Свет
Харис е радикално лева лудачка, Илон Макс е неверојатен тип, рече Трамп во интервјуто на „Икс“
Oбјавеното интервју на милијардерот Илон Маск со републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, на медиумската платформа „Икс“ на Маск доцнеше 42 минути во однос на планираниот почеток.
Поранешниот претседател рече дека обидот за атентат не бил пријатен.
„Тоа беше тежок удар. Беше многу, би рекле, надреално, но не беше надреално. Знаете, му кажував на некого, имате моменти кога чувствувате дека тоа е надреална ситуација. И никогаш не сум се чувствувал така. Знаев дека тоа е куршум“, рече Трамп за моментот кога куршумот му го погоди увото.
Милијардерот изјави дека одлучил да ја поддржи претседателската кандидатура на Трамп бидејќи му се допаднало однесувањето на Трамп по неуспешниот обид за атентат во Батлер, Пенсилванија, минатиот месец. Трамп потоа ја крена тупаницата во воздухот и почна да скандира „бори се, борба“, што Маск го нарече „неверојатно инспиративно“.
Трамп истакна дека неговото прво прашање било: „Колку луѓе се убиени? Тој тврди дека слушнал и други истрели, а знаел дека во публиката има илјадници луѓе.
Трамп ја нападна својата противничка Камала Харис откога таа најави дека ќе го прекине данокот на бакшиш.
„Одеднаш Харис вели дека нема да има данок за бакшишот. Тоа го ветив пред неколку месеци“, рече тој.
На митингот во Лас Вегас за време на викендот Харис вети дека ќе ги унапреди политиките од корист на работничките семејства споменувајќи го укинувањето на данокот на бакшиш. Трамп, кој прв ја предложи идејата на предизборен митинг во Лас Вегас во јуни, ја обвини Харис дека го копира.
Поранешниот претседател и милијардерот долго разговараа за имигрантите. Маск, кој рече дека САД треба да ја ограничат илегалната имиграција, го раскажа своето искуство од патувањето до јужната граница велејќи дека луѓето што ги видел „не изгледале пријателски“.
Трамп ги повтори своите познати тврдења дека другите земји испраќаат криминалци и ментално болни преку граница. За проблемите на границата тој ја обвини и потпретседателката Камала Харис велејќи дека Џо Бајден ја поставил да ја надгледува границата. Тој вети дека ќе ја изврши „најголемата депортација во историјата на земјата“.
Илон Маск понуди да преземе улога во администрацијата на Доналд Трамп помагајќи да се зауздаат владините трошоци доколку поранешниот претседател биде реизбран.
„Мислам дека би било одлично само да имаме владина комисија за ефикасност да ги разгледа овие работи и само да се увериме дека парите на даночните обврзници, тешко заработените пари на даночните обврзници, се трошат на добар начин. Би бил среќен да помогнам“, истакна тој.
Трамп одговори дека би бил среќен да го има Маск на одборот.
Трамп рече дека инфлацијата, заедно со ситуацијата на границата, е она што луѓето најмногу ги загрижува.
„Луѓето сакаат да слушнат за економијата и за фактот дека не може да купат продукти. Инфлацијата ги уби“, рече тој. Трамп го обвини Бајден за инфлаторната криза, која осакати многу Американци.
Инфлацијата во САД достигна 9,1 отсто во 2022 година, што е највисока годишна стапка во повеќе од 40 години.
„Мислам дека ја имаме најлошата инфлација во последните 100 години. Тие велат дека е најлоша инфлација во последните 48 години. Не верувам во тоа“, нагласи Трамп.
Поранешниот претседател Трамп ја критикува Калифорнија и го пофали Тексас кога станува збор за бизнисот спомнувајќи ја енергетската компанија „Шеврон“, која го пресели своето седиште од Калифорнија во Хјустон.
„Видов дека ја напуштивте Калифорнија и се преселивте во Тексас. Тексас врши одлична работа”, му рекол Трамп на Маск.
Маск минатиот месец објави дека две од неговите компании, „Спајс икс“ и „Икс“, порано познати како „Твитер“, исто така ќе се преселат во Тексас.
Трамп го повтори своето тврдење дека ќе го затвори Министерството за образование доколку биде реизбран. Тој вети дека ќе го врати образованието во државите предвидувајќи дека најмалку 35 држави ќе имаат одлично управување со образованието.
За време на интервјуто Маск ја бранеше индустријата за нафта и гас тврдејќи дека значителното зголемување на јаглеродниот диоксид може да го отежни дишењето, но дека не е неопходно да се намали нивото на емисиите на стакленички гасови со децении.
Во исто време, Маск го бранеше својот бизнис со електрични возила, кој беше на удар на Трамп за време на неговата кампања. Трамп во текот на интервјуто велеше дека нуклеарното затоплување е поголема закана од глобалното затоплување. Тој објасни дека нуклеарната енергија е најголемата закана.
Маск не се согласува бранејќи го производството на нуклеарна енергија, тврдејќи дека неговата безбедност е широко погрешно разбрана.
„Тоа не е толку страшно како што мислат луѓето“, објасни Маск. Се чинеше дека Трамп го прифати тоа сугерирајќи дека нуклеарната енергија мора да се нарекува поинаку.
„Во право си. Можеби ќе треба да го сменат името. Ќе го викаме по тебе или слично. Има проблем со брендирањето“, посочи Трамп.
Поранешниот претседател предупреди дека нема смисла што САД немаат возови со голема брзина.
„Ние немаме такво нешто во оваа земја, ниту блиску“, рече тој.
Маск рече дека потпретседателката Камала Харис е екстремно лева, а Трамп ја нарече радикален левичар лудак и полоша од Берни Сандерс.
Разговорот траеше повеќе од два часа. Поранешниот претседател го пофали Маск за бројот на корисници што го слушаат разговорот на двајцата велејќи: „Се надевам дека нема да се нервирате бидејќи сега имате многу луѓе што ве слушаат“.
„Честитки“, му рекол тој на Маск пред на шега да праша: „Дали ќе земам плата за ова или не?“
Завршувајќи го разговорот, Трамп го нарече Маск неверојатен тип и голема инспирација додавајќи дека повторно ќе има сличен разговор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Изгласана новата Европска комисија на Урсула фон дер Лајен
Претставниците на Европскиот парламент со повеќе од половина од мнозинството гласови ја избраа новата Европска комисија предводена вторпат од Урсула фон дер Лајен, која ја презема функцијата в недела, 1 декември.
Гласаа 688 пратеници, од кои 370 гласаа за потврдување на Комисијата, 282 беа против, а 36 беа воздржани.
Комисијата доби помалку гласови од Урсула фон дер Лајен кога Европскиот парламент гласаше за новиот шеф на Комисијата во јули кога таа доби 401 глас.
Пред пет години, во јули 2019 година, Урсула фон дер Лајен доби само 383 гласа, девет повеќе од апсолутното мнозинство, но нејзината прва Комисија доби поддршка од 461 европратеник, значително повеќе од денес, со тоа што тогашниот состав имаше помалку европратеници, 705, а сегашната има 720.
„Првата голема иницијатива на новата Европска комисија ќе биде компас за конкурентност, што вклучува затворање на иновацискиот јаз со САД и Кина, заеднички план за декарбонизација и конкурентност и зголемување на безбедноста и намалување на зависноста. Тој компас за конкурентност ќе биде рамка за нашата работа до крајот на мандатот“, објави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во својот говор пред претставниците на Европскиот парламент, во кој ја претстави својата програма.
Таа рече дека компасот ќе биде изграден на три столба од извештајот за европската конкурентност, што за Комисијата го напиша поранешниот италијански премиер и претседател на Европската централна банка, Марио Драги.
Зборувајќи за заостанувањето во иновациите, Фон дер Лајен рече дека ЕУ е на исто ниво со САД и Кина кога станува збор за патенти и создавање стартапи.
Сепак, само една третина од европските патенти се комерцијално експлоатирани, а европските стартапи наидуваат на многубројни пречки за нивниот раст.
Свет
Роберт Фицо му честита на Трамп за победата, разговараа за војната во Украина
Словачкиот премиер Роберт Фицо преку телефонски разговор му ја честитал победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, од кој значаен дел е посветен на анализата на војната во Украина, соопштија од кабинетот на премиерот.
Фицо нагласи дека во Европа, а особено во Словачка, многумина се надеваат дека Трамп ќе го реши конфликтот во Украина, пренесе ТАСР.
„Убеден сум дека има огромни очекувања во однос на него не само во Словачка туку и во цела Европа кога станува збор за воениот конфликт во Украина“, рече Фицо.
Регион
Убиен син на хрватски пејач во Еквадор: го застрелале две лица на мотор, го убиле со четири куршуми
Томислав Зеленчиќ (48), хрватски државјанин, е убиен во вооружен напад во Манта, во провинцијата Манаби во Еквадор, што го прави четврта жртва во регионот во последните три дена. Зеленчиќ, кој живееше во тој град повеќе од 20 години, беше убиен во напад во вторникот, на 26 ноември, во 10 часот, во близина на неговиот дом во населбата Јоцај.
Според изјавите на сведоците, жртвата се движела по тротоарот во близина на неговата куќа, а нападот го извршиле две лица на мотор. Напаѓачите, според еквадорските медиуми, испукале најмалку четири куршуми кон Томислав Зеленчиќ пред да побегнат. Тешко повредениот Хрват останал да лежи на улицата во локва крв. Соседите и роднините со приватно возило го пренеле во болницата „ИЕСС Манта“, каде што и покрај напорите на медицинскиот персонал, набргу починал. Полицијата излегла на местото на настанот за прибирање докази. Телото е пренесено на судска медицина во Манта за понатамошна обдукција. Мотивот за нападот сè уште не е познат, а властите почнале интензивна истрага за откривање на сторителите.
„Јутарњи лист“ пишува дека Зеленчиќ е син на пејачот Инослав (Ино) Зеленчиќ, основач на групата „Задар експрес“. Пред многу години Томислав се преселил во Панама, каде што работел на рибарски бродови, по што се преселил во Еквадор. Еквадорските медиуми објавија и дека Зеленчиќ во 2016 година поднел пријава за грабеж, кој набргу бил решен.