Свет
(Фото) Двегодишно девојче прогласено за жива божица во Непал
Двегодишно девојче е избрано за нова жива божица во Непал, носена од семејството од својот дом до храмовата палата во вторникот за време на најважниот хиндуистички фестивал во земјата. Арјатара Шакја, стара 2 години и 8 месеци, е новата Кумари, или девица божица, која ја наследува својата претходничка, која традиционално се смета за обичен смртник по достигнувањето пубертет, објавува Си-ен-ен.
Кој може да биде Кумари?
Кумарите се избираат од кланот Шакја, кој припаѓа на заедницата Невар, домородна во долината Катманду. Тие се обожавани и од хиндуистите и од будистите во претежно хиндуистичката нација. Девојчињата се избираат на возраст помеѓу две и четири години и мора да исполнуваат строги критериуми – мора да имаат беспрекорна кожа, коса, очи и заби и не смее да се плашат од темнината.

За време на фестивалот „Индра Џатра“ претходно овој месец, поранешната Кумари се возеше во кочија влечена од верници. Кумари секогаш носи црвена облека, косата ѝ е врзана во пунџа, а на челото има насликано трето око.

Вторникот го одбележа осмиот ден од Дашаин, 15-дневна прослава на победата на доброто над злото, а канцелариите и училиштата беа затворени за луѓето да може да слават со своите семејства. Семејството, пријателите и верниците ја придружуваа новата Кумари на улиците на Катманду пред да влезе во храмовата палата, која ќе биде нејзин дом во следните неколку години.

Верниците се редеа за да ги допрат нозете на девојчето со челата, највисок знак на почит меѓу хиндуистите во хималајската нација, и ѝ нудеа цвеќе и пари.
Новата Кумари утре ќе ги благослови верниците вклучувајќи го и претседателот. „Вчера, таа беше само моја ќерка, но денес е божица“, рече татко ѝ, Ананта Шакја.

Тој додаде дека имал знаци оти таа ќе стане божица уште пред да се роди. „Мојата сопруга сонуваше за време на бременоста дека е божица и знаевме дека ќе биде некој многу посебен“, рече тој.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данската премиерка: Нема да го продадеме Гренланд и покрај заканите од САД
Премиерката на Данска, Мете Фредериксен, изјави дека Копенхаген нема да се откаже од Гренланд поради американските закани за царини кои имаат за цел да ја принудат продажбата на островот.
Коментирајќи ја можноста ЕУ да воведе реципрочни мерки против САД, Фредериксен рече дека трговската војна меѓу сојузниците е „многу лоша идеја“, објави „Ројтерс“.
Иако се надеваше дека мерки како што е таканаречената „трговска базука“ можат да се избегнат, таа рече дека Европа мора да најде одговор ако САД воведат царини.
Сепак, Фредериксен посочи дека би претпочитала да се справи со безбедносните загрижености на САД со соработка. Таа рече дека Копенхаген предложил потрајно безбедносно присуство на Арктикот за таа цел.
фото/Depositphotos
Свет
(Видео) Макрон со очила за сонце одржа говор во Давос: Се движиме кон свет без правила
Францускиот претседател, Емануел Макрон, им се обрати на учесниците на Светскиот економски форум во Давос, велејќи дека ова треба да биде време на мир, стабилност и предвидливост, што предизвика смеа во салата.
Тој рече дека е очигледно дека светот влегува во период на „нестабилност и нерамнотежа“, и безбедносна и економска, предупредувајќи на „поместување кон автократија“ и војни низ целиот свет во текот на 2024 година.
„Конфликтот стана нормализиран“, заклучи Макрон, кој им се обрати на присутните со очила за сонце што ги носеше јавно во последните денови поради инфекција на окото.
Во својот говор во Давос, Макрон предупреди дека светот влегува во период на длабока нестабилност и дека постои закана од „движење кон свет без правила“, во кој меѓународното право се повеќе се „гази“ и преовладува правото на посилниот. Тој оцени дека ова е „многу загрижувачко време“, директно предупредувајќи за агресивната надворешна политика на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Зборувајќи за трговските односи, Макрон рече дека конкуренцијата од Соединетите Американски Држави во склучувањето договори што „ги поткопуваат нашите извозни интереси, бараат максимални отстапки и отворено имаат за цел да ја ослабат и потчинат Европа“, во комбинација со, рече тој, „бесконечното акумулирање на нови тарифи“, е „фундаментално неприфатливо“ за Европа.
„Уште посериозно е кога тарифите се користат како лост за притисок врз територијалниот суверенитет“, рече тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп утрово јавно сподели порака што ја добил од Макрон, во која предлага состанок на Г7 на самитот во Давос во Швајцарија. Трамп, исто така, рече дека ќе воведе царина од 200 проценти на францускиот шампањ и вино ако е вистина дека Макрон не сака да се приклучи на неговиот „Комитет за мир“.
Извор близок до францускиот претседател утрово изјави дека заканите на американскиот претседател за воведување царина од 200 проценти на францускиот шампањ, поради намерата на Франција да ја отфрли неговата покана за учество во таканаречениот „Комитет за мир“, се неприфатливи.
фото/епа
Свет
Лавров: Трамп знае дека Русија нема никаква врска со Гренланд
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, рече дека „воопшто не се сомнева“ дека Вашингтон знае дека Русија „нема никаква врска“ со Гренланд.
Тој додаде дека „нема докази“ дека Русија има намера да го окупира Гренланд.
Лавров, исто така, истакна дека Москва ќе продолжи да ја следи „сериозната геополитичка ситуација“.
Рускиот шеф на дипломатијата денес изјави и дека Гренланд „не е природен дел“ од Данска и дека прашањето за поранешните колонијални територии станува сè порелевантно.
Тој истакна дека Русија нема планови поврзани со Гренланд, но дека ја следи „сериозната геополитичка ситуација“ околу островот. Додаде дека НАТО треба да одлучи за Гренланд во рамките на алијансата.
фото/Depositphotos

