Свет
Трамп: Мислам дека можеби имаме договор за Газа

Американскиот претседател Доналд Трамп им изјави на новинарите во Белата куќа дека верува оти е многу блиску до договор за Газа, непосредно пред да се качи во хеликоптерот „Марин Уан“, објави „Скај њуз“.
„Мислам дека можеби имаме договор за Газа“, рече Трамп, додавајќи: „Многу сме блиску до договор за Газа и изгледа дека имаме договор“, додаде тој.
Тој нагласи дека верува оти договорот ќе обезбеди враќање на заложниците и дека „тоа ќе биде договор што ќе ја заврши војната“. Трамп не даде понатамошни објаснувања за своето тврдење.
Претходно денес, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху беше првиот говорник на денот на 80-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, а неговиот говор беше одржан во атмосфера што ретко се гледа. Штом излезе на говорницата, околу стотина делегати од различни земји станаа и ја напуштија салата во знак на протест против политиката на Израел во Газа.
На самиот почеток, Нетанјаху рече дека Израел „мора да ја заврши работата против Хамас во Газа“. Потоа директно му се обрати на Хамас. „Спуштете го оружјето. Пуштете ги моите луѓе. Ослободете ги заложниците. Сите, сите 48. Ако го направите тоа, ќе преживеете. Ако не, Израел ќе ве гони“, рече тој.
Нетанјаху голем дел од својот говор го посвети на одбрана на воената кампања на Израел и отфрлање на обвинувањата за геноцид. „Обвинението за геноцид е лажно. Се вели дека Израел намерно ги таргетира цивилите. Дами и господа, вистината е спротивна“, рече тој.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Италијанската полиција фати Албанец со над 27 килограми кокаин

Италијанската полиција уапси 47-годишен албански државјанин, откако во автомобилот му биле пронајдени 27,6 килограми кокаин.
Дрогата била скриена во посебен простор под предните седишта на возилото.
Покарај кокаинот, полицијата го конфискува и возилото, а приведениот е однесен во притвор во затворот во Катанија.
Според албанските медиуми во италијанските затвори се наоѓаат над 2.000 албански државјани, осудени главно за трговија со дрога.
Свет
Албанија продолжува со рекордни бројки на странски туристи

Албанија продолжува со рекордни бројки на странски туристи, која во периодот јануари – август ја посетиле околу девет милиони.
Албанскиот Институт за статистика објави податоци што потврдуваат дека влезот на странски државјани е за 5,2 отсто поголем ако се спореди со истиот период пред една година, кога беа регистрирани вкупно 8,5 милиони странски државјани.
Само во август бројот на странски државјани кои влегле на албанска територија е 2,3 милиони, што е зголемување од 9,9 отсто, во споредба со истиот месец минатата година.
Албанската економија имаше корист од странските туристи од 2,1 милијарди евра за само шест месеци, до кога ја посетиле 4,76 милиони странци. Овие бројки потврдуваат дека 2025 година ќе биде уште пооптимистичка во однос на туризмот во земјата, додека приходите се очекува да се зголемат за околу 7,7 отсто во споредба со лани.
Се очекува приливот на туристи да продолжи и есенва, со што ќе се продолжи туристичката сезона во земјата. Туроператорите известуваат дека резервациите се високи и за септември и за октомври.
Минатата година Албанија ја посетиле над 11,7 милиони туристи или 15,2 отсто повеќе од претходната година. Очекувањата за годинава се над 12 милиони туристи.
Свет
Жена убиена на свадба во центарот на Шибеник, ја погодила ракета

Жена е повредена кога пиротехничко средство – сигнална ракета – било испукано во близина на катедралата „Свети Јаков“ во Шибеник синоќа, и починала од повредите во болница, соопшти хрватската полиција.
Во соопштението од полициската управа Шибеник-Книн се додава дека е уапсен 52-годишен маж, пренесува Хина. Во тек е кривична истрага, соопшти полицијата.
Хрватските медиуми неофицијално известуваат дека несреќата се случила за време на свадбена прослава, кога осомничениот испукал ракета.