Европа
Шредер за Њујорк Тајмс: Мора да се соработува со Москва

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер даде интервју за „Њујорк тајмс“, за руската инвазија на Украина, а делови од него пренесоа многу германски медиуми.
Во Германија, поранешниот канцелар и пријател на Путин, Герхард Шредер беше широко критикуван.
Шредер, меѓу другото, изјави дека повторно е подготвен да посредува во војната во Украина и дека мора да се постигне мировно решение што е можно поскоро.
„Мислам дека оваа војна беше грешка и секогаш сум го велел тоа“, рече Шредер.
„Путин дефинитивно е „заинтересиран да стави крај на војната“, рече Шредер, мислејќи на неговиот неуспешен обид за посредување.
– Но, не е така лесно. Има неколку точки кои треба да се разјаснат – рече Шредер – без да објасни, сепак, за кои точки станува збор.
– Отсекогаш сум ги застапувал германските интереси. Ќе направам што можам. Барем едната страна ми верува.
Шредер повтори дека патувањето во Москва е резултат на иницијатива на украинската страна. Таму еднаш му противречи украинскиот амбасадор во Германија, Андриј Мелник.
Според Шредер, пред патувањето во Москва, на средбата во Истанбул, украинскиот парламентарец Рустем Умеров го запознал со украинските ставови. По разговорот со Путин, следуваше уште една средба со Умеров во турската метропола – после тоа контактот беше прекинат.
Но, тој е подготвен повторно да разговара со двете страни“, изјави Шредер за Њујорк Тајмс.
Поранешниот германски канцелар, исто така, не верува дека Путин е одговорен за се поочигледните руски воени злосторства во Украина.
– Злосторствата, како што е наводното убиство на цивили во Буча, треба да се истражат – рече Шредер, но не верува дека наредбата е од Путин.
Во интервју за американскиот весник, Шредер зборуваше за одржување на односите со Русија и покрај агресијата врз Украина.
– Не можете долгорочно да изолирате земја како Русија, ниту политички ниту економски – рече Шредер и додаде:
– Германската индустрија има потреба од суровини што ги има Русија. Не се работи само за нафта и гас, туку и за ретките метали. А тоа се суровини кои не можат лесно да се заменат.
Шредер ја бранеше германската енергетска политика во последните децении, што ја направи земјата зависна од рускиот гас.
Шредер уште еднаш потврди дека нема да се откаже од работата за руските енергетски компании. Тој ќе размислува за оставка само доколку Путин навистина ја прекине испораката на гас за Германија и Европската унија. Сепак, Шредер не верува дека тоа ќе се случи.
Поранешниот канцелар е претседател на надзорниот одбор на руската нафтена компанија „Роснефт“, а неодамна работеше и за гасните компании „Северен тек“ и „Северен тек 2“. Затоа СПД е во процес на исфрлање на Шредер од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Објавена снимка од предавањето на украинските борци од „Азовстал“

Руското Министерство за одбрана соопшти дека по предавањето на последните украински војници целосно ја ослободило фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол. Објавено е и видео на кое се гледа предавањето на последните украински борци од „Азовстал“.
На видеото се гледа како руски војници ги проверуваат украинските борци. Некои од борците ги покажаа своите тетоважи пред камера на барање на руските војници.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенко изјави дека 2.439 украински припадници на одбраната се предале во фабриката за челик „Азовстал“ од 16 мај, oд кои последните 500 во петокот.
Европа
Британска министерка: Мора и Молдавија да ја опремиме со модерно оружје, амбициите на Путин не запираат

Лиз Трас, британската министерка за надворешни работи, откри дека Велика Британија започнала разговори со своите меѓународни сојузници за испраќање модерно оружје во Молдавија за да ја заштити од Русија.
Таа рече дека земјата, која се наоѓа југозападно од Украина, сака да биде опремена според стандардите на НАТО.
Молдавија во моментот не е членка на НАТО и постои загриженост дека земјата би можела да биде идна цел на Путин, по конфликтот во Украина.
„Путин беше целосно јасен за неговите амбиции да создаде голема Русија – и само затоа што неговите обиди да го заземе Киев беа неуспешни, не значи дека тој ги напушти таквите амбиции“, рече Трас за „Телеграф“.
Европа
Москва ги стави Каспаров и Ходорковски на списокот на странски агенти

Поранешниот светски шампион во шах, Гари Каспаров и олигархот Михаил Ходорковски, двајца противници на рускиот претседател Владимир Путин во егзил, денеска се ставени на списокот на „странски агенти“ во Русија, соопшти руското Министерство за правда.
Терминот „странски агент“, налик на етикетата „непријател на народот“ од советската ера, нашироко се користи во Русија против опозиционерите, новинарите и активистите за човекови права обвинети дека спроведуваат политички активности финансирани во странство.
Со назначувањето за странски агент, едно лице или ентитет подлежи на голем број ограничувања и процедури под закана од строги казни. Меѓудругото, тие треба да го наведат статусот на сите свои објави.
Во ажурираниот список објавен на веб-страницата на министерството се наведува дека Михаил Ходорковски (58) и Гари Каспаров (59) имаат извори во Украина за да ги финансираат своите активности.
Каспаров долго време му се противи на Владимир Путин и речиси десет години живее во егзил во САД. Ходорковски беше еден од најмоќните руски бизнисмени во текот на 90-тите пред да му се спротивстави на Кремљ кога Путин дојде на власт во 2000 година. Тој мина десет години во затвор, меѓу 2003 и 2013 година и оттогаш живее во егзил. Со години ја финансираше опозициската организација Отворена Русија, која се самораспушти во мај 2021 година поради растечките репресии во земјата.