Свет
Човекот на Трамп: Анектирањето на Канада е најдобриот начин за спојување на нашите економии

Американскиот министер за трговија, Хауард Лутник, изјави дека анексијата на Канада е најдобар начин за спојување на економиите на двете земји.
„Најдобриот начин, претседателот тоа го кажа, најдобриот начин, всушност, да се здружат економиите на Канада и Соединетите Американски Држави е Канада да стане нашата 51. држава“, рече Лутник за „Варни и ко“ на „Фокс бизнис-нетворк“.
Како што пренесува „Хил“, коментарите на Лутник доаѓаат во време на неодамнешните тензии меѓу САД и Канада ЗА царините. Во вторникот американскиот претседател Доналд Трамп рече дека ќе ги зголеми планираните тарифи за челик и алуминиум против Канада поради дополнителен надомест за електрична енергија од владата на Онтарио.
Премиерот на Онтарио, Даг Форд, подоцна во вторникот изјави дека нема да продолжи со дополнителната компензација откако САД понудија да се сретнат со Лутник денес.
Трамп претходно предложи Канада да стане 51. држава, но Марк Карни, идниот премиер на северниот сосед на САД, во неделата рече дека „Канада никогаш нема да биде дел од Америка на кој било начин, облик или форма“.
„Но, размислете за ова за момент, зошто американските автомобили се произведуваат во Канада? Тие работни места треба да бидат во Америка. И тоа го мисли претседателот, тоа е она што тој го кажува и тоа е она што ќе го изврши“, изјави вчера Лутник.
„Значи, клучната работа е што Канада ќе мора да работи со нас за навистина да ја интегрира својата економија. И како што рече претседателот, треба да ги земеме предвид неверојатните придобивки од тоа да станат 51. држава на Соединетите Американски Држави“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Црна Гора планира да произведува дронови; САД: Покажуваат дека се сериозни

Црна Гора планира да започне со производство на беспилотни летала во соработка со американска компанија, а првата серија ќе биде донирана на Украина, објавија денес црногорските медиуми, повикувајќи се на „писмо за намери“ усвоено од владата во Подгорица кон крајот на мај.
Во тој документ, како што објави Радио Слободна Европа, црногорската влада наведува дека оваа иницијатива ќе ги подобри капацитетите на војската во однос на НАТО, ќе ги поддржи одбранбените потреби на Украина, како и позицијата на Црна Гора како сигурен снабдувач на најсовремена одбранбена опрема на глобалниот пазар.
Се нагласува дека договорот вреден 15 милиони долари ќе биде поддржан и од американската администрација предводена од претседателот Доналд Трамп. Писмото за намери усвоено од црногорската влада на 29 мај наскоро ќе го потпишат црногорскиот министер за економски развој Ник Ѓељошај и Роберт Џ. Донахју, директор на компанијата „Бај Лајт Профессионал ИТ Сервисиз ДОО“. Тоа ќе биде претходница на договорот што треба да се потпише во септември.
Договорот предвидува користење на компании од Црна Гора и регионот за тестирање на воздушни и подводни технологии на беспилотни системи. Исто така, се наведува дека владата на Црна Гора се согласува да ја донира првата серија беспилотни системи од рано производство и сродна одбранбена опрема на Украина.
Амбасадата на САД објави дека договорот, доколку биде одобрен, ќе промовира заедничка безбедност, стабилност и напредок и дека владата на САД ги охрабрува сите земји-партнери да инвестираат и да соработуваат со американските компании.
„Инвестирањето во одбранбени капацитети, како што се американските беспилотни воздушни системи, ја покажува сериозноста на Црна Гора во исполнувањето на своите обврски кон Алијансата во време кога бараме од Европа да преземе поголем товар за нејзината безбедност“, порачаа тие.
Европа
Естонија се повлекува од Конвенцијата за забрана на противпешадиски мини, стравува од Русија

Парламентот на Естонија денес гласаше за повлекување од Конвенцијата од Отава со која се забранува употребата на противпешадиски мини, поради загриженост за потенцијална воена закана од соседна Русија.
Осумдесет и еден од 101 пратеници го поддржаа предлогот, соопшти прес-службата.
Сите пет земји од Европската Унија и НАТО што граничат со Русија – Литванија, Латвија, Естонија, Полска и Финска – објавија планови за повлекување од меѓународниот договор поради воената закана што ја претставува нивниот многу поголем сосед.
Русија не е членка на Конвенцијата од Отава и користеше мини при инвазијата на Украина. Гласањето на Естонија следеше по гласањето на Латвија и Литванија, чии парламенти веќе го одобрија повлекувањето. Земјите ќе можат да складираат и распоредуваат мини шест месеци откако ќе ги известат другите членки на договорот и Обединетите нации за нивната одлука. Ниту една од петте земји сè уште не го сторила тоа.
Регион
Европската комисија не се откажува од рудникот за литиум во Србија, тој се појави на новата листа

Европската комисија денес објави список од 13 стратешки проекти во областа на критичните суровини во трети земји, вклучувајќи го и проектот Јадар во западна Србија, кој предизвика силни протести и спротивставување во таа земја.
Списокот на стратешки проекти во областа на критичните суровини во трети земји вклучува проекти во Канада, Гренланд, Казахстан, Норвешка, Србија, Украина, Замбија, Нова Каледонија, Мадагаскар, Малави, Јужна Африка и Обединетото Кралство.
Според проценката на Комисијата, избраните проекти, од кои повеќето се однесуваат на суровини неопходни за производство на електрични возила и батерии, како што се литиум, никел, кобалт, манган и графит, бараат вкупно 5,5 милијарди евра капитални инвестиции за да започнат со работа.
На листата е вклучен и проектот Јадар во долината на реката Јадар во западна Србија, кој предизвика широко распространето негодување и отпор поради страв од загрозување на здравјето на луѓето и животната средина.
На почетокот на 2022 година, српската влада го поништи усвоениот просторен план за рудникот во долината на реката Јадар и го запре проектот. Сепак, во јули минатата година, повторно донесе одлука со која му дозволи на британско-австралискиот рударски гигант „Рио Тинто“ да го рестартира својот проект за рударство на литиум.
Избраните стратешки проекти ќе добијат поддршка од Комисијата, земјите-членки и финансиските институции во форма на полесен пристап до финансирање. Комисијата, исто така, ќе ја зајакне соработката со трети земји за да се обезбеди развој на овие проекти, особено преку стратешки партнерства што веќе се воспоставени со некои од земјите.