Свет
Трамп до НАТО: Подготвен сум да воведам санкции кон Русија ако и вие тоа го направите
Американскиот претседател Доналд Трамп преку својата мрежа Truth Social објави „писмо до сите народи на НАТО и светот“, во кое најавува дека е подготвен да воведе силни санкции кон Русија, но само доколку и сите земји на НАТО се усогласат и престанат да купуваат руска нафта.
„Подготвен сум да воведам големи санкции кон Русија кога сите земји членки на НАТО ќе се усогласат и ќе почнат да го прават истото, и кога ќе престанат да купуваат нафта од Русија. Во секој случај, јас сум подготвен да ‘тргнам’ кога и вие ќе бидете. Само кажете кога,“ порача Трамп.
Тој предложи и воведување царини од 50 до 100 проценти на Кина, кои би се укинале откако ќе заврши војната меѓу Русија и Украина. Според него, тоа би помогнало да се скрати руското влијание и побрзо да се стави крај на конфликтот.
„Ова не е моја војна, таа никогаш немаше да започне доколку јас бев претседател. Ова е војна на Бајден и Зеленски. Јас сум тука само да помогнам да се запре и да се спасат илјадници животи,“ додаде Трамп, наведувајќи дека само минатата недела, според неговите информации, во Украина и Русија загинале повеќе од 7.000 луѓе.
Последните недели Трамп значително ја заостри реториката кон државите кои и понатаму купуваат руска нафта, предупредувајќи дека со тоа ја финансираат војната во Украина. На почетокот на август тој воведе дополнителни царини од 25 отсто за Индија поради продолжување на увозот на руски енергенси, директно или преку посредници.
Истовремено, во повеќе наврати ги повика европските лидери целосно да го прекинат купувањето руска нафта, предупредувајќи дека Европа и натаму ѝ обезбедува на Москва милијарди евра годишни приходи.
Трамп предложи и Г7 и Европската унија да воведат високи царини за Кина и за сите земји што продолжуваат да купуваат руска нафта, истакнувајќи дека неговото „трпение кон Путин е при крај“.
Европската унија засега е воздржана кон идејата за воведување царини од 100 отсто на стоката од Индија и Кина, а според дипломатски извори, ваквите екстремни мерки најверојатно ќе бидат одбиени. Наместо тоа, ЕУ се залага за постепено укинување на увозот на руска нафта и гас до 1 јануари 2028 година, со забрана за краткорочни договори што би стапила во сила уште следната година.
Индија, пак, реагираше со критики, обвинувајќи ги САД и ЕУ за двојни стандарди. Владата во Њу Делхи истакна дека, додека ним им се префрла за увоз на руски енергенси, западните држави и понатаму имаат значителна трговија со Русија. И владејачките, и опозициските партии во Индија оценија дека е неправедно земјата да биде изложена на притисок додека слични практики се толерираат на Запад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Белград се урна напуштен двокатен објект
Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.
Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.
При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.
Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.

