Свет
Членовите на Г7 ја повикаа Кина да престане да ја поддржува Русија

Земјите членки на Групата седум најразвиени земји (Г7) денеска ја повикаа Кина да не ѝ помага на Русија, а особено да не ги поткопува меѓународните санкции и да не ги оправдува постапките на Москва во Украина.
„ Пекинг треба да го поддржи суверенитетот и независноста на Украина, а не да ѝ помага на Русија во војната за агресија“, се наведува во заедничките заклучоци на Г7, пренесува АП.
Овие земји, исто така, ја повикуваат Кина да престане да манипулира со информации и дезинформации и „да преземе други активности за да ѝ даде легитимитет на руската агресивна војна против Украина“.
„ Никогаш нема да ги признаеме границите кои Русија се обиде да ги промени со воена агресија“, објавија членките на Г7 – пренесува американската агенција.
Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД го повторија својот став дека териториите окупирани од руските сили треба да ѝ бидат вратени на Украина и ја повикаа Кина да го почитува меѓународното и националното право.
Членовите на Г7 ја нагласуваат важноста на мирот и стабилноста преку Тајванското Море и го поддржуваат учеството на Тајван на Светското здравствено собрание и техничките состаноци на СЗО и изразуваат длабока загриженост за почитувањето на човековите права во Кина, особено во Ксинџијанг и Тибет, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Столтенберг: НАТО сака да избегне војна со Русија

НАТО нема да испрати војници во Украина бидејќи сака да избегне војна со Русија, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Тој на Светскиот економски форум во Давос потсети дека од избувнувањето на војната, НАТО значително ја зајакнало поддршката за Украина за да го задржи правото на самоодбрана, пренесува Тас с.
„ Главната одговорност на НАТО е да ги заштити сите сојузници и да спречи ескалација на оваа војна. Не сакаме да предизвикаме конфликт, туку да го спречиме и да го зачуваме мирот“, рече Столтенберг.
Тој истакна дека од 2014 година земјите-членки на НАТО веќе потрошиле десетици милијарди долари за обука и опремување на украинската армија. Исто така додаде дека земјите-членки на Алијансата почнале да ја зајакнуваат сопствената безбедност таа година и дека 40.000 војници моментално се под команда на НАТО во близина на границите со Русија, во значајни воздушни и поморски средства, а уште 100.000 се во состојба на готовност.
Столтенберг рече дека НАТО сите тие подготовки ги смета за „мерки на одвраќање“ со цел да се елиминира секоја можност за недоразбирање или лоша проценка во Москва.
Европа
УНИЦЕФ: Потрошувачката на богатите ја уништува животната средина во светот

Доколку целиот свет троши ресурси според стапката на најбогатите земји, ќе ни требаат повеќе од три земји, се вели во извештајот на УНИЦЕФ објавен во вторникот.
Детскиот фонд на Обединетите нации го спореди глобалното влијание врз животната средина на 39 членки на Европската Унија и Организацијата за економска соработка и развој, пренесува Хина.
Изложеноста на штетни загадувачи, потрошувачката на ресурси, отстранувањето на е-отпадот и националниот придонес во климатската криза се меѓу индикаторите опфатени со студијата.
Шпанија, Ирска и Португалија се на врвот на скалата бидејќи на своите деца им нудат добра животна средина и имаат релативно низок придонес за глобалните еколошки проблеми.
Од друга страна, Австралија, Белгија и Канада се меѓу најбогатите земји во светот, за кои се вели дека имаат големо влијание врз глобалната средина, а со тоа и врз децата ширум светот, како и децата во тие земји.
„Не само што повеќето богати земји не успеваат да обезбедат здрава животна средина за децата во нивните граници, туку придонесуваат и за уништување на животната средина на децата во другите делови на светот“, рече Гунила Олсон, директорка на Канцеларијата за истражување на УНИЦЕФ „Иноченти“.
„Во некои случаи, гледаме земји кои обезбедуваат релативно здрава животна средина за децата дома, но се меѓу најголемите загадувачи кои ја уништуваат животната средина во странство“, додаде таа.
Австралија, Белгија, Канада или САД не обезбедуваат здрави услови за децата кои живеат во нивната област, додека помалку богатите земји во Латинска Америка и Европа прават помала штета на општата состојба на планетата, покажа истражувањето.
Во 39 набљудувани земји, повеќе од 20 милиони деца имаат високо ниво на олово во крвта, се вели во извештајот.
Иако Финска, Исланд и Норвешка се во првите редови во обезбедувањето здрава средина за сопственото потомство, од друга страна, тие се на последното место според влијанието на планетата во вид на емисии, количината на електронски отпад и нивоата на потрошувачка.
Во Исланд, Латвија, Португалија и Обединетото Кралство, секое петто дете е изложено на влага и мувла дома, а во Кипар, Унгарија и Турција, повеќе од едно од четири деца.
Многу деца вдишуваат отровен воздух внатре и надвор, особено во Мексико, за разлика од Финска и Јапонија, се вели во извештајот.
Во Белгија, Израел, Холандија, Полска, Чешка и Швајцарија, постои можност повеќе од секое дванаесетто дете да биде изложено на високо ниво на загадување поврзано со пестициди, се вели во извештајот.
Македонија
Архиепископот Стефан: 55 години седевме и чекавме во тремот, сега имаме кој да ни нацрпи вода

Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан се заблагодари на Српската православна црква и српскиот Патријарх Порфириј за признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Тој посочи дека ова е историски период како и празник за сите Христијани во Македонија, без разлика на национално потекло. Тој посочи дека и предците се радуваат гледајќи ги радоста и единството.
„Верувам дека деновиве конечно е радосен и Арсениј, последниот охридски архиепископ, а и архиепископот Доситеј и патријархот Герман и сите кои искрено сакаа да ја видат возобновена Охридската архепископија. Кога некој ја чита историјата на Охридската црква, се соочува со црква која не воспоставува граници, која ниту денес не ја користи самостојноста за да се изолира, туку да стане поблиска со другите, да биде тоа што се и другите, неоткинлив и суштински дел на една апостолска црква“, посочи г.г. Стефан.
По признавањето на автокефалноста од СПЦ, Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан рече: „55 години седевме и чекајќи во тремот и ненаоаѓајќи некој да се погрижи за нас. Потоа ни пристапи друг човек, нашиот собрат и денешен сослужител, неговата светост српскиот Патријарх Порфириј. И еве сега имаме и кој да ни нацрпи вода. Сега и сите ќе видат колку е нашата нива плодна и дека посеаното стигнало за жетва. Црквата не е федерација од помесни цркви туку од секогаш била една и единствена, обединета од духот свет, како единствено цело на целото човешство. Нејзина цел е да го обедини човекот во себеси и да го освети“.
Обраќањето на г.г Стефан беше поздравено со аплауз од илјадниците верници во Соборниот храм. Архиепископ Охридски и Македонски кажа дека сега македонската црква не тагува туку се радува на братската љубов.
„Бог ни даде ден во кој дочекавме да ја слушнеме одамна посакуваната и очекуваната вест. Затоа уште еднаш ваша свестост, Вам и членовите на Архиерскиот собор, Ви благодариме. Стоејќи трепетно во овој момент, овој свештен собор, во мене, оѕвонуваат зборовите за црквата: ‘Целата си убава и дамка нема на тебе’. Ја гледам токму убавината на црквата и длабоко ги разбирам зборовите на Апостолот на народите кој вели дека Христос е глава на телото односно на црквата, а ние сме членови на неговото тело. Затоа од длабочината на душата воскликнувам фалејќи го Бога за неговиот дар, за црквата, па велам: ‘Постојано те величаме тебе Христе, кој неискажливо ги соедини небесното и земното и ја создаде единствената црква на ангелите и луѓето’. Еве нам и денес ни се нуди таа несовршена заедница, која е чиста и долгорочна, чија чистота со ништо не се осквернува и со ништо не може да се одземе. Која е од едниот до другиот крај на Вселената.“