Свет
Јапонија испрати протест до Русија поради санкционирањето 13 јапонски бизнисмени
Јапонија денеска упати протест до Русија бидејќи воведе санкции и го ограничи влезот на 13 јапонски бизнисмени, меѓу кои и претседателот на компанијата „Тојота мотор“.
„Одлуката што ја објави Русија ќе ги ограничи легитимните јапонски корпоративни активности и тоа е целосно неприфатливо“, изјави јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши на прес-конференција во Токио, пренесе „Ројтерс“.
Руското Министерство за надворешни работи вчера објави список со 13 јапонски државјани велејќи дека Москва трајно ќе им забрани влез во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Со фантомка и оружје македонски државјанин ограбил пет кладилници и пошта во Србија, полицијата го уапси
Полицијата во Краљево уапсила 44-годишен маж од Македонија, под сомнение дека ограбил пет кладилници и пошта соопшти денеска локалната полициска управа, пренесе „Н1“.
Во соопштението се наведува дека В.Г. е осомничен дека на територијата на Краљево влегувал во објекти на кладилници и пошти со фантомка на главата и, со закана со пиштол, одзел повеќе од 700.000 динари.
Во станот на осомничениот, полицијата пронашла дел од парите, фантомка и реплика на пиштол која, како што се сомнева, ја користел при извршувањето на кривичните дела.
Тој се товари за пет кривични дела разбојништво, одредено му е задржување до 48 часа и ќе биде приведен во Обвинителството, соопшти Полициската управа во Краљево.
Свет
САД сепак се вклучуваат во преговорите меѓу Украина и Русија во Абу Даби
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, по посетата на Израел треба да учествува на следниот круг преговори меѓу Украина и Русија, кои ќе се одржат на 4 и 5 февруари во Абу Даби. Ова го објави Барак Равид, дописник за глобални прашања на порталот „Аксиос“, пренесе „Европејска правда“.
Според наводите на новинарот, Виткоф на 3 февруари ќе допатува во Израел, а потоа ќе замине во Обединетите Арапски Емирати за да присуствува на преговорите.
Американскиот државен секретар Марко Рубио претходно изјави дека Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, нема да учествуваат на следниот круг преговори со Русија и Украина, додавајќи дека американското присуство е „можно“.
Трамп на 30 јануари повторно изјави дека гледа можност за успешни преговори за завршување на руско-украинската војна. Еден ден подоцна, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека не знае дали мировните преговори се во завршна фаза или сè уште е потребен ангажман на повеќе земји.
Првиот круг тристранни преговори меѓу Украина, Соединетите Американски Држави и Русија се одржа во Абу Даби на 23 и 24 јануари, кога се разговараше за параметрите за завршување на војната.
Свет
Премиерот на Гренланд: Намерите на САД создаваат страв и неизвесност
Премиерот на Гренланд, Јенс Фредерик-Нилсен, изјави дека ставот на САД кон Гренланд не е променет и дека Вашингтон и натаму има намера да го припои и да управува со тaa територијa. Во писмена изјава објавена на страницата на гренландскиот парламент, тој нагласи дека ваквите намери создале голема несигурност кај населението.
Фредерик-Нилсен посочи дека дел од граѓаните имаат сериозни проблеми со спиењето, дека децата ја чувствуваат загриженоста на возрасните и дека целото општество живее во постојана неизвесност за иднината. Владата на Гренланд, нагласи тој, јасно порачува дека ваквиот пристап е „целосно неприфатлив“.
Тој предупреди дека прашањето не се однесува само на Гренланд, туку и на иднината на НАТО, заштитата на западниот свет и глобалната демократија. Според него, непочитувањето на меѓународното право, националните граници и суверенитетот може да доведе до поделба на светот во кој слободата и самоопределувањето нема да постојат.
Фредерик-Нилсен ја нагласи и потребата од тесна соработка со Данска, како и со земјите од Европската Унија и НАТО.

