Свет
Турскиот сеизмички брод „Оруч реис“ на нова мисија на Медитеранот
Министерот за енергетика и природни ресурси на Турција, Фатих Донмез, истакна дека турскиот сеизмичко-истражувачки брод „МТА Оруч реис“ пристигна во зоната на Медитерант, каде што ќе ја спроведува својата нова мисија, пренесува „Анадолија“.
Министерот Донмез оваа информација ја потврди преку соопштение објавено на својот профил на социјалната мрежа „Твитер“. Тој нагласи дека со цел на Турција да ѝ се овозможи независност во областа на енергетиката, без прекин ќе продолжат истражувањата во Медитеранот и во Црното Море.
Турскиот министер на својот твитер-профил ја сподели и фотографијата на бродот „Оруч реис“.
„Нашиот сеизмичко-истражувачки брод ‘МТА Оруч реис’ за својата нова мисија на Медитеранот тргна од Анталија и пристигна во зоната каде што ќе спроведува операции. ‘Оруч реис’, 83 милиони жители стојат зад тебе“, напиша министерот Донмез.
Како дел од активностите на истражување, Турција ја објави нова истражувачка активност на „МТА Оруч реис“ на источниот Медитеран преку NAVTEX (навигациски телекс) од 10 август 2020 година. Бродот ќе ги продолжи своите активности на источниот Медитеран со бродовите „Џингис-кан“ и „Атаман“ до 23 август.
Турција постојано го оспорува едностраното дупчење во источниот Медитеран од страна на кипарските Грци тврдејќи дека Турската Република Северен Кипар исто така има права на ресурсите во оваа област.
Во 1974 година, по пучот чија цел беше анексија на Кипар од страна на Грција, Анкара мораше да интервенира како гарантска моќ. Во 1983 година е основана ТРНЦ.
Во децениите оттогаш имаше неколку обиди да се реши кипарскиот спор, но завршија со неуспех. Најновиот обид, што се одржа со учество на државите гаранти – Турција, Грција и Велика Британија – заврши без напредок во 2017 година во Швајцарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија има сила повторно да го нападне Киев, изјави Зеленски за АФП
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.
Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.
Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје.
„Русите можат да не нападнат на наша територија, тоа е најголемата предност што ја има Русија, но ние не можеме да направиме ништо со западното оружје на нивните вооружени системи лоцирани на руска територија. Немаме право“, вели Зеленски.
Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.
„Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина“, истакна Зеленски.
Регион
Пленковиќ, хрватскиот премиер кој доби трет мандат најави прва седница за понеделник
Откако хрватскиот Сабор вчера ја поддржа 16. Влада на Република Хрватска, а третата предводена од лидерот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ, тој во изјава за медиумите рече дека првата седница на новата Влада ќе биде во понеделник и најави продолжување на посветената работа во интерес на хрватскиот народ.
„Благодарам на мнозинството во хрватскиот Сабор што ни ја укажа довербата да станеме Влада на Република Хрватска по трет пат и ние, како што правевме претходните осум години, посветено ќе работиме во интерес на хрватскиот народ, сите наши сограѓани, економијата, врската меѓу татковината и иселениците Хрвати и да спроведеме програма врз основа на која ја добивме довербата на хрватските гласачи“, рече Пленковиќ откако Собранието гласаше за неговата трета Влада
Тој им се заблагодари на сите партнери кои ја поддржаа Владата.
Пратениците во хрватскиот Сабор вчера гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ.
За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Свет
Убиени тројца странски туристи и еден Авганистанец
Вчера од вооружени лица во централен Авганистан се убиени тројца странски туристи и еден Авганистанец, а четворица странски државјани и тројца Авганистанци се ранети, соопшти талибанското Министерство за внатрешни работи.
Според светските агенции не е позната националноста на туристите, ниту кој го извршил нападот за кој што се уапсени четири лица.