Свет
Авионот на Пригожин слетал во Белорусија, тврдат медиуми
Авионот на основачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, полетал од рускиот град Ростов за Белорусија, а уште еден авион пристигнал од Санкт Петербург, објави независниот медиум „Беларуски хајун“ повикувајќи се на податоци од радарот на летот.
Авионот на Евгениј Пригожин со регистарски број РА-02795 слетал во воздухопловната база Мачулишчи во близина на Минск во 7.40 часот.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека активностите на руските служби, здравиот разум на мнозинството членови на „Вагнер“ и патриотскиот дух на руските граѓани биле одлучувачки во задушувањето на бунтот предводен од Пригожин против Руското воено раководство.
Тој на „вагнеровците“ им понуди неколку опции, да се приклучат на руската армија, да одат кај нивните семејства или да одат во Белорусија.
Вчера, про-Кремљ страницата „Лента.ру“, повикувајќи се на каналот на „Телеграм“, „Бриф“, објави дека основачот на „Вагнер“ веќе бил виден во Минск, во хотелот „Грин сити“ со три ѕвезди на периферијата на градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сијарто: Европа е зафатена од воена треска, се подготвува за конфликт со Русија
Европа е зафатена од воена треска и сè поотворено се подготвува за војна, предупреди унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, коментирајќи ја намерата на Европската Унија да му испрати на Киев речиси 200 милијарди евра за оружје и функционирање на државата.
„Кога зборуваме за мобилизација на 60 милијарди евра европски пари за вооружување на украинската армија или за испраќање 130 милијарди евра во Украина, тешко е да се нарече тоа поинаку, освен подготовка за војна“, рече Сијарто во емисијата „Борбен час“.
Според него, наместо да придонесува за мирот, Европската Унија сè подлабоко тоне во политиката на конфронтација, што може да има далекосежни последици за безбедноста на континентот.
Сијарто истакна дека единствениот пат до стабилност е евроазискиот дијалог бидејќи без Русија, како што рече, не е можно да се создаде реална и одржлива безбедносна архитектура во Европа.
„Нереално е да се мисли дека Европа ќе биде безбедна ако Русија остане изолирана. Безбедноста е можна само преку соработка, а не преку санкции и конфронтација“, рече шефот на унгарската дипломатија.
Фото: принтскрин
Свет
Порака од Првата светска војна пронајдена на австралиска плажа
Пораки во шише напишани од двајца австралиски војници неколку дена по заминувањето со брод на фронтот во Франција за време на Првата светска војна се пронајдени повеќе од еден век подоцна на брегот на Австралија.
Шишето од брендот „Швепс“ е пронајдено веднаш над линијата на водата на плажата Вартон во близина на Есперанс во државата Западна Австралија од страна на Питер Браун, кој со ќерка си Фелисити бил на една од редовните семејни експедиции со квадбајк за чистење на плажата од ѓубре, потврди неговата сопруга Деб Браун, пренесува АП.
„Многу чистиме на нашите плажи за никогаш да не поминеме покрај парче ѓубре. Значи, ова мало шише само стоеше таму чекајќи нè да го собереме“, рече Деб Браун.
Внатре во проѕирното дебело стакло се наоѓале весели писма напишани со молив од војниците Малколм Невил (27) и Вилијам Харли (37), датирани на 15 август 1916 година. Нивниот воен брод тргнал од Аделаида, главниот град на Јужна Австралија, на 12 август истата година, на долго патување до другата страна на светот, каде што австралиските војници требало да го зајакнат 48. австралиски пешадиски баталјон на Западниот фронт во Европа. Невил бил убиен во акција една година подоцна, а Харли бил ранет двапати, но ја преживеал војната, за да умре во Аделаида во 1934 година.
Војникот Невил го замолил оној што ќе го најде шишето да го достави писмото до мајка му Робертина Невил во Вилкават, сега практично град на духови во Јужна Австралија, а Харли, чија мајка починала до 1916 година, напишал дека ќе биде среќен ако оној што ќе го најде шишето ја зачува неговата порака.
Внуката на Харли, Ен Тарнер, рекла дека нејзиното семејство било апсолутно вџашено кога ја пронашле пораката на дедо ѝ во шише. „Едноставно, не можеме да веруваме. Навистина изгледа како чудо и навистина се чувствуваме како дедо да ни се обратил од гробот“, изјави Тарнер за Австралиската радиодифузна корпорација.
Праправкукот на Невил, Херби Невил, рече дека неговото семејство било обединето од неверојатното откритие. „Звучи како да бил доста среќен што отишол во војна. Толку е тажно што се случило. Толку е тажно што го загуби животот. Каков човек беше“, рече Невил.
Фото: принтскрин
Свет
Израел по новите напади врз Газа: Повторно ќе го почитуваме примирјето
Израелската војска соопшти дека повторно ќе го почитува примирјето во Појасот Газа откако во текот на ноќта извршила воздушни напади како одговор на напад врз нејзини војници.
Според соопштението, израелската армија бомбардирала десетици цели, при што биле убиени повеќе од 30 вооружени лица што имале командни позиции во палестинските вооружени групи.
Палестински медицински извори пренесуваат дека во нападите загинале најмалку 104 лица, јави „Ројтерс“. Ако бројките се потврдат, тоа би бил најголем број жртви од почетокот на примирјето на 10 октомври.
Израел ја обвини организацијата Хамас за заседа во Рафа, во која загинал израелски војник, но Хамас го негира тоа.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека, и покрај новите инциденти, примирјето останува во сила и дека ништо нема да го загрози додавајќи дека Хамас вети дека ќе го почитува договорот.

