Свет
Украина ја прекина испораката на руски гас во ЕУ: „Ова е историски настан“
Рускиот енергетски гигант Гаспром соопшти дека извозот на гас преку Украина во Европа е прекинат во 8 часот наутро по московско време, бидејќи истече договорот за транзит.
Украина соопшти дека транзитот на руски природен гас низ нејзина територија е суспендиран од 7 часот наутро по локално време, поради
„националната безбедност“.
„Го запревме транзитот на руски гас. Ова е историски настан“, изјави министерот за енергетика Герман Галушченко. Изјавата на киевското Министерство за енергетика уследи по истекот на петгодишниот договор меѓу Гаспром и украински Нафтогас.
„Русија ги губи своите пазари, ќе претрпи финансиски загуби. Европа веќе донесе одлука да се откаже од рускиот гас“, рече тој.
Затворањето на најстарата руска рута за гас за Европа стави крај на една деценија на тензични односи предизвикани од руското заземање на Крим во 2014 година. Украина престана да купува руски гас следната година. Запирањето на протокот на гас се очекуваше поради војната, која започна во февруари 2022 година. Украина беше категорична дека нема да го продолжи договорот. Транзитот на гас преку Украина сочинуваше приближно половина од вкупниот извоз на гас на Русија преку цевководи до Европа.
Русија сè уште извезува гас преку гасоводот „Турски тек“ на дното на Црното Море. Турски тек има две линии – едната за турскиот пазар, а другата за снабдување на потрошувачите во Централна Европа, вклучувајќи ги Унгарија и Србија.
Европската унија ги удвои напорите за намалување на зависноста од руската енергија по избувнувањето на воениот конфликт во Украина во 2022 година, барајќи алтернативни извори. Останатите купувачи на руски гас преку Украина, како Словачка и Австрија, исто така се договорија за алтернативни испораки. Во декември Австрија одлучи да го раскине долгорочниот договор со Гаспром, Словачка му се закани на Киев со одмазда, според написите во медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Бугарија се подготвува за продажба на рафинеријата на „Лукоил“
Партијата ГЕРБ во Бугарија планира да предложи закон што ќе му овозможи на специјален администратор да ја спроведе продажбата на рафинеријата на Лукоил во Бургас, најголемиот објект за преработка на нафта во земјата.
Иницијативата доаѓа во време кога САД и Велика Британија воведоа нови санкции против руските нафтени компании, вклучувајќи го и Лукоил, поради војната во Украина.
Законот, како што објави денес локалниот бугарски медиум Медиапул, ќе му овозможи на специјалниот администратор да го преземе надзорот врз рафинеријата во Бургас и да донесува одлуки за продажбата без право на рускиот сопственик да ја блокира одлуката, да ја оспори или да влијае на процесот, што би овозможило промена на сопственичката структура на рафинеријата и зачувување на нејзиното работење според новите услови на меѓународни санкции, пренесе „Б92“.
Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов изјави дека постои логика во ова решение и најави дека нацрт-законот ќе биде доставен до парламентот.
Целта е да се обезбеди непречено функционирање на клучната енергетска инфраструктура во земјата, почитувајќи го режимот на санкции од Западот, објавува Ројтерс.
Рафинеријата во Бургас, со капацитет од околу 190.000 барели дневно, е од стратешко значење за снабдувањето на Бугарија и делови од регионот.
Владата на Софија објави дека е во постојан контакт со американските институции за да може работењето на рафинеријата да продолжи и покрај санкциите.
Лукоил веќе се соочува со тешкотии во меѓународните операции поради ограничувања што влијаат на логистиката, трговијата и финансиските текови.
Компанијата, според изворите, имала проблеми со товарење во Ирак, пумпни станици во Финска и тргување во Швајцарија.
Министерството за финансии на САД издаде привремена дозвола што им овозможува на компаниите да ги прекинат постојните трансакции со Лукоил до 21 ноември.
Свет
(Видео) Големото интервју на Трамп за „60 минути“ цензурирано: што се беше исечено
Емисијата „60 минути“ на Си-би-ес драстично го скрати интервјуто со Доналд Трамп што се емитуваше во недела навечер, отсекувајќи ги клучните делови во кои поранешниот претседател се фалеше со финансиска спогодба што ја добил од таа медиска куќа.
Од 90-минутното интервју со новинарката Нора О’Донел, беа емитувани само околу 28. Тоа беше неговото прво интервју во емисијата по пет години, објавува „Гардијан“.
Уредувањето на интервјуто е особено значајно бидејќи точно пред една година, Трамп го тужеше Си-би-ес за она што тој го тврдеше дека е погрешно монтирање на интервју со тогашната потпретседателка Камала Харис за да ѝ помогне да победи на претседателските избори.
Иако правните експерти ја отфрлија тужбата како „неоснована“, Си-би-ес се договори со Трамп во јули за 16 милиони долари. Како дел од спогодбата, мрежата се согласи да објави транскрипти од идните интервјуа со претседателските кандидати, а целиот транскрипт и проширената верзија од ова интервју беа објавени онлајн.
Неемитувана провокација
Во делот од интервјуто што не беше емитуван на телевизија, Трамп го провоцираше Си-би-ес за спогодбата и ги повтори своите обвинувања.
„Всушност, ’60 минути’ ми плати многу пари. И не мора да го емитувате ова, бидејќи не сакам да ве засрамам, а сигурен сум дека не сакате“, рече Трамп.
„Но, ’60 минути’ беше принудена да ми плати многу пари бидејќи го отстранија нејзиниот одговор што беше толку лош, што ги промени изборите, две ноќи пред изборите. И ставија нов одговор. И ми платија многу пари за тоа. Не можете да имате лажни вести. Мора да имате легитимни вести. И мислам дека тоа се случува“, рече Трамп.
Кратења и на други теми
Меѓу многуте кратења на одговорите имаше коментари во кои Трамп го доведуваше во прашање интегритетот на претседателските избори во 2020 година, за кои повторно рече дека биле „наместени и украдени“.
Во еден од неемитуваните сегменти, Трамп се обиде да ја натера О’Донел да признае дека криминалот во Вашингтон, каде што живее, е намален. „Ти живееш тука. И го знаеш тоа“, рече Трамп, прашувајќи ја: „Дали ја гледаш разликата?“
„Мислам дека работев премногу“, одговори О’Донел. „Не бев толку многу надвор… Седнувам во мојот автомобил и одам на работа и си одам дома“. Трамп го нарече нејзиниот одговор нечесен, а потоа предложи дел од разговорот да не се емитува.
„Не мора да го користите тоа“, рече тој. „Не грижи се, не грижи се, не сакам да ја засрамам“.
Свет
Макрон за нападот во Франција: Правдата ќе ја утврди вистината
Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека има целосна доверба дека правосудниот систем на земјата ќе ја утврди вистината и ќе реагира со најголема цврстина откако возач на автомобил намерно удри неколку луѓе на островот Олерон во средата.
„Сите сме шокирани од нападот. Изразувам најдлабоко сочувство до повредените и семејствата на погодените. Им се заблагодарувам на нашите безбедносни и спасувачки сили кои беа мобилизирани за да го заштитат францускиот народ“, изјави Макрон, кој моментално е во Бразил, каде што учествува на климатскиот самит.
Возачот, 35-годишен маж кој живее на островот, намерно прегазил пет лица вчера, соопштија обвинителите.
Градоначалникот на Сен Пјер д’Олерон ја потврди намерата на возачот да удира во случајни минувачи.
Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека осомничениот покажувал експлицитен религиозен став и бил предмет на саморадикализација.
Сепак, во оваа фаза од истрагата, не е јасно дали религиозните мотиви биле причина за нападот, објави Ројтерс. Две лица повредени во инцидентот се уште се во сериозна здравствена состојба.

