Свет
Трамп: Не знаев дека Русија е исклучена од Светското првенство

Американскиот претседател Доналд Трамп беше изненаден кога му беше соопштено дека руската фудбалска репрезентација нема да може да учествува на Светското првенство во 2026 година, кое ќе се одржи во САД, Канада и во Мексико, поради санкции.
На состанокот на работната група за организација на Светското првенство во 2026 година, што се одржа во Белата куќа, претседателот Трамп изјави дека не знаел оти руската репрезентација нема да може да учествува на Светското првенство и дека ова може да биде добар поттик за Русија да ја прекине војната против Украина, објави Би-би-си.
„Точно е. Тие моментно се под санкции и им е забрането учество на Светското првенство. Но, се надеваме дека ќе дојде до мир и дека Русија ќе може да се вклучи“, рече претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, кој седеше до претседателот Трамп.
„Па тоа би можело да биде добар поттик (за Русија). Сакаме да ја запрат војната. Пет илјади млади луѓе умираат секоја недела, тешко е да се поверува“, рече американскиот претседател.
Руските фудбалски клубови и националниот тим не може да учествуваат на меѓународни натпреварувања под покровителство на ФИФА и УЕФА, а санкциите стапија нво сила набргу по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Европските квалификациски групи за Светското првенство во 2026 година веќе се составени, но повеќето квалификациски натпревари почнуваат во септември оваа година, па затоа постои теоретска можност, Русија, доколку дојде до мир, да им се приклучи на квалификациите подоцна.
Претседателот Трамп, кој го позајми слоганот „Да ја направиме Америка повторно голема“ од претседателот Роналд Реган (слоганот на неговата претседателска изборна кампања во 1980 година), запирањето на војната во Украина го направи една од неговите главни цели во надворешната политика, според медиумот.
Се надева дека тоа ќе му ја донесе Нобеловата награда за мир. Првиот американски претседател што ја добил Нобеловата награда за мир бил републиканецот Теди Рузвелт во 1906 година. Благодарение на неговото посредништво завршила Руско-јапонската војна (1904 – 1905).
На состанокот на работната група во Белата куќа беше присутен и американскиот потпретседател Џејмс Дејвид Венс, кој рече дека САД со нетрпение очекуваат да може да бидат домаќини на навивачи од многу земји од целиот свет за време на Светското првенство.
„Ќе имаме гости од многу земји, веројатно стотина. Сакаме да дојдат, да ги гледаат натпреварите и да слават, но кога ќе заврши Светското првенство, ќе мора да си одат дома“, рече потпретседателот Венс во оваа пригода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Американци: Вистина е, Пакистан собори индиски „Рафал“ со авион од кинеско производство

Борбен авион Ј-10 од кинеско производство, кој им припаѓал на пакистанските воздухопловни сили, собори најмалку два индиски воени авиони, потврдија за Ројтерс двајца американски претставници. Ова е важна пресвртница за кинеската воена технологија.
Портпаролот на индиските воздухопловни сили одби да ги коментира обвинувањата кога беше прашан за извештајот на Ројтерс.
Според американски функционер, кој зборуваше под услов да остане анонимен, Пакистан користел кинески Ј-10 за лансирање ракети воздух-воздух против индиски борбени авиони, соборувајќи најмалку два. Друг официјален претставник додаде дека еден од погодените авиони бил француски борбен авион „Рафал“ што Индија неодамна го вклучи во својата флота.
И двајцата потврдија дека пакистанските авиони Ф-16 од американско производство не биле употребени во нападот.
Во изјава за Ројтерс еден ден по нападот, пакистанскиот министер за одбрана, Хаваџа Мухамед Асиф, изјави дека Пакистан користел Ј-10 за да собори три француски „Рафали“. Тој нагласи дека станува збор за авиони што Индија неодамна ги набави. Според пакистанската верзија на настаните, вкупно пет индиски борбени авиони биле соборени во воздушната борба.
Иако Ројтерс претходно објави, повикувајќи се на локални претставници во Индија, дека во инцидентот биле соборени три индиски авиони, ова е прва западна потврда дека во нападот биле користени пакистански авиони произведени во Кина.
Индиската влада не ја призна загубата на ниту еден авион. Наместо тоа, објави дека нејзините воздухопловни сили извршиле успешни напади врз она што го нарекоа „терористичка инфраструктура“ во Пакистан.
Инцидентот се случува во време на сериозни тензии меѓу Индија и Пакистан, две нуклеарни држави кои веќе водеа три војни и бројни помали конфликти. САД, Русија, Кина и другите светски сили ги повикаа двете страни на воздржаност.
Свет
Се огласи Трамп по изборот на новиот папа: Голема чест за нашата земја

Американскиот претседател, Доналд Трамп, денес му честиташе на новиот папа Лав 14 за изборот за нов поглавар на Католичката црква, наведувајќи дека е „голема чест“ што тој е првиот американски папа.
„Честитки до кардиналот Роберт Франсис Превост, кој штотуку беше назначен за папа. Голема чест е да се дознае дека тој е првиот американски папа. Каква возбуда и каква голема чест за нашата земја. Со нетрпение очекувам да се сретнам со папата Лав 14. Тоа ќе биде многу значаен момент“, напиша Трамп во објава на платформата TruthSocial.
Свет
(Видео) Папата Лав 14 го одржа првиот говор: „Бог нè сака сите, безусловно“

Новиот поглавар на Католичката црква, папата Лав 14, вечерва се појави на главниот балкон на базиликата „Свети Петар“ и го одржа својот прв говор по изборот пред десетици илјади собрани верници.
Во своето прво обраќање до верниците, 70-годишниот папа Лав 14, роден во Чикаго, започна со зборовите: „Мир со сите вас. Браќа и сестри, ова е првиот поздрав од воскреснатиот Христос. Би сакал да упатам поздрав на мир што ќе стигне до вашите семејства, до сите вас, каде и да сте. Нека биде мирот со вас.“
Тој го одржа својот говор на италијански, а публиката го поздрави со громогласен аплауз и навивање.
Потоа Папата продолжи со порака за љубов и единство, велејќи дека „Бог нè сака сите, безусловно“. Тој му се заблагодари на својот претходник, папата Франциск, и изрази желба, како него, да им го даде својот благослов на верниците на плоштадот „Свети Петар“.
„На човештвото му е потребен Христос како мост преку кој ќе стигне до Бога и неговата љубов. Помогнете ни, и дозволете ни да си помагаме едни на други, да градиме мостови“, рече новиот папа.
Во последниот дел од својот говор, Папата ги покани верниците заедно да се молат на Дева Марија, а плоштадот повторно одекна со ентузијазам.
По молитвата, тој прочита дел од светиот текст на латински јазик во чест на светците и Дева Марија.