Свет
Францускиот премиер во одбрана на новиот министер за внатрешни работи, кој е обвинет за силување
Новиот премиер на Франција, Жан Кастекс, му се придружи на претседателот Емануел Макрон во поддршката на новиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, кој е обвинет за силување, пренесува „Спутник“.
„Тој, како и сите други, има право на пресумција на невиност“, рече Кастекс за телевизијата БФМ-ТВ.
Дарманин, кој беше назначен на функцијата во понеделникот како дел од реконструкцијата на владата, беше обвинет за силување на Софи Патерсон-Спац во 2009 година додека беше локален советник во северна Франција.
Жената тврди дека Дарманин ја принудил на секс кога го замолила за правна помош за преиначување на условната казна затвор за уцени и закани против нејзиното поранешно момче. Дарманин тврди дека станувало збор за однос со согласност и ја тужеше жената за клевета.
Прелиминарната истрага почна во 2017 година кога Патерсон-Спац излезе со тврдењата, но беше отфрлена неколку месеци подоцна кога обвинителите рекоа дека не може да утврдат отсуство на согласност. Апелацискиот суд во Париз минатиот месец пресуди дека истрагата може повторно да се отвори.
Назначувањето на Дарманин предизвика протести од активистите против сексуалното насилство и критичарите на владата и покрај фактот дека Дарманин сè уште не се соочил со никакви обвиненија.
„Тоа е шлаканица в лице. Уште еднаш славиме луѓе што се обвинети за силување или кажуваат работи што го негираат гласот на жртвите. Тоа ги задушува жртвите и ги храни сексуалното насилство и културата на силување“, рече Полин Барон од феминистичката група „Нос тут“.
Во вторникот дваесетина феминистички демонстранти се собраа пред Министерството за внатрешни работи,извикувајќи „Дарманин, насилник“ и „Дарманин, оставка“. Претседателот Емануел Макрон го бранеше Дарманин велејќи дека отворената истрага не е пречка за негово назначување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон ја поздрави пресудата на Врховниот суд против царините на Трамп
Францускиот претседател, Емануел Макрон, ја поздрави одлуката на американскиот Врховен суд да ги поништи царините што претседателот на САД, Доналд Трамп, ги воведе минатата година, нагласувајќи дека е добро да има контрола и рамнотежа во владеењето на правото и демократијата.
„Не е лошо да постои Врховен суд и владеење на правото во демократијата“, рече Макрон и додаде дека Франција ќе ги разгледа последиците од глобалните царини од 10 отсто што Трамп ги воведе синоќа, пренесува Ројтерс.
Доналд Трамп, пак, порача дека САД не планираат да им враќаат пари на компаниите по поништените царини и ги критикуваше судиите кои гласаа за укинување на мерките, нарекувајќи ги „нелојални“ и потенцијално под влијание на странски интереси. Тој исто така најави и отворање на истраги за заштита на САД од некоректни трговски практики на други земји и компании.
Свет
Трамп не планира да им враќа пари на компаниите поради укинувањето на царините
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека САД не планираат да им враќаат пари на компаниите, откако Врховниот суд ги поништи царините што тој ги воведе минатата година за низа странски земји.
На конференцијата за новинари во Белата куќа, Трамп рече дека неговиот тим не предвидува поврат на средства и додаде дека верува оти случаите ќе завршат на суд во следните неколку години.
„Напишаа ужасна, погрешна одлука, скоро како да не ја напишале паметни луѓе. На крај ќе бидеме на суд наредните пет години“, рече Трамп.
Судот со шест гласа за и три против одлучи дека Трамп ги надминал своите овластувања кога го искористил Законот за вонредни федерални состојби од 1977 година (IEEPA) за воведување реципрочни глобални царини.
Американските увозници кои минатата година плаќале царини можеби ќе побараат поврат на средства од Агенцијата за царини и гранична заштита, што би можело да чини милијарди долари, иако дел од трошоците можеби веќе ги префрлиле на потрошувачите.
Трамп, исто така, предупреди дека земјите кои, според него, лошо постапувале кон САД ќе „платат цена за тоа“, додека оние кои биле „добри кон Америка“ ќе бидат „многу добро третирани“.
Без да даде конкретни докази, Трамп повтори дека странски интереси влијаеле на одлуката на Врховниот суд да ги укине царините.
„Мислам дека странските интереси ги претставуваат луѓе со големо влијание. Тие имаат големо влијание на Врховниот суд, дали преку страв, почит или пријателства, не знам. Но, ги познавам некои од луѓето од другата страна и не ми се допаѓаат. Мислам дека се вистински ѓаволи“, заклучи Трамп.
Свет
Трамп потпиша указ за нови царини од 10 проценти на глобално ниво
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека потпишал указ за воведување глобални царини од 10 проценти за сите земји, кои, како што наведе, ќе стапат во сила речиси веднаш. Одлуката доаѓа откако Врховниот суд на САД поништи дел од царините што тој ги воведе минатата година за голем број држави.
Тој остро ги критикуваше судиите кои гласаа за укинување на претходните мерки, оценувајќи дека нивната одлука била „погрешна“ и најави дека администрацијата ќе преземе дополнителни чекори за да обезбеди, како што рече, поголеми приходи од царините.
На прес-конференција во Белата куќа, Трамп најави дека новите мерки ќе бидат донесени согласно член 122, кој му овозможува на претседателот привремено да воведе дополнителни давачки на увоз во случај на сериозни нерамнотежи во платниот биланс.
Најави и покренување истраги и други механизми, со цел, како што посочи, заштита на американската економија од нефер трговски практики. Според Трамп, одлуката на Врховниот суд не ги укинува царините како инструмент, туку се однесува само на одредена правна основа за нивна примена.

