Европа
Шпанија ќе воведе боледување за жените со болна менструација

Шпанците планираат да воведат боледување за жените што страдаат од силни болки поради менструацијата. Во предлог-законот се наведува дека жените би можеле да имаат три дена боледување месечно поради болна менструација, а боледувањето во некои случаи може да биде продолжено и до пет дена, пренесува Би-би-си.
Но, политичарите предупредуваат дека на законот и натаму се работи. Доколку законот помине, тој би бил прв од ваков вид во Европа. Само неколку земји во светот имаат таков закон.
Оваа шпанска одлука е дел од многу поголема реформа на законот за репродуктивно здравје, што ќе вклучи промени во врска со абортусот. Со лекарска препорака ќе биде дозволено тридневно боледување за болни циклуси, се вели во нацртот. Потенцијално ќе може да се продолжи на пет дена поради исклучително силна болка.
Тоа е поширок пристап за третирање на менструацијата како здравствена состојба, што треба да вклучи и укинување на ДДВ-то за некои хигиенски производи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Иранскиот претседател: Ќе има одмазда за убиството на полковникот

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси изјави дека ќе има одмазда за убиството на полковникот на Револуционерната гарда на Иран, ден по нападот во Техеран, пренесуваат светските агенции.
Според написите, двајца непознати напаѓачи на мотоцикл вчера го убиле полковникот Хасан Саџад Ходаи, испукувајќи пет куршуми пред неговата куќа во иранската престолнина.
„Не се сомневам дека крвта на тој великомаченик ќе биде одмаздена“, рече Раиси во говорот на државната телевизија.
Полковникот Ходаи е највисокиот убиен во Техеран по убиството на нуклеарниот физичар Мохсех Фахризадех во ноември 2020 година во близина на главниот град во напад врз неговиот конвој. Иран го припиша нападот на Израел, објавуваат тамошните медиуми.
Раиси побарал од безбедносните службеници сериозно да го истражат убиството.
Според телевизијата револуционерната гарда го осудила терористичкиот чин и го претставила полковникот Ходаи како чувар на светилиштето.
Европа
Украинскиот воен музеј отвори улична изложба на руска воена опрема во Киев

Украинскиот воен музеј отвори улична изложба на руска воена опрема освоена во претходните три месеци од војната во таа земја.
Внатре во музејот е направена привремена изложба на сувенири, трофеи и докази за руското присуство во градовите и селата околу Киев, објави „Гардијан“.
„Многу војници биле овде претходно, па знаат каде да ги донесат работите што ќе ги најдат. Постојано набавуваме нови предмети и ги изложуваме на изложба“, рече еден од водечките истражувачи во музејот, Олександар Семељак, пренесе Танјуг.
Европа
Во Австрија „замрзнати“ 253 милиони евра, имот на руски олигарси

Во Австрија досега се замрзнати 253 милиони евра, имот на руски олигарси, соопшти австриската влада, објавија австриските медиуми.
Надлежната работна група, предводена од Управата за државна безбедност и разузнавачки служби во МВР, како што пишуваат медиумите, ги „замрзнала“ парите на вкупно 97 жиро сметки.
Тоа е речиси двојно повеќе отколку што Германија најави во март, се наведува во соопштението.
Истражните органи успеале да пронајдат пет записи во сопственичките книги, кои, како што се сомнева, имале за цел да го сокријат имотот, е наведено во написите.
Пишуваат дека мета на истражните органи се и други случаи, кои исто така се сомничат.
„Кога руските олигарси и нивните организации ја поддржуваат војната против Украина, тогаш тие се соучесници во злосторствата што се случуваат таму“, кажал австрискиот канцелар Карл Нехамер во изјава за АПА.
Тој нагласил дека Австрија прави се за да обезбеди целосно спроведување на санкциите против оние кои водат војна и го поддржуваат Владимир Путин, пренесуваат агенциите.
„Ги удираме олигарсите со овие мерки токму таму каде што ги боли – со пари“, рекол Нехамер.