Европа
Шолц, Макрон и Драги пристигнаа во Киев: „Ова е порака за европското единство“

Германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанскиот премиер Марио Драги пристигнаа во Киев, во нивната прва посета од почетокот на руската инвазија.
Тројцата лидери ќе разговараат со украинскиот претседател, Володимир Зеленски, за понатамошна поддршка за Украина и нејзината желба да стане членка на Европската Унија. Лидерите на трите најголеми економии на Европската унија досега се најважната европска делегација што пристигнала во Украина од почетокот на војната.
Поради конфликтот беше блокиран воздушниот сообраќај над Украина, па тројцата лидери од Полска со воз со девет вагони пристигнаа во Киев. Тие веднаш по полноќ тргнаа за Киев од полскиот град Пшемишљ. Патувањето преку ноќ беше планирано со денови, но од безбедносни причини официјално не беше потврдено до самото пристигнување во Киев.
„Ова е важен момент. Ова е порака за европското единство кон Украина“, рече францускиот претседател по излегувањето од возот, нагласувајќи дека ќе ги посети местата кои биле нападнати.
Романскиот претседател Клаус Јоханис се очекува да се приклучи на триото во Киев во текот на денот. Оваа посета е особено важна за Шолц по еднонеделната дебата дали требало порано да замине за да ја покаже поддршката на Берлин за Киев.
Зеленски со месеци вршеше притисок врз германските лидери да направат повеќе во борбата против Русија, вклучително и со испраќање тешко оружје, како што се тенкови. Украинските лидери претходно го одбија доаѓањето на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, сметајќи го за премногу близок со Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Бербок: Потребни се нови одржливи рути за извоз од Украина

Шефицата на германската дипломатија, Аналена Бeрбок, наведува дека веќе во јули можно е да има извоз на жито од Украина.
„Воспоставувањето одржлива рута за транспорт на жито од Украина е еден од главните приоритети во спречувањето на глобалната криза поради недостиг на производи“, вели Бeрбок.
„Рускиот претседател Владимир Путин ја уценува Украина и затоа е важно да се развиваат новите транспортни рути“, оценува министерот за земјоделство на Германија, Џем Ездемир.
Европа
Рама со одговор до бугарското МНР: Пријатели, смирете се, тргнете го ветото или бидете трпеливи со мене

Албанскиот премиер Еди Рама реагира кога бугарското Министерство за надворешни работи побара од него да зборува на соодветен јазик за политичар на земја кандидат за членство во ЕУ.
„Ох! Бугарското Министерство за надворешни работи има проблем со мојот говор! Многу точно! И јас имам едно прашање, а тоа е како Бугарија ќе ги решава билатералните прашања користејќи го процесот на проширување како средство за киднапирање две земји членки на НАТО! Пријатели, смирете се: тргнете го ветото или бидете трпеливи со мене“, напииша Рама на „Твитер“.
Oh! Bulgaria’s Foreign Ministry has an issue with my way of speaking!Fair enough.I have an issue too with the way Bulgaria wants to solve biletaral issues by using the enlargement process as e vehicle of kidnapping two NATO countries! Easy friends:Lift the VETO or bear with me!
— Edi Rama (@ediramaal) June 24, 2022
„Имаме заедничка иднина со Албанија. Политичарите си заминуваат. Нациите остануваат. Нашите народи имаат заеднички интерес, кој не треба да се нарушува со погрешна процена на политичарите. Неприфатливо е односите меѓу државите да станат заложници на ексцентричноста на актуелниот албански премиер“, се посочува во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Европа
(Видео) Пожарникарите се обидуваат да го локализираат пожарот во близина на Мармарис

Пожарникарите сè уште се обидуваат од копно и од воздух да го локализираат шумскиот пожар на југозападниот дел на Турција, во близина на познатото летувалиште Мармарис.
Сцените од запалената шума во близина на егејското поморско одморалиште Мармарис, во турската провинција Мугла, ги обновиле стравувањата дека минатогодишните пожари би можеле да се повторат кога беа уништени речиси 140.000 хектари шума во регионот, објави „Ројтерс“.
Полицијата со водни топови им помага на пожарникарите да го изгаснат пожарот што избувна во вторникот околу 20 часот и зафати повеќе од 3.400 хектари земјиште, пренесува медиумот.
Властите соопштија дека едно лице е уапсено под сомнение дека е вмешано во пожарот. Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, изјави дека лицето признало оти го предизвикало пожарот од фрустрација поради семејни проблеми.
„Имаме осомничен од моментот кога почна овој инцидент“, изјави Сојлу пред новинарите и додаде дека на самото место се пронајдени два барела нафта.
Министерот за здравство, Фахретин Коча, соопшти дека се повредени 29 лица, а две сè уште се сместени во болница. Претходно, министерот за шумарство, Вахит Киришчи, изјави дека 274 лица се евакуирани како мерка на претпазливост, а околу 2.600 луѓе работат на локализирање на пожарот.