Свет
Француски генерал за Русија: Ако нашата земја се откаже затоа што не е подготвена да ја прифати загубата на своите деца и се соочи со економски тешкотии, тогаш ќе бидеме во опасност
Началникот на Генералштабот на француските вооружени сили, генерал Фабиен Мандон, предизвика жестока политичка и јавна реакција во Франција изјавувајќи дека Французите треба да бидат подготвени да ги изгубат своите деца ако сакаат да ја одвратат Русија, пренесуваат светските медиуми.
Зборувајќи на 18 ноември на конгресот на француските градоначалници, Мандон рече дека Франција може да биде во опасност ако како општество не е подготвена да направи големи жртви.
„Ако нашата земја се откаже затоа што не е подготвена да ја прифати загубата на своите деца и се соочи со економски тешкотии, а притоа да даде приоритет на производството на одбранбена опрема, тогаш ќе бидеме во опасност“, рече генералот, пренесува TF1.
Мандон тврдеше дека Франција има „знаење, економска и демографска моќ“ да се соочи со Русија истакнувајќи дека долго време инсистира на вооружување на земјата. Тој неодамна предупреди дека француската армија мора да биде подготвена за евентуален конфликт со Русија во рок од три до четири години.
Како што истакнува TF1, изјавата предизвика силна осуда од политичарите од целиот спектар. Жан-Лук Меланшон, основачот на левичарската партија Бунтовна Франција, остро реагира велејќи дека генералот немал овластување да планира жртви што произлегуваат од политички и дипломатски одлуки.
„Не е негова работа да ги планира жртвите што ќе произлезат од нашите дипломатски неуспеси за кои не е побарано негово мислење“, напиша Меланшон на мрежата X.
Медиумите потсетуваат дека рускиот претседател Владимир Путин претходно оцени дека разговорите на европските политичари за можна војна со Русија се глупости. Во својот говор на општата дебата на 80-тото заседание на Генералното собрание на ОН, министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, нагласи дека Русија никогаш не нападнала, ниту има намера да ги нападне НАТО или Европската Унија.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Полски медиуми: Нападнат нашиот амбасадор во Русија, објавена снимка од инцидентот
Полскиот амбасадор во Русија, Кшиштоф Крајевски, бил нападнат во Санкт Петербург од група демонстранти кои протестирале против полската поддршка за Украина, пренесуваат полските медиуми. Инцидентот се случил во неделата, додека дипломатот бил на пат кон Католичката црква „Св. Катарина“ по повод Денот на независноста на Полска.
Според „Газета Виборча“, амбасадорот бил опколен од агресивна група што носела транспаренти со антиполски и антиукраински пораки. Демонстрантите прво го нападнале вербално, а потоа неколкумина се обиделе и физички да го удрат. Интервенцијата на припадниците на полската Државна служба за заштита го спречила нападот.
❗️Krzysztof Krajewski, Polish ambassador to Russia, was attacked in St Petersburg.
According to TVP, the ambassador was attacked by an aggressive group of about 10 people carrying anti-Polish and anti-Ukrainian banners. They surrounded him and attempted to strike him.
“It began… pic.twitter.com/LHiFdwmW5y
— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) November 20, 2025
Полското МНР го потврди инцидентот, нарекувајќи го „најсериозен во долг период“. Варшава, на средбата со рускиот отправник на работи, изразила силно незадоволство, на што руската страна одговорила дека вакви ситуации „не треба да се случуваат“.
Нападот се случил во период на зголемени тензии меѓу Полска и Русија, по саботажата на железничка линија во Полска, за која Варшава ја обвинува Москва. Како одговор, Полска нареди затворање на рускиот конзулат во Гдањск – третиот таков потег по конзулатите во Познањ и Краков – оставајќи го само руското амбасадорство во Варшава активно.
Москва, пак, ги отфрли обвиненијата и ја обвини Полска за „русофобија“, најавувајќи „реципрочни мерки“.
Регион
„Лукоил“ во завршна фаза на продажба на рафинеријата во Бугарија – компанијата предупредува на заштита на сопственичките права
Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ соопшти дека е во завршна фаза од продажбата на својата имотна структура во Бугарија, вклучувајќи ја рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“ и мрежата бензински станици. Компанијата предупреди дека ќе преземе правни мерки доколку специјалниот управител назначен од бугарската влада ги повреди нејзините сопственички права.
Вашингтон на крајот на октомври воведе санкции за „Лукоил“ и „Роснефт“ со цел да го ограничи руското финансирање на војната во Украина. Рокот за завршување на трансакциите со „Lukoil International“ е продолжен до 13 декември, а за бугарските подружници до 29 април 2026 година.
Бугарската влада минатата недела именуваше специјален управител со овластувања да го продолжи работењето и, доколку е потребно, да продава удели во рафинеријата. „Лукоил“ соопшти дека очекува неговото назначување да не го попречи процесот на продажба.
Компанијата истакна дека работи со неколку потенцијални купувачи. Меѓу заинтересираните се турскиот „Cengiz Holding“, азербејџанската државна нафтена компанија SOCAR, како и казахстанскиот „Казмунајгаз“, меѓународната трговска куќа Vitol, турскиот фонд Oyak и унгарската компанија MOL. Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврди дека MOL доставил понуда.
„Лукоил“ најави дека компанијата ќе ги заштити своите легитимни интереси доколку бидат прекршени, потсетувајќи дека во Бугарија има инвестирано над 4,5 милијарди долари во последните 25 години.
Свет
Повеќе од 400 милиони деца живеат во сиромаштија
Повеќе од 412 милиони деца во земјите со ниски и средни приходи живеат во сиромаштија и се лишени од основни потреби како образование, здравствена грижа и соодветна исхрана, се наведува во извештајот на УНИЦЕФ објавен по повод Меѓународниот ден на детето.
Според извештајот, најпогодени се децата во субсахарска Африка, а сериозна состојба е забележана и во јужна и југоисточна Азија и регионот на Пацификот. УНИЦЕФ предупредува дека напредокот постигнат во последната деценија е загрозен поради намалување на меѓународната развојна помош.
Агенцијата истакнува дека сиромаштијата е поширок проблем од финансиската немаштија – 65 проценти од децата во земјите со ниски приходи немаат пристап до санитарни услови.
Извршната директорка на УНИЦЕФ, Катрин Расел, повика владите и компаниите да не ги намалуваат средствата за најранливите и да продолжат да вложуваат во клучни услуги за децата.

