Свет
Холандија: Висок ризик од големи прекини на електричната енергија по 2030 година
Холандија се соочува со висок ризик од големи прекини на електричната енергија по 2030 година доколку енергетските компании не добијат средства за одржување на гасните електрани во функција, според извештајот објавен денес од меѓународната консултантска компанија Kompas leksekon за здружението Energi Nederland.
Според анализата, во следните пет години снабдувањето со електрична енергија во Холандија ќе биде доволно дури и во периоди без сонце и ветер, но по тој период ситуацијата би можела одеднаш да се влоши, објавува „НЛ тајмс“.
Холандија планира да ги затвори последните три термоелектрани на јаглен до 2029 година, а електраните на гас стануваат сè помалку профитабилни поради проширувањето на капацитетот на ветерните фарми и сончевите панели.
Во исто време, потрошувачката на електрична енергија бргу расте, а бројот на топлински пумпи и електрични возила се зголемува.
Процените покажуваат дека Холандија веќе би можела да се соочи со 15 до 18 часа годишен недостиг на електрична енергија до 2033 година, што е четирипати повеќе од прифатливиот максимум од четири часа.
Ова би предизвикало неконтролирани прекини во снабдувањето и екстремно високи цени на електричната енергија.
Во овој момент сигурноста на системот е 99,99 проценти.
Операторите го одложуваат големото одржување на гасните електрани бидејќи тоа повеќе не е профитабилно за нив поради брзото зголемување на употребата на ветерна и сончева енергија, предупредува претседателката на „Енерџи Холанд“, Кора ван Нивенхаузен, и додава дека извештајот претставува сериозно предупредување.
Kompas lexekon предлага воведување пазарен механизам што би обезбедил плаќања на операторите за работа во периоди кога обновливите извори не може да ја задоволат побарувачката и би стимулирал нови инвестиции во електрани и системи за складирање енергија од батерии (BESS).
Се проценува дека социјалната корист од споменатите мерки изнесува од 2,5 до 3 милијарди евра годишно преку пониски цени и намалување на ризикот од прекини на електричната енергија.
Истражувачите заклучуваат дека превенцијата е подобра од лекувањето, односно дека е поповолно да се реагира и да се инвестираат ресурси сега бидејќи евентуалното санирање на последиците би можело да биде многу поскапо.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Британскиот министер со критика до Трамп: „Би било лудост да се игнорира Кина“
Британскиот министер за трговија Крис Брајант денес изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп греши кога вели дека е опасно за Велика Британија да ги зајакне своите деловни врски со Кина.
„Да, греши. Секако, ние влегуваме во нашите односи со Кина со широко отворени очи“, рече Брајант, пренесува Ројтерс.
Тој додаде дека би било „искрено лудост за Велика Британија да го игнорира присуството на Кина на светската сцена“ и потсети дека Трамп треба лично да ја посети Кина во април.
Британскиот премиер Кир Стармер вчера се сретна со кинескиот претседател Шји Џјинпинг за време на неговата посета на Пекинг, кога беше договорена соработка меѓу двете земји во неколку области, а како резултат на средбата меѓу двајцата лидери, Кина ги откажа визите за британските граѓани.
Денес, Стармер ја продолжува својата посета на Кина, а со него отпатуваа и педесет британски бизнисмени, пренесува Танјуг.
Свет
Минималната плата во ЕУ: од 620 евра во Бугарија до 2.704 евра во Луксембург, според последните статистики
Службата за статистика на Европската Унија – Евростат денес објави дека 22 од 27-те земји на ЕУ објавиле минимални плати на 1 јануари, кои во 14 земји се над 1.000 евра.
Минималната плата е помала од 1.000 евра во Бугарија (620 евра), Латвија (780 евра), Романија (795 евра), Унгарија (838 евра), Естонија (886 евра), Словачка (915 евра), Чешка (924 евра) и Малта (994 евра).
Во осум земји, минималната плата е помеѓу 1.000 и 1.500 евра – Грција (1.027 евра), Хрватска (1.050 евра), Португалија (1.073 евра), Кипар (1.088 евра), Полска (1.139 евра), Литванија (1.153 евра), Словенија (1.278 евра) и Шпанија (1.381 евра).
Највисоки минимални плати има во Франција (1.823 евра), Белгија (2.112 евра), Холандија (2.295 евра), Германија (2.343 евра), Ирска (2.391 евра) и Луксембург (2.704 евра).
Кога се споредуваат минималната плата и куповната моќ, најдобро се рангирани Германија, Луксембург, Холандија, Белгија, Ирска, Франција, Полска и Шпанија.
Во втората група се вклучени Словенија, Литванија, Хрватска, Романија, Португалија, Грција, Кипар, Унгарија, Малта, Словачка, Бугарија и Чешка.
Латвија и Естонија имаат најлош однос помеѓу минималната плата и куповната моќ, според оваа статистика.
Свет
Зеленски: Апсолутно е невозможно да се сретнам со Путин во Москва, нека дојде во Киев
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека е апсолутно неприфатливо за него да се сретне со претседателот на Русија, Владимир Путин, во Москва, но дека јавно го поканува Путин, ако се осмели, да дојде во Киев на разговори.
„Апсолутно е невозможно да се сретнам со Путин во Москва. Тоа би било исто како да се сретнам со него во Киев. Можам и да го поканам во Киев – нека дојде. Еве, јавно го поканувам, ако се осмели, да дојде во Киев“, рече Володимир Зеленски и истакна дека Украина сака конструктивен договор за завршување на војната.
Зеленски рече дека сака продуктивен состанок, каде што можат да се дискутираат и решаваат отворени прашања, објавува „Украинска правда“.
„Но, ако некој не сака да се сретне, од некоја причина, не може директно да го каже тоа, тогаш се појавуваат такви повици од Москва. Јасно е што се случува“, рече тој.
Зеленски рече дека секогаш е подготвен за каков било формат на разговори што би ја завршиле војната, но невозможно е тоа да биде во Москва или Белорусија.
„Апсолутно е јасно зошто – едната од земјите е агресорот што ја започна војната против нас, нè убива, а другата земја е партнер во овие акции“, нагласи Зеленски.
Нешто порано, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека Зеленски е подготвен за средба лице в лице со Путин, со цел да се решат две клучни прашања од рамката за мир – териториите и управувањето со нуклеарната централа Запорожје, на што одговори Јуриј Ушаков, помошникот на претседателот на Русија, велејќи дека Зеленски може да отпатува во Москва.
Зборувајќи за забрзаното членство на Украина во Европската Унија, Зеленски рече дека ова е реално сценарио и оцени дека ЕУ е безбедносна гаранција за иднината на земјата.
Тоа е егзистенцијален избор, но не само од геополитички и економски причини, туку и од вредности, рече украинскиот лидер.
„Она што нè интересира е забрзан пат. Во споредба со другите земји, нашите соседи и пријатели од Балканот, оние кои се кандидати и кои со право треба да бидат дел од ЕУ, тие не се во војна и немаат непријателска армија на своите граници, или на европските граници, што би го блокирало нивното членство во иднина“, рече Зеленски.
Според него, Русија би го блокирала членството на Украина во ЕУ во мирно време, бидејќи веќе го сториле тоа.
„Во нивен интерес е Украина да не е ниту во ЕУ ниту во НАТО. Тоа би била хибридна војна против пристапувањето на Украина во ЕУ“, рече Зеленски.

