Европа
Франција бара Брисел да ја принуди секоја членка на ЕУ да прими мигранти

Франција побара секоја земја членка на ЕУ да биде принудена да преземе дел од илегалните мигранти што пристигнуваат на европска почва, пренесува „Л’инфо“.
Зборувајќи за „Франс интер“ во средата, францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, посочи дека прашањето за миграцијата може да се реши само на европско ниво и дека секоја земја во ЕУ мора да го дели товарот за преселување на мигрантите од третиот свет.
„Ние, сепак, сакаме европска солидарност. Нема причина зошто само Италија, Франција и Германија да ја делат оваа солидарност со Грција“, рече Дарманин.
Францускиот министер ги даде своите забелешки непосредно пред Брисел да обелодени дека задолжителниот механизам за солидарност ќе биде дел од плановите за наметнување европски систем за азил и миграција на секоја земја во ЕУ.
Иако новиот план технички нема систем за задолжително преселување – главна точка на расправија за земјите, вклучително Унгарија и Полска, кои не сакаат да станат мултикултурни држави по калапот на Франција и Германија – деталите во рамките на предлозите сугерираат дека Брисел планира да им ги префрли мигрантите на задната врата на нациите што не ги сакаат.
Земјите што одбиваат да ги преселат мигрантите директно ќе бидат принудени да покажат солидарност преземајќи одговорност за враќање на илегалните имигранти во нивните татковини.
Меѓутоа, ако депортациите не бидат успешно извршени – и невладини организации за миграција и адвокати се покажаа многу ефикасни во спречување на депортациите – владата што ги спонзорира враќањата ќе биде казнета со тоа што сепак ќе мора да ги прими мигрантите.
И покрај големата француска загриженост дека масовната имиграција од глобалниот југ ја прави нивната земја многу понасилно и поопасно место за живеење, владата инсистира да се прими голем дел од постојаниот прилив на нелегални имигранти, кои продолжуваат да бидат тргувани во Европа.
Локалните медиуми на Малта во средата објавија дека голема група мигранти е пренесена во Франција, а уште стотици треба да бидат пренесени таму во следните неколку недели. Брод на невладина организација управуван од германската група за кампања за отворени граници „Си ај“ во моментот плови кон Марсеј со 125 нелегални имигранти кога Италијанците одбија да го пуштат бродот да се закотви.
Зборувајќи од име на Мишел Рубирола, екстремно левичарската градоначалничка на Марсеј, која е од зелената партија, заменик-градоначалникот Беноа Пајан рече дека Марсеј е подготвен да ја прими последната група мигранти.
Иако француската влада е дарежлива во понудата на средства од даночните обврзници за сместување и хранење на неограничениот прилив на мигранти од Африка и од Блискиот Исток, многу од новодојденците ќе сакаат нелегално да влезат во Велика Британија кога ќе пристигнат во Франција.
Стотици мигранти секој ден нелегално го преминуваат Ла Манш кон Велика Британија, а последните официјални податоци покажуваат дека повеќе од 6.400 дошле со брод досега годинава – повеќе од тројно повеќе од бројот регистриран во 2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Фото+видео) Опасна бура во Словенија: паѓаше град со големина на јајце, издадено портокалово предупредување

Словенија е погодена од силни бури придружени со силни налети на ветер, поројни дождови и град.
Сообраќајот во земјата е забавен, а Агенцијата за заштита на животната средина издаде портокалово предупредување за целата територија.
Од агенцијата посочуваат дека поради дождот може да дојде до задржување на вода и зголемување на реките.
На објавите на социјалните мрежи се гледа дека паѓал град со големина на јајце.
Според објавите и коментарите, најлошото било околу Шемпетер во долината Савиња.
Како што јавува ТВ Словенија, во текот на вечерта бурата постепено ќе ослабне , најдоцна на истокот од земјата.
Бура пристигнува и во Хрватска
Силна бурна ќелија, која пристигна преку брегот од Италија, се движи кон внатрешноста на Хрватска, придружена со врнежи од дожд, силни налети на ветер и локален град.
Водна пијавица е снимена над морето во близина на Умаг. Се очекува активноста на бурата дополнително да се интензивира во наредните часови.
Управата за заштита на животната средина издаде портокалова тревога за регионите Риека, Карловац и Загреб поради локално можни грмотевици со привремено силни до бурони ветрови, а можна е и појава на град.
Европа
Колона долга околу 700 километри забележана на автопат во Франција

Колона долга речиси 700 километри е забележана денеска на автопат во Франција, додека вкупната должина на сите колони на патиштата во земјата изнесуваше 1.051,6 километри во време на зголемен сообраќаен интензитет поради летните одмори и смената на туристи, што колоквијално се нарекува „Црна сабота“.
Како што извести BFM TV, сообраќајот на патиштата во Франција дополнително бил забавен поради две сообраќајни несреќи на автопатот кон Медитеранот и Атлантскиот Океан.
Според податоците на Bizon Futé, француската агенција за следење на состојбата на патиштата, до 7 часот утрово колоните биле подолги од 200 километри, а до 10 часот веќе надминале 570 километри.
Како што беше соопштено, гужвите се во согласност со прогнозите на агенцијата, која предупреди на „исклучително тешки сообраќајни услови“ за оваа сабота, а врвот на метежот се очекува околу пладне.
Сообраќајот во правец кон Алпите исто така е интензивен и загушен, со задржувања од час и 45 минути во тунелот Мон Блан во правец кон Италија
Европа
Финска, Норвешка и Шведска под жештина невидена од 1961 година

Земјите од Северна Европа, познати по својата студена клима, се соочуваат со интензивни топлотни бранови, со температури над 30 степени Целзиусови во подолг временски период.
Во норвешкиот дел од Арктичкиот круг, метеоролошките станици регистрирале температури над 30 степени Целзиусови дури 13 дена во јули, додека Финска имала три последователни недели со температури од 30 степени, пишува денес британскиот „Гардијан“.
Според научниците, тоа е најдолгиот период според историските податоци од 1961 година, а трае 50 проценти подолго од претходниот рекорд.
„Топлотниот бран е сè уште во полн ек, со максимални температури денес околу 32-33 степени. Дури и арктичките региони забележаа три недели со температури над 25 степени и може да ги соборат своите августовски температурни рекорди утре“, изјави Мика Рантанен, климатолог во Финскиот метеоролошки институт, во објава на социјалните мрежи.
Норвешкиот метеоролошки институт соопшти дека температури над 30 степени се регистрирани 12 дена во јули во најмалку една станица во трите најсеверни покраини на Норвешка.
Во Шведска, метеоролозите, исто така, регистрираа продолжени топлотни бранови во неколку северни градови, при што метеоролошката станица во Хапаранда регистрираше температури од 25 степени или повеќе 14 дена по ред.
Овие топлотни бранови, кои ја погодија северна Европа кон средината на јули, беа предизвикани од топлите води покрај северниот брег на Норвешка, кои ги покачија температурите во нордиските земји за осум до 10 степени над сезонските норми.
Поради интензивен топлотен бран, лизгалиште на мраз во северна Финска ги отвори вратите за луѓе кои бараат засолниште од жештината, откако локалните болници беа преполни, а сточарите предупредија дека нивните ирваси се на работ на смртта од жештината.