Depositphotos

