Свет
Хамас: Разоружување само ако има независна палестинска држава

Палестинската милитантна група Хамас изјави дека нема да го положи оружјето сè додека не се воспостави независна палестинска држава.
Во соопштението, Хамас наведува дека не може да се откаже од вооружениот отпор сè додека не се воспостави целосно враќање на палестинските национални права, од кои најважно е воспоставувањето независна, целосно суверена палестинска држава со Ерусалим како главен град, пренесува Ројтерс.
Индиректните преговори меѓу Хамас и Израел, со цел постигнување 60-дневно примирје во војната во Газа и договор за ослободување на заложниците, минатата недела дојдоа во ќорсокак откако делегациите на САД и Израел се повлекоа од разговорите во Доха, Катар.
Во тоа време, американскиот специјален претставник Стив Виткоф го обвини Хамас дека преговара без вистинска желба за договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп именува наследник

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес посочи дека потпретседателот Џ.Д. Венс би можел да биде неговиот најверојатен наследник за претседател во 2028 година.
„Мислам дека тоа е најверојатно“, им рече Трамп на новинарите кога беше прашан за неговиот можен политички наследник, објави „Ројтерс“.
Трамп, исто така, предложи Венс и државниот секретар Марко Рубио да ги здружат силите за идниот републикански кандидат.
Како што истакна „Ројтерс“, ова е прв пат Трамп отворено да го поддржи Венс како можен кандидат.
Во февруари, тој рече дека Венс е многу способен, но дека е прерано да се утврди кој ќе биде кандидат.
Регион
Српскиот министер кој доживеа мозочен удар во емисија е свесен, но сè уште е во критична состојба

Министерот за јавни инвестиции на Србија, Дарко Глишиќ, се разбуди по операцијата поради мозочен удар и е свесен, но има тешкотии со говорот, објавија медиумите.
Министерот сè уште е во опасност.
Глишиќ вчера утрото доживеа мозочен удар за време на гостувањето во живо на ТВ Пинк, а како што најави министерот за здравство Златибор Лончар по операцијата во Клиничкиот центар на Србија, следните 24 часа се клучни.
„Операцијата е завршена, траеше подолго од очекуваното, но најважно е што она што сакавме да го постигнеме со процедурата беше успешно. Исклучително комплицирана операција, работеа неколку тима, имаше и тромб и крварење, интубиран е, на респиратор и на одделението за интензивна нега, каде што борбата за неговиот живот ќе продолжи. Најважно за нас беше да ја решиме блокадата на крвниот сад, тоа е крвниот сад што ја пренесува крвта до мозокот, говорниот центар, а без тоа, немаше да има шанси. Има уште еден сад кој исто така беше проширен и во него има тромбна маса, која крвареше. Тоа беше нашата главна задача, да го решиме тоа. Следува период кога неговото тело мора да се бори и да се справи со она што го доживеал. Се јави навреме и тоа беше направено во првите неколку часа“, рече Лончар.
Тој додаде дека министерот сè уште е во сериозна состојба.
„Мораше да биде интубиран, на респиратор. Сè уште е на интензивна нега, на респиратор. Следува сериозна борба. Луѓето кои работеа, нашите експерти се задоволни. Извршени се интервенции кои се изведуваат во неколку центри во светот. Причината е елиминирана, но ќе видиме како ќе реагира неговото тело. Не ме прашувајте за прогнозата, се бориме час по час, наша работа е да го правиме она што медицината го знае“, рече Лончар.
Свет
(Видео) Смртоносни поплави во Индија: има загинати, околу 100 лица се водат како исчезнати

Ненадејна поплава што предизвика порој од кал погоди населено место во хималајскиот регион во северна Индија, каде што четири лица загинаа, а околу 100 се водат како исчезнати, објавија денес локалните власти.
„Ситуацијата е сериозна. Добивме извештаи за четири смртни случаи и околу 100 исчезнати. Се молиме за нивна безбедност“, изјави државниот министер за одбрана Санџај Сет.
Видео снимките што ги објавија индиските медиуми покажуваат порои од кал и вода како ги носат станбените згради во Дарали, туристичка дестинација во индиската држава Утаракханд.
Индиската армија соопшти дека 150 војници на лице место помогнале во спасувањето на околу 20 преживеани од лизгањето на земјиштето.
Индиската метеоролошка служба издаде претходно предупредување поради обилните дождови во Утаракханд.
Смртоносните поплави и лизгање на земјиштето се чести за време на сезоната на монсуни во Индија од јуни до септември. Експертите велат дека климатските промени го зголемуваат нивниот интензитет и фреквенција.
Фото: принтскрин