Свет
Трамп испраќа федерални трупи во Сиетл
Американскиот претседател, Доналд Трамп, испраќа тактички тим од Службата за царина и гранична заштита во Сиетл да биде на стендбај-должност во случај да биде потребен на протестите, пренесува „Њујорк пост“.
Тимот е сличен на Тактичката единица за гранична патрола што Белата куќа ја распореди во Портланд, Орегон, потег што беше жестоко критикуван поради наводната употреба на агресивни борбени тактики на насилните протести.
Овој потег беше изненадување за градоначалничката на Сиетл, Џени Дуркан, која изјави дека разговарала со в.д. секретарот за домашна безбедност, Чад Вулф, и била уверена дека нема планови за распоредување на федералните трупи во нејзиниот град.
„Секое распоредување тука, според мое гледиште, би ја поткопало јавната безбедност“, рече Дуркан.
Сепак, администрацијата посочи дека тимот засега ќе остане во мирување и ќе биде распореден само по потреба.
„Во моментот нема огромно распоредување на персоналот во Сиетл. Секоја употреба на екипи за спроведување на законот ќе вклучува тесна координација со локалната полиција. Нема други градови во земјата што ги имаат истите закани и немаат локална поддршка за спроведување на законот, како што доживуваме во Портланд“, изјави портпаролот на Министерството за внатрешна безбедност, Алексеј Волторнист.
Трамп во неколку наврати се закануваше дека ќе испрати федерални сили во градовите што се справуваат со улични протести или зголемено насилство, вклучително и во Њујорк.
Градоначалничката на Чикаго, Лори Лајтфоут, која се противеше на федералните трупи во својот град, објави дека се согласила со плановите на Белата куќа да испрати 200 федерални агенти во градот за да го смири неодамнешниот бран насилства.
Во изјавата канцеларијата на Лајтфоут рече дека градоначалничката јасно ставила до знаење дека ако има отстапување од најавените мерки, таа ќе ги употреби сите расположиви законски опции за заштита на жителите на Чикаго.
Оваа недела официјалните лица на Портланд поднесоа барање за забрана за доближување против федералните агенти во градот тврдејќи дека тие користеле прекумерна сила против демонстрантите и апселе луѓе без доволна причина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лекот за третман на рак веќе почна да се користи во болниците во Русија
Рускиот лек „Ракурс 223Ра“ за третман на рак веќе се појави во болниците, објави денес Руската федерална медицинска и биолошка агенција.
Како што е наведено, лекот веќе е регистриран и одобрен за употреба во клиничката онкологија, а првата серија е доставена до медицинските установи, пренесува РИА Новости.
Лекот е развиен во Димитровград и е базиран на радионуклидот радиум-223, кој првенствено се користи за контрола на коскените метастази.
Се вели дека неговото зрачење влијае на метастазите со намалување на болката кај пациентите, пренесува Танјуг.
Свет
(Видео) Најмалку 28 загинати откако кран се урна врз воз во Тајланд
Најмалку 28 лица загинаа, а 64 се повредени откако градежен кран се урна врз воз во движење во североисточен Тајланд. Во возот имало околу 195 патници во моментот на несреќата, која се случила околу 9 часот наутро по локално време во среда, јавува Би-би-си.
Кранот го исфрлил возот од шините и здробил неколку вагони, од кои еден се запалил. Спасувачите успеале да ги евакуираат патниците, а повредените биле однесени во регионалните болници. Меѓу 64-те повредени има едногодишно дете и 85-годишен маж, а осум се во сериозна состојба.
Владата нареди истрага за инцидентот, најновиот во низата смртоносни несреќи што се припишуваат на безбедносни пропусти. Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул повика „некој да биде казнет и да биде повикан на одговорност“ за несреќата.
„Несреќи како оваа можат да се случат само поради небрежност, прескокнати чекори, отстапувања во дизајнот или употреба на неисправни материјали“, рече Анутин.
Свет
Поранешен израелски командант: Режимот во Иран ќе падне, наскоро ќе видиме голем американски напад
Пензионираниот бригаден генерал на израелската армија и претседател на Израелскиот форум за одбрана и безбедност (ISDF), Амир Авиви, процени дека режимот во Иран ќе падне и дека САД наскоро ќе интервенираат, пишува денес израелскиот весник „Џерусалем пост“.
„Денес можам да кажам нешто што не можевме да го кажеме пред еден месец: овој режим паѓа. Нема да има ирански режим и ова целосно ќе ја промени иднината на Израел“, рече Авиви на конференцијата доцна синоќа.
Авиви додаде дека очекува голем американски напад врз Иран.
„И навистина, мислам дека во многу блиска иднина ќе видиме масовен американски напад, со помош на Израел и демонстрантите. Мислам дека овој режим нема шанси и ќе падне“, рече претседателот на ISDF, невладина организација која собира десетици илјади резервни офицери и оперативци од сите гранки на израелските безбедносни сили.

