Свет
Турција ги заострува мерките, најави затворање за рамазан

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, најави посилни мерки против коронавирусот вклучувајќи и повторно затворање за време на викендот.
Тој истакна дека сѐ поголем број градови во земјата се изложени на висок ризик од ширење на коронавирусот.
Ердоган рече дека затворањето за викендот ќе биде воведено во текот на целиот месец рамазан.
Полицискиот час ќе продолжи од 21 часот до 5 часот наутро.
Турција има 32.404 нови случаи на коронавирус во последните 24 часа, што е најголем број оваа година, покажаа податоците на Министерството за здравство.
Вкупниот број на заразени од почетокот на пандемијата е 3.240.577.
Истанбул и Анкара се меѓу градовите во кои постои голем ризик од ширење на болеста, рече Ердоган и додаде дека 80 проценти од 84 милиони жители на земјата живеат во ризични градови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Чешка ќе бара Русија да плати отштета за експлозијата во магацинот за оружје

Долниот дом на чешкиот парламент усвои документ со кој се повикува владата да побара обештетување од Русија за експлозијата од 2014 година, во складиштето за муниција во чешкото село Врбетице, објави денеска чешкиот весник „Днес“.
Пратениците исто така ја повикуваат владата да го намали бројот на руски дипломати во Чешка и ја поддржаа одлуката на владата да протера 18 вработени од руската амбасада, кои ја напуштија Прага во понеделникот, пренесува руската новинска агенција ТАСС.
Долниот дом на чешкиот парламент исто така ги повика министрите да се спротивстават на акциите што му штетат на суверенитетот на Чешката Република.
Според документот, на руските компании не смее да им се дозволи да учествуваат во стратешки важни инфраструктурни проекти на територијата на Чешка, како што е изградбата на нуклеарни централи.
Претходно, чешкиот премиер Андреј Бабиш изјави дека Министерството за финансии подготвува тужба за отштета против оние кои стојат зад експлозијата во складиштето за муниција во селото Врбетице.
„Нанесена е огромна штета. Министерството за финансии подготвува тужба со барање за обештетување“, најави Бабиш.
Бабиш во саботата вечерта (17 април) соопшти дека руската воена тајна служба ГРУ била одговорна за двете големи експлозии во магацинот со оружје во јужна Чешка, при што загинаа две лица.
Во чешката јавност се погласни се обвинувањата за „руски државен тероризам“ и земјата е исправена пред промена на својата досегашна надворешна политика кон Русија.
Свет
(Видео) Солзи, танцување и славење во Минеаполис по пресудата на убиецот на Флојд

Луѓето ширум САД славеа во вторникот откако поранешниот полицаец Дерек Шовин, обвинет за убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд, беше прогласен за виновен по сите три точки – убиство од втор степен, убиство од трет степен и убиство од втор степен од небрежност.
Стотици луѓе се собраа во вторникот пред судницата во Минеаполис каде што трпеливо чекаа да дојде пресудата, која пристигна по десетчасовно дебатирање.
Нивните навивања и извици можеа да се слушнат во судницата откако Шовин беше прогласен за виновен. Снимките од местото на настанот покажуваат дека насобраните главно молчеле, сè додека некој не извикал: „Тој е виновен! Тој е виновен!“
Тие почнале да скокаат од радост, а имало и солзи. Еден од нив ги замолкнал и извикал: „Дерек Шовин е прогласен за виновен!“
Прославата продолжила со огномет до доцна во ноќта на плоштадот Џорџ Флојд, спомен-местото на раскрсницата од Источната 38. улица и авенијата Чикаго во Минеаполис.
Европа
ЕУ постигна договор за климата, значително се намалува емисијата на стакленички гасови

Преговарачитe на Советот на Европската унија и Европскиот парламент постигнаа договор за закон за климата според кој до 2030 година Унијата ќе ги намали емисиите на стакленички гасови за 55 проценти во споредба со 1990 година.
„Воодушевена сум што постигнавме договор за овој клучен елемент на Европскиот зелен план. Нашата политичка определба да станеме прв климатски неутрален континент до 2050 година сега е исто така законска обврска“, рече претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.
Според договорот, целта е до 2030 година да се намалат стакленичките гасови за 55 проценти, во споредба со сегашните 40. Договорот ја потврди позицијата на Европскиот совет, кој во декември минатата година го поддржа предлогот на Комисијата за намалување од 55 проценти, додека првичната позиција на Европскиот парламент беше 60 проценти.
„Договорот исто така ја зајакнува нашата глобална позиција како лидер во справувањето со климатската криза. Кога светските лидери ќе се соберат на Денот на планетата Земја, ЕУ ќе излезе со оваа позитивна вест со која се надеваме дека ќе ги инспирираме нашите меѓународни партнери. Ова е добар ден за нашите луѓе и нашата планета“, рече извршниот потпретседател на Комисијата, Франс Тимерманс.
Во преговорите меѓу претставниците на земјите-членки и Европскиот парламент немаше напредок во последните неколку месеци, сè до последниот состанок, кој започна вчера рано попладне и заврши денеска во 5 часот наутро.
Законот допрва треба да биде официјално одобрен од Советот и Европскиот парламент.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Регион5 дена
„Фајзер“, „спутник В“ или „Синофарм“ – истражување во Србија покажа која вакцина штити најбргу
- Економија3 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Црна хроника3 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?