Свет
Авион принудно слета во Венеција, на дел од патниците им се слошило
Авион на „Бритиш ервејс“ кој летал од Лондон до Шарм ел Шеик принудно слетал на аеродромот во Венеција откако четири лица се пожалиле дека им е лошо, јавија денеска италијанските медиуми.
Веднаш по слетувањето на авионот, на пистата пристигнало амбулантно возило кое се погрижило за еден патник и три стјуардеси, а пожарникарите ја блокирале областа околу авионот, објави Tgcom24.
Патникот и стјуардесите имале поблаги невролошки симптоми, а состојбата на тревога набрзо била укината бидејќи по лекарски преглед било констатирано дека не се работи за посериозна клиничка слика.
Во исто време било утврдено дека во авионот нема загадувачки материи.
Сите четири жени, британски државјани, одбиле да бидат однесени во болница на дополнително испитување.
Поради ваквата ситуација дошло до мало нарушување на авиосообраќајот на аеродромот во Венеција, според медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.
Свет
(Видео) Мелони од хеликоптер го обиколи Нишеми, градот на Сицилија што го голта свлечиште
Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, денес го посети сицилијанскиот град Нишеми, каде што по големо свлечиште десетици куќи се наоѓаат на работ од провалија, јави Анадолу.
Поради постепеното уривање на ридот, повеќе од 1.500 луѓе се евакуирани. Свлечиштето започнало во неделата навечер и продолжило да се шири и во понеделникот.
Шефот на цивилната заштита, Фабио Чичилијано, изјави дека куќите на работ од свлечиштето се ненаселиви и дека жителите ќе бидат преселени.
Мелони го прелетала погоденото подрачје со хеликоптер, по што се сретнала со локалните власти за проценка на состојбата.
Италијанската влада прогласи вонредна состојба за Сицилија, Сардинија и Калабрија, региони тешко погодени од силни бури. За итни потреби се издвоени околу 100 милиони евра, додека локалните власти ја проценуваат штетата на повеќе од две милијарди евра.

