Европа
Јункер: ЕУ да престане со глупавата војна околу вакцините со Велика Британија
Европската Унија беше премногу внимателна и загрижена за буџетот во врска со вакцинацијата против Ковид-19 и треба да престане да води глупава војна за вакцините со Велика Британија, изјави поранешниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, пишува „Гардијан“.
Јункер, кој беше заменет со Урсула фон дер Лајен во 2019 година, неповолно го оцени пристапот на ЕУ кон вакцинацијата во споредба со Велика Британија, каде што процесот се одвива побрзо.
Тој исто така рече дека не е љубител на механизмите на комисијата за одобрување на извозот, според кои службените лица се овластени да ги забрануваат пратките, бидејќи тоа може да нанесе голема штета на угледот на Европската Унија, која некогаш беше светски шампион во слободна трговија.
„Мислам дека мора да се повлечеме од војната со вакцини … Не војуваме и не сме непријатели. Ние сме сојузници”, рече поранешниот претседател на ЕК.
Јункер рече дека повеќе би сакал Комисијата да избере дијалог наместо закани и дека Комисијата и земјите членки на ЕУ направија голема грешка во пристапот кон воведување на вакцината.
„Велика Британија има предност од повеќе причини, затоа што одлучи да има итен пристап заснован на одлуки, додека Европската Унија, Комисијата и земјите членки повеќе водеа сметка за за буџетот… Бевме премногу внимателни“, заклучи поранешниот претседател на ЕК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

