Европа
„Шпионирала за Киев, планирала да труе војници“: Русите уапсија готвачка на Крим
Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија објави дека уапсила 45-годишна Русинка, главен готвач во ресторан во Севастопол, на Крим, под сомнение за шпионажа за Украина и план за труење руски војници, објави „Киев пост“.
Неименуваната жена, која е во притвор, е обвинета дека работела за Главната дирекција за разузнавање на Украина (ХУР) во последните две години. ФСБ тврди дека таа ги понудила своите услуги на украинската разузнавачка служба уште во септември 2023 година.
Таа наводно користела „Воцап“ за да споделува информации со своите врски за локациите и за рутите на рускиот воен персонал и опрема во Севастопол, поранешното главно пристаниште на руската Црноморска флота. ФСБ конкретно тврди дека таа фотографирала бродови на Црноморската флота стационирани во Севастополскиот Залив, кои подоцна биле користени од украинските вооружени сили за планирање ракетни напади.
Таа е обвинета и за план за труење припадници на руските специјални сили, кои го посетувале ресторанот во кој работела.
Кримскиот одред на ФСБ соопшти дека жената е обвинета за велепредавство според член 275 од Рускиот кривичен законик додавајќи дека истрагата за нејзините криминални активности е во тек. Во соопштението за медиумите на ФСБ се наведува дека ова е уште еден пример за тоа како „украинските специјални служби ја дестабилизираат општествено-политичката ситуација и предизвикуваат економска штета на државата со активно регрутирање сторители на саботажи и терористички напади“.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Уште едно фијаско на најсмртоносното оружје на светот на Путин
Руската интерконтинентална балистичка ракета „Сармат“, попозната како „Сатана II“, доживеа уште еден неуспешен тест. Хиперсоничниот проектил, честопати опишуван како најсмртоносното оружје на светот и способен да носи нуклеарни бојни глави, експлодира и се урна само неколку секунди по полетувањето од полигонот „Јасни“ во рускиот регион Оренбург, објавија странските медиуми.
The Sarmat ICBM had a failed launch. So much for Russia’s so-called wonder weapon. They’d end up blowing themselves up. pic.twitter.com/Pvbun7AYRq
— PaulC (@PaulConRO) November 29, 2025
„Сармат РС-28“ наводно скршнал од курсот исфрлајќи црни облаци од чад пред огнените остатоци да се срушат на земјата. Ракетата се урнала во близина на лансирната рампа создавајќи огромна огнена топка и исфрлајќи необичен чад во небото.
Ова е петтиот неуспешен тест лет за стратешката ракета, што ѝ предизвикува главоболки на Москва. Да потсетиме дека за време на претходниот тест во септември 2024 година ракетата експлодира во космодромот „Плесецк“, речиси 800 километри северно од Москва, оставајќи зад себе огромен кратер.
Европа
Кремљ: Го освоивме Покровск
Руската армија го зазеде украинскиот рударски град Покровск во источниот регион Донецк, кој беше под напади околу една година, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите.
Песков рече дека претседателот Владимир Путин бил информиран. Нема потврда од Киев. Руските сили наводно го окупирале и градот Вовчанск во соседниот Харков. Тврдењата не можеа да бидат независно потврдени, иако украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на посетата на Париз изјави дека интензивните борби продолжуваат околу Покровск и во Харков.
Набљудувачите сугерираат дека руското соопштение за воените придобивки би можело да биде темпирано пред очекуваната посета на американскиот специјален претставник Стив Виткоф на Москва утре, додека Кремљ се обидува да покаже напредок пред разговорите за евентуален мировен план.
Европа
Мерц: Европејците ќе се спротивстават на наметнатиот мир врз Украина
Европејците ќе се спротивстават на „наметнат мир“ врз Украина, потврди денес германскиот канцелар Фридрих Мерц пред планираната средба меѓу претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
„Следиме јасна линија, нема одлука за Украина и Европа без Украинци и без Европејци, не може да се наметне мир зад грбот на Украина, нема слабеење или поделба на Европската Унија и НАТО“, рече германскиот лидер по телефонскиот разговор со неговите украински, француски, британски и полски колеги.
Мултилатералната средба се одржа додека Мерц беше домаќин на полскиот премиер Доналд Туск во Берлин, а францускиот претседател Емануел Макрон го угости украинскиот претседател Володимир Зеленски во Париз. Двајцата претходно разговараа со претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и украинскиот преговарач Рустем Умеров, соопшти Елисејската палата.
Туск: Едногласни сме
„Во Украина, единството на Европа е исто така во прашање“, рече Мерц, додавајќи дека големите европски земји, вклучувајќи ги Полска и Германија, имаат „посебна одговорност да обезбедат дека ништо и никој не ја дели Европа“.
Според симултаниот германски превод, Доналд Туск рече дека Европејците се „едногласни“ по ова прашање и се „целосно посветени на продолжување на целосната поддршка на Украина во нејзината одбрана во војната против Русија“.

