Свет
Уапсен маж поради кражба на сирење од 360.000 евра, лажно се претставувал како дистрибутер и барал 22 тони
Маж (63) е уапсен под сомнение дека е вмешан во кражба на чедар (вид тврдо сирење), вредно 360.000 евра во областа Саутварк во Лондон и е обвинет за лажно претставување и ракување со украдена стока, соопшти денеска полицијата.
Полицијата ја истражува кражбата на сирење од млекарницата Нилс Јард, од која минатата недела измамник побарал да испорача 22 тони сирење, претставувајќи се како легитимен дистрибутер на големо на голем француски малопродажен синџир.
Во соопштението на полицијата се наведува дека осомничениот маж бил одведен во полициска станица во јужен Лондон каде бил сослушан, објави Скај њуз.
Полицијата, исто така, соопшти дека мажот бил ослободен по сослушувањето во очекување на дополнителна истрага.
Млекарницата „Нилс Јард“ објави дека открила дека идентитетот на лицето бил лажен дури откако биле испорачани вкупно 950 сирења, вклучително и три вида занаетчиски сирења: Хафод Велш, Весткомб Чедар и Чедар Пичфорк.
Тие сирења се продаваат по цена од 8,5 до 15,5 евра за мало парче.
Млекарницата Нилс Јард, со седиште во Лондон, продава британски и ирски сирења од 1980-тите и има четири продавници во градот, како и онлајн.
Компанијата додаде дека нивните сирења имаат освоено бројни награди и се меѓу најбараните занаетчиски сирења во ОК, и дека нивната висока парична вредност ги направила „посебна цел на крадците“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Експлозија на гас во станбена зграда во Турција
Едно лице загина, а најмалку 16 се повредени во експлозија на гасна инсталација во станбена зграда во градот Чорум, северна Турција, соопшти градоначалникот Али Чалгaн за турската радиотелевизија ТРТ.
Градоначалникот посочи дека состојбата на тројца од повредените е критична.
Експлозијата се случила на еден од катовите во петкатната зграда на централната улица „Османџик.“
Пожарната служба информира дека причината за експлозијата најверојатно е дефект во гасната инсталација на зградата. Поради празничниот ден, повеќето жители биле дома.
Формирана е комисија за истрага на причините за експлозијата.
Регион
Силен земјотрес на Халкидики, се тресеше и во Солун
Земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала попладнево ја погоди Грција.
Епицентарот на земјотресот бил на 12 километри јужно од Неа Мудања и на околу 60 километри југоисточно од Солун, на длабочина од десет километри, објави порталот „emsc-csem.org“.
Засега нема извештаи за повредени или материјална штета. По силниот земјотрес следеа десетина послаби потреси од кои најјакиот беше 3.8 степени според Рихтер.
Заменик градоначалникот на Неа Мудања Костас Кокинидис потврди дека нема извештаи за материјална штета иако епицентарот на земјотресот бил блиску до ова место, објави порталот „прототема.гр“.
Сеизмологот Герасимос Пападопулос рече дека сè уште е „прерано да се зборува за главниот шок“:
„Утре ќе имаме повеќе докази и информации. Сè уште е рано да се зборува за голем земјотрес“, рече тој.
Свет
Жена спасена во поплавите во Валенсија откако три дена била заробена под мртво тело
Осумдесети и седумгодишна жена е спасена откако три дена била заробена со телото на нејзината мртва снаа по поплавите во Валенсија. Таа била заробена во нејзиниот дом во Масанаса во близина на Валенсија.
Друга жена беше најдена жива во автомобил во блискиот Бенетусер, откако спасувачите ги слушнале нејзините повици за помош.
Денеска на волонтерите им беше наредено да се држат настрана од речиси десетина градови во близина на Валенсија, кои беа најмногу погодени од поплави, откако беше објавено ново временско предупредување за областа.
Спасувачките тимови трагаат по повеќе жртви заробени во преплавените гаражи и автомобили во Валенсија за време на невремето, кое доведе до повеќе од 200 смртни случаи, а 2.000 се водат како исчезнати.