Свет
Тринаесетгодишно девојче исчезна во Франција пред 7 дена: не дошла на училиште
Случајот со исчезнувањето на 13-годишната Морган Ривоал ја потресе Франција. Девојчето исчезнало на 25 ноември откога тргнала на училиште до кое никогаш не стигнала. Морган излегла од својата куќа минатиот понеделник во 7.15 часот и оттогаш се води за исчезната. И покрај многуте напори на полицијата, членовите на семејството, пријателите и доброволците, девојчето сè уште не е пронајдено.
Морган исчезна во областа Армор Коуст. Нејзиното исчезнување го пријавила мајка ѝ во полициската станица во Гингамп минатиот понеделник околу 11.40 часот кога дознала дека ќерка ѝ не се појавила на училиште, според локалните медиуми.
Наставниците ѝ се јавиле на мајката околу 9.30 и ѝ рекле дека Морган не се појавил на час. Инаку, училиштето е на околу пет километри од нејзината куќа.
Според написите, на мистериозното исчезнување на девојчето му претходела расправија со родителите. Претходниот викенд Морган се расправала со татко ѝ и со мајка ѝ за користењето на социјалните мрежи.
По повишен тон, таткото ѝ го одзел телефонот на Морган, ја извадил СИМ-картичката и наводно ѝ го скршил мобилниот. Според сведочењето на пријател на исчезнатото девојче, Морган некако успеала на мрежите да објави дека в понеделник нема да дојде на училиште.
Во неделата Морган била дома со своите браќа и сестри, а нејзиниот татко цел ден бил на работа. Следното утро, околу 7.15 часот, Морган ја напуштила куќата и се упатила кон автобуската станица за да оди на училиште.
„Родителите не виделе кога таа излегла од дома, но се јавила од вратата, како и секогаш“, рекла обвинителката.
Кога неколку часа подоцна била пријавена за исчезната во полиција, сите првично поверувале дека тинејџерката побегнала затоа што им била лута на родителите иако тоа никогаш претходно не го направила. Меѓутоа, како што минувале часовите, а неа ја немало, сите почнале да се грижат.
Жандармеријата на 25 ноември во вечерните часови, т.е. во 19.42 часот, го објави првиот апел на социјалните мрежи, со кој ја информира јавноста дека девојчето го нема.
„Во моментот ја бараме Морган Ривоал (13), која утрово излегла од дома, но не стигнала на училиште. Висока е 154 сантиметри, има нормална градба, долга брановидна кафеава коса и зелено-сини очи и розов ранец со неа“, се наведува во соопштението.
Граѓаните загрижени се вклучија во опсежна потрага. Во петокот, на 29 ноември, повеќе од 800 луѓе ја бараа Морган. Полицијата изнајмила и чамци, кои ги проверувале водните патишта во близина на нејзината куќа во градот Пабу.
Полицијата го пребарала теренот пеш, со велосипеди и со автомобил, а во потрагата бил вклучен и хеликоптер, кој неколкупати го прелетал подрачјето. Сепак, тие не успеале да ја најдат.
Во исто време, сите членови на нејзиното семејство неуморно ја бараат. За време на викендот 50 жандарми континуирано го пребаруваа теренот, но сè уште нема трага од Морган.
Аурора и Џоан Ривоал, родителите на исчезнатото девојче, на социјалните мрежи ги повикуваат граѓаните да им помогнат во потрагата по неа. Но, бидејќи сè уште ја нема, од Обвинителството најавија дека денеска ќе ѝ се обратат на јавноста, пренесуваат медиумите во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан: „Големата лага“ за Украина се распаѓа во Западна Европа
Унгарскиот премиер Виктор Орбан оцени дека „големата лага“ во врска со финансирањето на Украина се распаѓа во Западна Европа, нагласувајќи дека јавното мислење почнува да се менува и дека граѓаните стануваат сè посвесни за реалните последици од ваквите политики.
Во објава на социјалната мрежа X, Орбан изјави дека, и покрај сегашната ситуација, сè уште постои надеж за решение на конфликтот. Според него, преговорите меѓу Русија и САД би можеле да доведат до прекин на огнот, па дури и до „траен мир со учество на Украина“.
„Во меѓувреме, во Западна Европа се разоткрива голема лага: финансирањето на овој конфликт навистина има финансиски последици. Со воведувањето закони и мерки, јавното мислење се менува. Луѓето, а не елитите, ќе ја спречат Европа да влезе во војна“, рече унгарскиот премиер.
Неговата изјава доаѓа во време кога Европската Унија не успеа да постигне договор за заем за Украина, кој би бил гарантиран со замрзнати руски средства. Белгија, во чии институции се наоѓа најголемиот дел од овие средства, побара Унијата да ја сподели финансиската одговорност и потенцијалните трошоци за правните тужби што Русија би можела да ги покрене.
Потоа, Брисел одобри пакет од 90 милијарди евра финансиска поддршка за Киев, кој ќе биде обезбеден преку заем од буџетот на Европската Унија.
Фото: депозитфотос
Регион
Вучиќ: Имаме договор за продолжување на снабдувањето со гас
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека Србија има договор со Русија за продолжување на снабдувањето со гас за уште три месеци.
Вучиќ, откако им додели договори за работа на најдобрите дипломирани студенти на медицинските факултети и средните медицински училишта, изјави дека нема да има проблем со снабдувањето со гас до 31 март.
„Имаме договор за продолжување на снабдувањето со гас за уште три месеци, до 31 март, за луѓето да може да бидат безбедни и мирно да спијат“, рече Вучиќ.
Како што додаде, Србија ќе има електрична енергија и доволно гас за претстојната зимска сезона.
Тој изјави дека има информации оти претставници на „Газпром“ разговараат за продажба на акции во НИС, меѓу другите, со унгарската национална компанија МОЛ и дека српското раководство нема ништо против тоа.
„Унгарците се наши пријатели и тоа е во ред. Само да завршиме што е можно повеќе пред 15 јануари. Бидејќи мора да имате предвид дека сè оди совршено и дека немаме никаков проблем со, да речеме, секундарни санкции, а имаме и ќе имаме. И дека немаме никаков проблем со баржи, возови и камиони, дека увезуваме, да речеме, дизел – не можеме да увезуваме 6.000 тони дневно, што ги трошиме. Значи, само сакам да ви кажам дека тоа е невозможна мисија“, рече Вучиќ како одговор на прашањето дали има информации дека се водат преговори меѓу унгарскиот МОЛ и „Газпром“.
Како што рече, само прашање на време е кога и на кој начин ова ќе мора да се промени бидејќи денес е точно 75-тиот ден откако ниту една капка сурова нафта не влегла во Србија.
„Горд сум на Србија, горд сум на граѓаните на Србија. Да бидеме фер кон себе еднаш. Дали некогаш сте замислиле дека е можно Србија да не добие ни капка нафта 75 дена и да нема метеж никаде, никој да не носи кофи или нешто слично, 75 дена, тоа не се седум дена. Да имаме толку многу резерви, да сме толку подготвени за сè и да сме се однесувале толку сериозно и одговорно“, нагласи Вучиќ.
Тој додаде дека ако нема решение, приказната за НИС ќе заврши како што рече претходно – дека државата ќе го преземе НИС и ќе им плати на Русите за нивниот дел.
„Значи, и тој датум (15 јануари) се приближува, се надевам дека ќе се најдат решенија пред тоа, ако не, што треба да правиме“, рече Вучиќ, објави „Танјуг“.
Фото: депозитфотос
Свет
Трамп: Постои голема омраза меѓу Путин и Зеленски
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека мировните преговори меѓу Украина и Русија се во тек и напредуваат нормално, но дека постои голема омраза меѓу рускиот и украинскиот претседател, Владимир Путин и Володимир Зеленски.
„Постои огромна омраза меѓу овие двајца лидери, Путин и Зеленски. Разговараме. Сè оди добро. Војната мора да престане“, изјави Трамп пред новинарите во неговиот имот Мар-а-Лаго на Флорида, според јутјуб-каналот на Белата куќа, пренесуваат мердиумите во регионот.
Кога новинарите го прашаа дали ќе инсистира Божиќ да биде крајниот рок за постигнување мировен договор, Трамп рече дека се надева оти конфликтот ќе заврши.
„Веќе не трошиме пари за оваа војна. Поранешниот претседател Џозеф Бајден даде 350 милијарди долари и којзнае што се случи со тоа. Сега продаваме ракети, авиони и најдобра воена опрема на НАТО. Значи, не фрламе пари како што правевме во времето на Бајден. Тој беше будала и она што ѝ го направи на земјата е ужасно“, истакна американскиот лидер, според написите.
Тој повтори дека завршил осум војни и дека сите се уморни од оваа војна.
Во последните недели САД ги обновија своите напори за посредување во мировен договор меѓу Москва и Киев. По неколку рунди разговори, нацрт-документот се смета за поприфатлив за Киев, но сè уште постојат разлики за територијалните и за безбедносните гаранции.
На 14 и 15 декември украинската делегација ги продолжи преговорите во Германија со учество на специјалниот претставник на американскиот претседател Стивен Виткоф и Џаред Кушнер.
Во Мајами од 19 до 21 декември украинските и американските делегации одржаа серија состаноци за мировниот план и разговараа со претставници на Русија, но немаше знаци на напредок и не беа најавени нови состаноци.
Фото: депозитфотос

