Свет
Турција заинтересирана за производство на руската вакцина „спутник V“
Турција е заинтересирана за производство на првата руска вакцина за коронавирус „спутник V“, соопшти руското Министерство за здравство по телефонскиот разговор меѓу министрите за здравство на двете земји.
Русија веќе тестира две вакцини против вирусот и е на пат да регистрира трета. Москва најави употреба на „спутник V“ за домашна употреба иако последните фази на тестирање сè уште не се завршени.
„Шефот на турското Министерство за здравство изрази интерес за организирање производство на вакцината ‘спутник V’ во турските фармацевтски производствени капацитети по спроведените токсиколошки студии, како што бара локалното законодавство“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Рускиот министер за здравство, Михаил Мураско, го увери својот турски колега за подготвеноста да организира вакви тестови, се вели во соопштението.
Турското Министерство за здравство одби да ги потврди обвинувањата, но министерот Фахретин Коца преку твит објавен во вторникот вечерта потврди дека двајцата службеници оствариле телефонски разговор.
„Разменивме мислења за прашања во здравствениот сектор во кои соработуваме, имено за напорите за производство на вакцина против Ковид-19 и за меѓународните напори во кои учествуваме“, рече Коца.
Турција пријави речиси 400.000 инфекции со коронавирус, со повеќе од 11.000 мртви од март досега. Владата ја смени својата методологија во јули за да известува само за бројот на симптоматски случаи, потег што според критичарите го крие вистинскиот обем на епидемијата во земјата, пренесува „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Нови снимки од Бејрут: Хотел тешко оштетен во израелски напад
Нови снимки од либанската престолнина Бејрут покажуваат сериозни оштетувања на хотел во населбата Хазмие, источно од центарот на градот, додека израелските напади продолжуваат.
На снимките се гледа тешко оштетена фасада на хотелската зграда по нападот.
Hazmieh now pic.twitter.com/Q1lN9MoKlC
— Pheebs (@galpalpheebs) March 4, 2026
Фото: ЕПА
Свет
Мерц: Трамп ме увери дека американската војска ќе остане во Германија
Американскиот претседател Доналд Трамп потврдил дека САД планираат да ја задржат својата воена присутност во Германија, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по средбата со него во Белата куќа.
„Трамп уште еднаш ме увери дека САД имаат намера да ја задржат својата воена присутност во Германија“, изјави Мерц во Вашингтон, додавајќи дека тоа се добри вести.
Во последните месеци се шпекулираше дека, поради критичкиот став на Трамп кон Европа, би можело да дојде до повлекување на американските трупи од Германија.
Мерц рече дека со Трамп разговарале и за подобра организација на заедничкото одвраќање пред самитот на НАТО во Анкара во јули.
Тој додаде дека Трамп признал дека Германија презела водечка улога во зајакнувањето на европскиот столб на НАТО и дека САД го почитуваат германското вложување во војската.
Свет
Израел погодил станбена зграда во Либан, најмалку четворица загинати
Најмалку четири лица загинале, а шест се ранети во израелски напад врз четирикатна станбена зграда во источниот либански град Баалбек, јави либанската државна агенција ННА.
Спасувачките екипи работат на извлекување луѓе од под урнатините.
Нападот доаѓа по ескалацијата на борбите долж либанско-израелската граница, откако Хезболах испалил дронови и ракети кон Израел. Од тогаш групата продолжила со ракетни напади, а Израел извршил низа воздушни удари низ Либан и испратил војници на југот.
Хезболах соопштил дека неговите борци испалиле голем број ракети кон израелски сили во близина на градот Метулa, како одговор на израелските напади врз десетици либански градови.
Израелската војска во средата ги предупредила жителите на 16 села во Либан да се евакуираат.
Според либанското министерство за здравство, од почетокот на последната ескалација во израелските напади загинале најмалку 50 луѓе, а 335 се ранети.
Фото: ЕПА

