Свет
Фон дер Лајен: Разгледуваме опција за соборување руски авиони
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека соборувањето руски борбени авиони што влегуваат во воздушниот простор на НАТО и Европската Унија е опција што се разгледува.
„Моето мислење е дека мора да го браниме секој квадратен сантиметар од територијата, а тоа значи дека доколку има упад во воздушниот простор, по предупредувањето, откога сме биле многу јасни, секако, опцијата за соборување борбен авион што ќе го нападне нашиот воздушен простор е на маса“, рече Фон дер Лајен во интервју за Си-ен-ен.
Претседателката на Европската комисија изјави дека Русија ја тестира Европа на сите полиња.
„Тоа е хибридна војна што ја доживуваме со години, која Русија ја води против демократиите на Европската Унија и другите. И затоа се бориме на сите овие полиња. И, како што реков, тоа е одлука на НАТО, но би била многу јасна – не допирајте ја нашата територија“, рече Лајен.
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот, за време на состанокот со украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, изјави дека земјите од НАТО треба да ги соборуваат руските авиони што влегуваат во нивниот воздушен простор.
Полска и Романија пријавија повреди на нивниот воздушен простор од страна на руски авиони претходно овој месец, што го поттикна НАТО да лансира борбени авиони како одговор, објави „Танјуг“.
Естонија во петокот објави дека три руски авиони влегле во нејзиниот воздушен простор, што Русија го негира.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Белград се урна напуштен двокатен објект
Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.
Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.
При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.
Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.

