Свет
Трамп до Зеленски: Украина ќе биде уништена ако не склучи договор со Русија

За време на разговорот одржан на 17 октомври во Белата куќа, претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, го предупреди својот украински колега Володимир Зеленски дека Украина ќе биде уништена ако не постигне договор со Русија, објави „Ројтерс“ повикувајќи се на извори од Вашингтон.
„Вашата земја ќе се замрзне и ќе биде уништена ако не склучите договор со Русија“, се вели во пораката што, според соговорниците на агенцијата, Трамп ја изговорил за време на состанокот.
Иако некои извори негираа дека американскиот претседател буквално го предвидел уништувањето на Украина, тие потврдија дека тој користел остар јазик за време на состанокот и дека атмосферата била напната, пренесуваат медиумите. Според „Аксиос“, Трамп нагло го прекинал разговорот заклучувајќи: „Ќе видиме што ќе се случи следната недела“.
Според „Политико“, причината за ненадејното заострување на тонот на Трамп лежи во телефонскиот разговор што претходно го имал со рускиот претседател Владимир Путин.
„Се чини дека Путин повторно го промени мислењето на претседателот Трамп за Украина со еден повик“, изјави еден од американските функционери за оваа публикација.
По тој разговор, Трамп наводно го променил својот фокус: наместо да разговара за можната испорака на американски крстосувачки ракетитомахавк“ на Украина, тој почнал да инсистира дека Киев мора да направи територијални отстапки за да се стави крај на конфликтот.
Според „Вашингтон пост“, специјалниот пратеник на Белата куќа, Стивен Виткоф, го замолил Зеленски да направи отстапки кон Москва во врска со територијата на Донецката Народна Република. Самиот Зеленски подоцна потврдил дека имало разговор на таа тема наведувајќи дека дури и било споменато повлекувањето на украинските сили од одредени региони.
Според извори на „Политико“, Трамп предложил „замрзнување на конфликтот на сегашната фронтова линија“ како начин за завршување на конфликтот. Зеленски го отфрлил овој предлог по што американскиот претседател го завршил состанокот без конкретен резултат.
Украинската делегација, која пристигнала во Вашингтон во рекорден состав – со неколку министри и високи функционери – не успеала да потпише ниеден од очекуваните договори со американската влада и приватниот сектор. Соговорниците на „Политико“ проценуваат дека Киев, инсистирајќи на испорака на ракети „томахавк“, ја пропуштил можноста да добие модерни ракети воздух-воздух за ловците „Ф-16“ и системи „Патриот“.
„Украина, со прекумерно фокусирање на едно прашање, изгубила простор за маневрирање и во други клучни области – од конфискација на руски средства до американски испораки на гас“, изјавил извор од Републиканската партија.
Европејците ја менуваат својата стратегија
Според „Фајненшл тајмс“, европските претставници сега бргу подготвуваат планови за непредвидени ситуации за Украина обидувајќи се да ги приспособат политиките за поддршка на исходот од средбата на Трамп со Зеленски.
Европската Унија размислува за проширување на финансиската помош за Киев преку заеми обезбедени со замрзнати руски средства, како и за подготовки за претстојната средба меѓу Трамп и Путин во Будимпешта.
Сепак, во Брисел веќе постои вознемиреност поради оваа средба. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, оцени дека претстојниот самит не е многу пријатен настан и повика на забрзана работа на новиот пакет санкции против Русија.
Додека „Ројтерс“ се повикува на извори блиски до Белата куќа, кои тврдат дека Трамп никогаш не спомнал трансфер на територија, други американски медиуми истакнуваат дека украинските и европските претставници останале во целосен информативен мрак по средбата.
Сепак, сите се согласуваат за едно – средбата во Белата куќа не донесе никакви конкретни резултати и само го продлабочи впечатокот дека американската политика кон Украина – под влијание на Москва – е во фаза на сериозни промени.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин најавува силен одговор ако се случи ракетен напад со Томахавк: „Нека размислат за тоа“

Рускиот претседател, Владимир Путин, упати остро предупредување до Соединетите Американски Држави, најавувајќи дека Русија силно ќе одговори во случај на напад со американски ракети „Томахавк“ на нејзина територија, објавија руските државни медиуми.
„Ако таквото оружје се користи за удар врз руска територија, одговорот ќе биде многу силен. Да не кажам – зачудувачки. Нека размислат за тоа“, рече Путин.
Тој ги нарече разговорите за можноста за испорака на вакви ракети во Киев обид за ескалација на конфликтот.
Рускиот претседател ги опиша новите американски санкции против Москва се непријателски чин што не ги зајакнува руско-американските односи. Како што оцени, новите санкции нема да имаат значително влијание врз економската благосостојба на земјата.
Рускиот претседател, исто така, рече дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за влијанието на ситуацијата со руската нафта врз цените низ целиот свет, вклучително и во САД.
„Ова ќе доведе до нагло зголемување на цените на нафтата и нафтените производи, вклучително и на бензинските пумпи. И САД не се исклучок. И со оглед на внатрешниот политички календар на САД, јасно е колку чувствителни ќе бидат некои процеси во овој поглед. И оние што наметнуваат такви одлуки на сегашната администрација мора да разберат за кого работат“, рече Путин.
Вчера, САД објавија дека воведуваат нов пакет санкции против Русија, кој вклучува мерки против најголемите нафтени компании Роснефт и Лукоил и нивните подружници.
Свет
Литванија: Руски авиони влегоа во нашиот воздушен простор, беа пресретнати од ловци на НАТО

Литванското Министерство за одбрана објави дека руски воени авиони накратко го нарушиле воздушниот простор на Литванија вечерва, што предизвикало брза реакција од ловците на НАТО кои беа во редовна патрола.
„Нашите сили дејствуваа брзо со помош на ловци на НАТО кои патролираа. Литванија е силна и подготвена. Секој сантиметар од нашата земја е заштитен“, објави министерството на платформата „Икс“. Не беа објавени детали за видот на рускиот авион, времетраењето на инцидентот или точната локација.
Литванскиот претседател Гитанас Науседа остро го осуди инцидентот.
„Остро го осудувам нарушувањето на литванскиот воздушен простор од страна на ловци и транспортни авиони на Руската Федерација од Калининград. Ова е грубо кршење на меѓународното право и територијалниот суверенитет на Литванија, на кое мора да одговориме.“
Инцидентот следеше по сличен инцидент во септември, кога три руски борбени авиони МиГ-31 влегоа во естонскиот воздушен простор во близина на островот Ваиндло и останаа таму околу 12 минути. Инцидентот предизвика остри реакции од Талин и НАТО, кои го опишаа летот како „неодговорен“. Во тој случај, италијански борбени авиони Ф-35 распоредени како дел од мисијата за надзор на балтичкиот воздушен простор беа соборени, додека Москва негираше какво било прекршување.
Напната ситуација во воздухот
Нарушувањата на воздушниот простор на балтичките држави од страна на руски авиони се ретки, но многу чувствителни, особено по почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година. Сојузничките борбени авиони редовно ги пресретнуваат руските авиони што летаат без планови за летање, транспондери или радио комуникации, иако повеќето од овие летови остануваат надвор од воздушниот простор на НАТО.
Кон крајот на септември, Литванија ги овласти своите вооружени сили да соборуваат беспилотни летала што влегуваат во нејзиниот воздушен простор, откако неколку руски беспилотни летала паднаа на литванска територија во близина на границата.
Балтичката мисија за надзор на воздушниот простор на НАТО работи од воздухопловните бази во Шјауљај, Литванија и Амари, Естонија, обезбедувајќи трајна воздушна одбрана за трите балтички држави.
Моментално, мисијата ја командуваат шпанските воздухопловни сили, кои распоредија осум ловци „Еурофајтер Тајфун“ во базата Шјауљај. Италијанските „Тајфуни“ се стационирани во естонската база Емари, каде што обезбедуваат дополнителна брза поддршка во случај на инциденти.
Свет
Се огласи Путин по воведувањето на санкциите од страна на САД

Рускиот претседател, Владимир Путин, го даде својот прв директен одговор на американските санкции воведени врз Русија.
Тој рече дека санкциите нема да влијаат на руската економија, но ги опиша како „непријателски чин“ што не придонесува за зајакнување на односите со САД. Тој потврди дека ќе има одредени загуби, но дека руската енергетска индустрија се чувствува безбедно. Путин рече дека Русија спаѓа во групата земји кои се почитуваат себеси и немаат намера да донесуваат одлуки под притисок, додавајќи дека дијалогот е секогаш подобар од војната.
Според него, замената на руската нафта на светскиот пазар ќе трае долго и ќе доведе до пораст на цените.
Зборувајќи за откажаниот самит со Доналд Трамп во Будимпешта, Путин рече дека средбата била предложена од американската страна.
Тој додаде дека Трамп веројатно не мислел дека средбата е откажана, туку одложена, кога зборуваше вчера во Белата куќа, објави Скај.
Во меѓувреме, Володимир Зеленски одржа серија средби со неколку од 27-те европски лидери на состанокот на Европскиот совет во Брисел.
Пред своето обраќање, украинскиот претседател сподели објави на социјалните мрежи за неговите разговори со полскиот премиер Доналд Туск, германскиот канцелар Фридрих Мерц и финскиот премиер Петери Орп.
Претходно се сретна и со францускиот претседател Емануел Макрон и чешкиот премиер Петр Фиал.