Свет
Украина: Русите во Мариупол наредија карантин поради појава на колера

Руските официјални лица во окупираниот Мариупол наредија карантин поради појава на колера, соопштија украинските власти.
Петро Андријушченко, советник на градоначалникот на Мариупол, за украинската телевизија изјави дека градот се подготвува за епидемија на колера поради големиот број мртви тела и ѓубре што се натрупува во градот.
Андријушченко, кој го напуштил градот за време на руските напади на Мариупол, се повика на извори кои се уште се во градот и тврди: „Зборот колера се почесто може да се слушне во градот меѓу локалните власти и нивните надзорници. Колку што знаеме, епидемијата горе-долу веќе започна“.
Тој вели дека се свесни за изолирани случаи на колера во Мариупол, град кој беше во голема мера уништен во месеците руски напади од воздух, море и копно.
Украинскиот портал Киев Индипендент објави дека украинското Министерство за здравство предупредило дека закопувањето на телата во масовни гробници и недостатокот на вода за пиење создаваат ризик од ширење на колера во Мариупол.
Министерството почна да известува за потенцијални случаи на колера во регионот на 1 јуни, според Киев Индипендент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Џамбаски: За Србија нема место во ЕУ

Ангел Џамбаски, бугарскиот пратеник на ВМРО во Европскиот парламент, ја нападна Србија изјавувајќи дека за неа нема место во Европската Унија бидејќи прави провокации во Косово и Босна и Херцеговина, пишува „Б92“.
„За Србија нема место во ЕУ, Србија прави провокации во Косово, Србија прави провокации во Босна и Херцеговина. Србија ја поддржува руската пропаганда за време на војната во Украина. Србија планира во Ниш да го изгради најголемиот руски шпионски центар во Европа“, изјави Џамбаски.
Тој додаде дека „Србија ги поттиснува Хрватите и Бугарите“ и дека „гледа како да ги асимилира и протера“.
„За Србија, која ја спроведува политиката на Кремљ и Путин, нема место во ЕУ. Разберете го тоа“, рече Џамбаски.
„Б92“ анализира дека овие напади врз Вучиќ и Србија немаат никаква основа бидејќи Србија е земја гарант на мирот и стабилноста и мудро одговара на провокациите што доаѓаат од Приштина, Сараево и од Загреб.
Покрај тоа, пишува „Б92“, Србија ја осуди руската агресија и го поддржа територијалниот интегритет на Украина. Претседателот Вучиќ со својата независна политика повеќепати докажа дека Србија не седи ниту на руската ниту на американската фотелја – туку само на српската, се наведува во коментарот.
„Јасно е дека овие напади доаѓаат сега затоа што претседателот Вучиќ застана во одбрана на целиот Западен Балкан, дека Европа ја сфати важноста на иницијативата ‘Отворен Балкан’ и дека Вучиќ мудро ги советуваше жителите на Северна Македонија, која инаку е попречена од Бугарија во процесот на пристапување кон ЕУ“, пишува „Б92“.
Вучиќ синоќа изјави дека не може да им каже на Македонците дали е добар францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија, но и дека не треба да прифатат или да отфрлат нешто априори. Вучиќ рече и дека Србија е на европскиот пат и дека на отворањето на преговорите меѓу Србија и ЕУ му претходело прифаќањето на Бриселскиот договор, што е тешко, но дека отворањето на преговорите помогнало многу.
Европа
Зеленски по оставката на Борис Џонсон: Тој беше вистински пријател на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е убеден оти британската политика кон Украина нема да се промени во блиска иднина и покрај оставката на Борис Џонсон.
„Џонсон беше вистински пријател на Украина“, рече Зеленски во интервју за Си-ен-ен додавајќи дека Украина доби многу од таквиот однос со него мислејќи првенствено на воената поддршка.
Зеленски изрази надеж дека директно ќе разговара со Џонсон за да дознае повеќе детали за неговата оставка, пренесува Си-ен-ен.
Свет
(Видео) Борис Џонсон поднесе оставка

Премиерот Борис Џонсон ѝ се обрати на британската јавност и ја разреши дилемата дали поднесува оставка или не.
Пред Даунинг стрит 10 има бројни медиумски тимови, а речиси сите светски медиуми го пренесуваат неговото кратко обраќање.
На почетокот на своето обраќање Џонсон им се заблагодари на сите што го поддржаа, велејќи дека негова должност е лично да му го предаде мандатот на новиот премиер, но дури откако ќе биде избран нов лидер на конзервативците.
Тој исто така рече дека е горд на сите тешки проблеми со кои се соочила неговата влада и дека признал дека имало многу грешки.
„Ја напуштам функцијата лидер на конзервативците и премиерската функција“, рече тој и додаде дека новиот премиер ќе мора да почека до изборот на новиот лидер на Конзервативната партија, кој е назначен за премиер според британските правила.
Тој рече и дека е тажен што мора да ја напушти оваа „најшарена работа“, како и дека „многу е болно што нема да го заврши целиот свој мандат“.
Во минутите пред да ѝ се обрати на јавноста, британскиот премиер во заминување се обиде набрзина да состави нов кабинет, по драматичните оставки, од кои 59 за само 24 часа.