Свет
Хамас најави примирје, ќе трае 2 часа и ќе важи само за Тел Авив
Палестинската организација Хамас најави примирје со Израел, во траење од 2 часа, кое ќе започне во 22 часот по локално време, објавуваат светските агенции.
Според најавите, примирјето ќе се однесува само на Тел Авив.
Претходно, американскиот претседател Џозеф Бајден денеска телефонски разговараше со палестинскиот претседател Махмуд Абас за последните конфликти меѓу Израел и Палестинците, како и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Претседателот Абас доби важен телефонски повик од американскиот претседател Џо Бајден“, рече портпаролот на Абас.
Тоа беше првиот разговор меѓу двајцата лидери откако Бајден ја презеде функцијата во јануари.
Според светските гласила, претходно денеска, палестинската група Хамас, со седиште во Газа, изјави дека нејзините ракетни напади се засноваат на принципот на одмазда за секој израелски напад врз опколениот појас Газа.
Претставник на военото крило на Хамас, бригадата Ал-Касам, Абу Убаида, рече дека движењето ќе престане да пука кон Тел Авив на два часа – во сабота од 22 часот до полноќ по локално време.
Според изјавата, примирјето ќе важи само за Тел Авив, вториот по големина град во Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Трамп ме увери дека американската војска ќе остане во Германија
Американскиот претседател Доналд Трамп потврдил дека САД планираат да ја задржат својата воена присутност во Германија, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по средбата со него во Белата куќа.
„Трамп уште еднаш ме увери дека САД имаат намера да ја задржат својата воена присутност во Германија“, изјави Мерц во Вашингтон, додавајќи дека тоа се добри вести.
Во последните месеци се шпекулираше дека, поради критичкиот став на Трамп кон Европа, би можело да дојде до повлекување на американските трупи од Германија.
Мерц рече дека со Трамп разговарале и за подобра организација на заедничкото одвраќање пред самитот на НАТО во Анкара во јули.
Тој додаде дека Трамп признал дека Германија презела водечка улога во зајакнувањето на европскиот столб на НАТО и дека САД го почитуваат германското вложување во војската.
Свет
Израел погодил станбена зграда во Либан, најмалку четворица загинати
Најмалку четири лица загинале, а шест се ранети во израелски напад врз четирикатна станбена зграда во источниот либански град Баалбек, јави либанската државна агенција ННА.
Спасувачките екипи работат на извлекување луѓе од под урнатините.
Нападот доаѓа по ескалацијата на борбите долж либанско-израелската граница, откако Хезболах испалил дронови и ракети кон Израел. Од тогаш групата продолжила со ракетни напади, а Израел извршил низа воздушни удари низ Либан и испратил војници на југот.
Хезболах соопштил дека неговите борци испалиле голем број ракети кон израелски сили во близина на градот Метулa, како одговор на израелските напади врз десетици либански градови.
Израелската војска во средата ги предупредила жителите на 16 села во Либан да се евакуираат.
Според либанското министерство за здравство, од почетокот на последната ескалација во израелските напади загинале најмалку 50 луѓе, а 335 се ранети.
Фото: ЕПА
Свет
Сирија распоредува илјадници војници и ракетни единици на границата со Либан
Сириското Mинистерство за одбрана соопшти дека ја засилило воената присутност на границата со Либан, додека осум сириски и либански извори за „Ројтерс“ навеле дека се распоредени ракетни единици и илјадници војници.
Според соопштението, војската ја зајакнала контролата долж границите со Либан и Ирак „за заштита и контрола на границите во услови на ескалација на регионалниот конфликт“.
Распоредените сили се дел од гранични и извиднички баталјони задолжени за следење на граничните активности и борба против шверц.
Сириски офицери изјавиле дека засилувањето почнало во февруари, но значително се забрзало во последните денови. Целта е да се спречи шверц на оружје и дрога, како и движење на либанскиот Хезболах или други милитантни групи поддржани од Иран, пренесе Ројтерс. Во меѓувреме, Хезболах продолжи да пука кон Израел, повеќе од една година по примирјето постигнато во 2024 година. Израел издаде наредба за евакуација на голем дел од јужен Либан, а во израелски воздушни напади загинале околу десет лица, додека илјадници жители побарале засолниште во Сирија.

