Свет
Шпанските винари: Тарифите на Трамп се сериозен удар за винарниците, но и за Американците

Шпанската федерација на винарите ја оцени одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини од 20 отсто за производите од Европската Унија како сериозен удар за шпанските винарници имајќи предвид дека САД се втори по големина извозен пазар за шпанските вина.
„Овие царини, барем во случајот со виното, се целосно неоправдани бидејќи разликата меѓу постојните царини во ЕУ и САД е минимална“, рече Хозе Луис Бенитез, извршен директор на ФЕВ.
Бенитез предупреди дека оваа мерка ќе им наштети не само на шпанските винари туку и на американските потрошувачи, кои пијат повеќе вино отколку што произведуваат.
Тој особено посочи дека новите царини најмногу ќе ги погодат малите и средните производители, кои сочинуваат 99 отсто од шпанските винарници бидејќи имаат помалку можности за диверзификација на извозот и се силно зависни од главните извозни пазари.
Американскиот пазар учествува со речиси 13 отсто од вкупниот извоз на шпанско вино. Во 2024 година Шпанија извезла 97 милиони литри вино во САД во вредност од приближно 390 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Ако пропаднат преговорите со Иран, ќе следи воена акција

Американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли можноста за исклучување воена интервенција против Иран, додека високи американски претставници се подготвуваат за разговори со иранската страна за нуклеарната програма на Техеран, јавува агенцијата Анадолија.
Говорејќи пред новинарите во Белата куќа, Трамп рече дека разговорите во сабота ќе го означат почетокот на, како што рече, „процес“.
Тој додаде дека нема временска рамка за тоа кога треба да завршат преговорите, но рече дека неговата одлука за тоа кога „ќе истече времето“ ќе се заснова на „чувства“.
„Имаме малку време, но немаме многу време, бидејќи нема да им дозволиме да имаат нуклеарно оружје. Сакам да напредуваат. Сакам Иран да биде одличен. Единственото нешто што не можат да го имаат е нуклеарното оружје. Тие го разбираат тоа“, рече Трамп.
„Ако тоа бара воена сила, ќе ја имаме војската. Израел очигледно ќе биде силно вклучен. Ќе биде предводник. Но, никој не управува со нас. Ние правиме што сакаме“, додаде тој.
Трамп веќе во понеделникот рече дека претстојните разговори во Оман, кои треба да започнат во сабота, се „во најдобар интерес на Иран“. Во таа прилика тој повторно се закани со воена акција доколку преговорите не успеат, предупредувајќи дека Техеран ќе биде „во голема опасност“ без договор.
Според Аксиос, повикувајќи се на два информирани извори, Стив Виткоф, специјалниот пратеник на Трамп, ќе ја предводи американската делегација во преговорите со Иран.
Свет
Америка тврди дека го почитува суверенитетот на Панама во Панамскиот канал

Соединетите Држави го почитуваат суверенитетот на Панама во Панамскиот канал, изјавија панамскиот министер Френк Абрего и американскиот министер Пит Хегсет по средбата во Панама Сити, најавувајќи продлабочување на соработката во областа на безбедноста.
„Дефинитивно го почитуваме суверенитетот на Панамците и Панамскиот канал“, рече американскиот министер во средата во разговор со новинарите непосредно пред да се качи на авионот назад за Вашингтон, изразувајќи благодарност до панамската влада што ги пречека американските војници на нејзина територија „преку ротациони заеднички вежби“.
Според него, каналот е клучен терен кој Панама ќе го штити во соработка со САД, а не со Кина.
Панамската влада силно ги негираше тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Кина го контролира каналот.
Министерот Абрего изјави за новинарите дека неговиот американски колега „на состанок зад затворени врати го признал суверенитетот на Панама во Панамскиот канал“.
Абрего додаде дека Панама нема да дозволи постојани воени бази на нејзина територија.
За време на посетата на Хегсет, САД и Панама издадоа заеднички изјави за продлабочување на соработката во областа на безбедноста. Но, верзијата на англиски јазик на Пентагон не содржи реченица од панамската верзија на шпански јазик за суверенитетот на Панама во каналот, забележува Ројтерс.
Во реченицата се вели дека „(американскиот) секретар Хегсет, исто така, го призна лидерството и неотуѓивиот суверенитет на Панама во Панамскиот канал и соседните области“, објави новинската агенција.
Хегсет е првиот американски министер за одбрана што ја посети Панама во последните децении. САД го изградија Панамскиот канал пред повеќе од сто години и го предадоа на Панама во 1999 година.
Трамп рече дека откажувањето од каналот е лош договор за САД.
Повеќе од 40 отсто од американскиот контејнерски сообраќај, вреден приближно 270 милијарди долари годишно, минува низ Панамскиот канал, а американските бродови сочинуваат повеќе од две третини од сообраќајот во вештачкиот воден пат што го поврзува Атлантикот со Пацификот.
Свет
Трамп: Кси е еден од најпаметните луѓе во светот, тој точно знае што треба да направи

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека ќе паузира некои од своите нови царини на 90 дена и дека дополнително ќе ги зголеми царините за увоз од Кина. Ненадејната промена дојде помалку од 24 часа откако стапија на сила новите американски царини за увоз од десетици земји кои се трговски партнери на Соединетите Американски Држави.
Новите трговски бариери им нанесоа удар на пазарите, ја зголемија веројатноста за рецесија и доведоа до контрамерки од Кина и од Европската унија. Трамп рече дека ќе ги зголеми царините за увоз од Кина на 125 отсто од 104 отсто. Тој нагласи дека ќе ги зголеми царините за Кина поради „недостатокот на почит што Кина го покажа кон светските пазари“.
Претходно Кина објави царини од 84 отсто на увозот од САД. „Ја одобрив 90-дневната пауза и значително ги намалив реципрочните царини од 10 отсто во тој период“, рече тој, додавајќи дека одлуката за пауза и за зголемување на царините за Кина стапува на сила веднаш.
Трамп подоцна во Овалната соба изјави дека е подготвен да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг. „Се разбира, тој е мој пријател. Ми се допаѓа“, рече Трамп одговарајќи на новинарско прашање дали би бил подготвен да разговара или да се сретне со кинескиот лидер. „Секако дека би се сретнал со него“, додаде тој.
На прашањето на новинарот зошто Белата куќа првично инсистираше дека нема да отстапи, ако целта е да ги охрабри другите земји да преговараат, Трамп одговори кратко: „Тоа се преговори“. „Кси е паметен човек и на крајот ќе постигнеме многу добар договор“, продолжи Трамп. Тој го нарече кинескиот претседател „еден од најпаметните луѓе во светот“.
Тој накратко се осврна и на американската воена моќ: „Имаме оружје за кое никој не знае“, рече тој, пред да се врати на темата и уште еднаш да го пофали Кси. „Кси е човек кој точно знае што треба да се направи. Тој ја сака својата земја. Во одреден момент телефонот ќе заѕвони – а потоа започнува трката“, рече Трамп.