Свет
Туристите во европските градови сè повеќе се цел на измамници: бројот на инциденти се зголемува
Европа е најпопуларната летна дестинација за многу туристи, но постои еден сериозен безбедносен проблем. Додека милиони уживаат во шетањето по улиците на Париз, Барселона или Рим, сè повеќе од нив стануваат жртви на кражби и измами.
Според податоците од Европската туристичка комисија, повеќе од 400 милиони туристи го посетиле стариот континент во 2024 година.
Сепак, со масовната посетеност, бројот на инциденти се зголемува – годишно се евидентираат дури 5,7 милиони случаи на провали, кражби и грабежи, а туристите сè повеќе се цел на измамници.
Оваа измама е особено изразена во Париз, каде што често ја вршат претежно тинејџерки или помлади жени.
Тие ви пристапуваат со петиција за наводни хуманитарни цели. Додека сте фокусирани да потпишете или да ве убедат да дадете парична донација, нивниот партнер користи момент на невнимание за да ви го украде паричникот, мобилниот телефон или пасошот.
Најдобрата одбрана е цврсто да кажете „не“ и бргу да си одите. Избегнувајте да се вклучувате во разговор и чувајте ги вредните предмети безбедно и подалеку од дофат – по можност во торба со патент пред вас, е еден од советите за заштита.
Друг метод е вообичаен во Рим, но и во цела Европа. Измамникот ви приоѓа со пријателска насмевка, почнува разговор и лежерно ви врзува евтина белезица околу зглобот претставувајќи ја како подарок.
Но, тоа е само трик што комбинира пријателски разговор со наметнување вина. Ако се обидете да си одите со предметот, тие ќе инсистираат на плаќање и честопати покануваат соработници, кои создаваат притисок и ја заплашуваат жртвата додека не плати.
Учтиво одбијте ги сите „бесплатни“ подароци. Не дозволувајте никој да ви стави белезица. Ако се случи тоа, бргу извадете го предметот, вратете го и одете решително.
Исто така, бидете исклучително внимателни во толпи. Не оставајте го вашиот мобилен телефон или паричник на масите во кафулињата. Никогаш не учествувајте во улични игри на среќа, а ако видите група луѓе како ги играат на улица, само поминете покрај нив, советуваат експертите за заштита.
Популарни локации, како што се Ла Рамбла во Барселона или Колосеумот во Рим, се местата на кои има најмногу џепчии.
Тие често работат во тимови и може да бидат многу вешто маскирани, понекогаш во елегантна облека за да не предизвикаат сомнеж. Ја користат толпата како параван, а еден член ќе ве прекине – ќе ве турне, ќе ви истури нешто или ќе ве праша за насоки, а друг ќе ви ги украде работите.
Посебна форма на улична измама е играта „Три карти“, вообичаена во близина на Ајфеловата кула во Париз. Уличен забавувач ве поканува да се обложувате во игра што е поставена, така што секогаш губите, а неговите колеги во публиката се преправаат дека се победници за да ве намамат, пишува „Експрес“.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.
Свет
Американски професор по право: Трамп ризикува нови тужби за најновите царини
Американскиот професор по право, Алан Б. Морисон, изјави дека би бил „шокиран“ ако не следуваат нови тужби против Доналд Трамп поради најновите глобални царини што американскиот претседател ги воведе за увоз во САД.
Морисон, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, за Sky News изјави дека Трамп „се обидува да направи многу работи што според законот не може“.
„Вчера рече дека ќе воведе давачка од 10 отсто, денес е 15 отсто, утре може да биде 25 отсто“, истакна професорот.
Претходно Трамп порача дека новата глобална царина од 15 отсто за увоз стапува на сила веднаш и дека станува збор за максималната стапка што може да ја наметне според постојното законодавство.
Морисон предупреди дека претседателот има „страшна буџетска нерамнотежа“ и дека би можел да мора да врати околу 150 милијарди долари на увозниците, што би претставувало „голем проблем за него“. Парите се од претходно воведените царини кои Врховниот суд ги прогласил за незаконски, но Трамп инсистира дека нема да бидат вратени.
Професорот објасни дека Трамп можел да воведе нови царини преку други закони кои во одредени околности тоа дозволуваат, со цел да се обиде да надомести дел од загубите од претходните царини.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.

