Свет
Трамп: На САД им треба Гренланд за да им се спротивстават на Русија и Кина

„Гренланд е прекрасно место. Ни треба за меѓународна безбедност. И сигурен сум дека Данска ќе се согласи. Тоа ги чини многу пари да го одржат, да го заштитат“, рече 47. американски претседател и продолжи:
„Гренланд е потребен не за нас, туку за меѓународна безбедност. Имате руски бродови насекаде, имате кинески бродови насекаде, воени бродови, а тие – Данска – не може да го одржат тоа“.
Трамп изјави дека САД треба да ја преземат контролата врз Гренланд нарекувајќи го американското стекнување на огромниот арктички остров апсолутна неопходност и одбивајќи да ја исклучи употребата на воена сила.
Неговите коментари поттикнаа итни состаноци во Копенхаген и остра осуда од данските и гренландските лидери, кои рекоа дека островот не е на продажба. Додека глобалните сили се обидуваат да го прошират своето влијание и присуство на Арктикот, Гренланд, богат со минерали и дом на американската воена база, стана многу баран поради неговата безбедносна и трговска важност.
Трамп не го спомна Гренланд во своето инаугуративно обраќање и покрај тоа што вети дека ќе го обнови Панамскиот Канал, уште една од неговите сегашни територијални опсесии, според светските агенции.
„Луѓето на Гренланд не се задоволни со Данска, знаете, мислам дека тие се задоволни со нас. Имавме претставници, мојот син и претставниците отидоа таму пред две недели, и тие нè сакаат. Па ќе видиме што ќе се случи“, додаде Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Американци: Вистина е, Пакистан собори индиски „Рафал“ со авион од кинеско производство

Борбен авион Ј-10 од кинеско производство, кој им припаѓал на пакистанските воздухопловни сили, собори најмалку два индиски воени авиони, потврдија за Ројтерс двајца американски претставници. Ова е важна пресвртница за кинеската воена технологија.
Портпаролот на индиските воздухопловни сили одби да ги коментира обвинувањата кога беше прашан за извештајот на Ројтерс.
Според американски функционер, кој зборуваше под услов да остане анонимен, Пакистан користел кинески Ј-10 за лансирање ракети воздух-воздух против индиски борбени авиони, соборувајќи најмалку два. Друг официјален претставник додаде дека еден од погодените авиони бил француски борбен авион „Рафал“ што Индија неодамна го вклучи во својата флота.
И двајцата потврдија дека пакистанските авиони Ф-16 од американско производство не биле употребени во нападот.
Во изјава за Ројтерс еден ден по нападот, пакистанскиот министер за одбрана, Хаваџа Мухамед Асиф, изјави дека Пакистан користел Ј-10 за да собори три француски „Рафали“. Тој нагласи дека станува збор за авиони што Индија неодамна ги набави. Според пакистанската верзија на настаните, вкупно пет индиски борбени авиони биле соборени во воздушната борба.
Иако Ројтерс претходно објави, повикувајќи се на локални претставници во Индија, дека во инцидентот биле соборени три индиски авиони, ова е прва западна потврда дека во нападот биле користени пакистански авиони произведени во Кина.
Индиската влада не ја призна загубата на ниту еден авион. Наместо тоа, објави дека нејзините воздухопловни сили извршиле успешни напади врз она што го нарекоа „терористичка инфраструктура“ во Пакистан.
Инцидентот се случува во време на сериозни тензии меѓу Индија и Пакистан, две нуклеарни држави кои веќе водеа три војни и бројни помали конфликти. САД, Русија, Кина и другите светски сили ги повикаа двете страни на воздржаност.
Свет
Се огласи Трамп по изборот на новиот папа: Голема чест за нашата земја

Американскиот претседател, Доналд Трамп, денес му честиташе на новиот папа Лав 14 за изборот за нов поглавар на Католичката црква, наведувајќи дека е „голема чест“ што тој е првиот американски папа.
„Честитки до кардиналот Роберт Франсис Превост, кој штотуку беше назначен за папа. Голема чест е да се дознае дека тој е првиот американски папа. Каква возбуда и каква голема чест за нашата земја. Со нетрпение очекувам да се сретнам со папата Лав 14. Тоа ќе биде многу значаен момент“, напиша Трамп во објава на платформата TruthSocial.
Свет
(Видео) Папата Лав 14 го одржа првиот говор: „Бог нè сака сите, безусловно“

Новиот поглавар на Католичката црква, папата Лав 14, вечерва се појави на главниот балкон на базиликата „Свети Петар“ и го одржа својот прв говор по изборот пред десетици илјади собрани верници.
Во своето прво обраќање до верниците, 70-годишниот папа Лав 14, роден во Чикаго, започна со зборовите: „Мир со сите вас. Браќа и сестри, ова е првиот поздрав од воскреснатиот Христос. Би сакал да упатам поздрав на мир што ќе стигне до вашите семејства, до сите вас, каде и да сте. Нека биде мирот со вас.“
Тој го одржа својот говор на италијански, а публиката го поздрави со громогласен аплауз и навивање.
Потоа Папата продолжи со порака за љубов и единство, велејќи дека „Бог нè сака сите, безусловно“. Тој му се заблагодари на својот претходник, папата Франциск, и изрази желба, како него, да им го даде својот благослов на верниците на плоштадот „Свети Петар“.
„На човештвото му е потребен Христос како мост преку кој ќе стигне до Бога и неговата љубов. Помогнете ни, и дозволете ни да си помагаме едни на други, да градиме мостови“, рече новиот папа.
Во последниот дел од својот говор, Папата ги покани верниците заедно да се молат на Дева Марија, а плоштадот повторно одекна со ентузијазам.
По молитвата, тој прочита дел од светиот текст на латински јазик во чест на светците и Дева Марија.