Свет
Австралија вратила 3.300 азиланти на 33 чамци
Повеќе од 3.300 баратели на азил на 33 чамци биле запрени во близина на брегот на Австралија и биле вратени назад во последните пет години, објави во вторникот министерот за внатрешни работи, Питер Датон, пренесува „Брејтбарт“.
Нелегалните баратели на азил биле откриени од страна на Операцијата Суверени граници (ОСГ), која од септември 2013 година запре околу 80 операции за шверцување луѓе. Оние кои се обидуваат да влезат со брод не се единствените илегалци на листата за одбивање на Канбера.
Австралија во моментов е единствената земја во светот која предвидува строг притвор на илегалните мигранти и барателите на азил кои избегнуваат гранични контроли. Секој кој влегува или се наоѓа во Австралија без важечка виза е затворен во офшор-притворските центри. Спротивно на тоа, Европската Унија продолжува да ги пренесува емигрантите пресретнати на море на територија на унијата и повеќето мигранти не се под контрола додека се обработуваат нивните барања за азил .
„Заканата од шверц со луѓе сигурно не исчезна”, изјави Датон во парламентот.
Тој додаде дека владата знае за организираните синџири на шверц со луѓе во Индонезија и други државии посочи дека имало 52 успешни прекини на вакви синџири во Индонезија, во споредба со 15 во Шри Ланка, 10 во Малезија и еден во Пакистан.
Датон рече дека постои зголемен притисок на владата да се донесе доживотна забрана за бегалци. Предложената забрана ќе ги запре сите баратели на азил на островот Науру или Манус кои пристигнале по јули 2013 година да добијат виза за влез во Австралија. Забраната, наречена „доживотна забрана за виза“ ќе ги спречи бегалците да влезат во земјата и со бизнис или со туристичка виза.
Со ОСГ, воведена од поранешниот премиер Тони Абот во 2013 година, се пресретнуваат шверцерските чамци во морето, а мигрантите се враќаат до пристаништето од кое тргнале- обично во Индонезија – или ги носат во офшор центрите за процесуирање. Мигрантите што се легитимни баратели на азил се населуваат во трети земји на сметка на Австралија.
Претходно неделава, Австралија објави нови строги закони со кои илјадници странски насилници и сексуални престапници ќе бидат испратени дома со поништување на нивните визи и со депортации. Овој потег може да биде воведен од владата веќе во текот на оваа недела и ќе се применува на повеќе криминалци во споредба со претходниот закон.
Во моментов, Австралија може да им ги укине визите на не-државјаните ако тие се прогласени за виновни за сериозно кривично дело за кое е предвидена затворска казна од 12 месеци или повеќе, но новиот закон ќе го промени тоа. Според новиот закон, на секој прогласен за виновен за прекршок за кој може да биде затворен две или повеќе години – дури и ако ја избегне затворската казна – може да му се укине визата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Не ја одобруваме американската метода за Мадуро, но го поддржуваме народниот суверенитет
Францускиот претседател Емануел Макрон на состанок на владата изјави дека Франција ниту ја поддржала, ниту ја одобрила методата што Соединетите Американски Држави ја употребиле за да го заробат и приведат венецуелскиот претседател Николас Мадуро, соопшти владината портпаролка.
„Го браниме меѓународното право и слободата на народите“, изјавил францускиот претседател, а на прес-конференција пренесе портпаролката Мод Брежон. Шефот на државата додава дека Николас Мадуро е диктатор и дека неговото заминување е добра вест за Венецуелците.
„Тој му ја одзеде слободата на својот народ и ги украде изборите во 2024 година“, изјавил Макрон.
„Трето, Франција го поддржува народниот суверенитет, а тој народен суверенитет јасно беше изразен во 2024 година“, на претседателските избори на кои, според Париз и дел од меѓународната заедница, победил опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалез Урутија, иако победата ја прогласи Мадуро.
„Доколку дојде до транзиција, победникот од 2024 година треба да одигра централна улога“, ја пренесе Брежон изјавата на Макрон.
Во саботата, по приведувањето на венецуелскиот лидер за време на американска воена операција, францускиот претседател повика на „мирна и демократска“ транзиција во Венецуела, наведувајќи дека венецуелскиот народ може само „да се радува“ што се „ослободил од диктатурата на Мадуро“.
Претходно, францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека Соединетите Американски Држави со својата операција го „прекршиле“ меѓународното право.
Пораките на претседателот на Републиката и на министерот треба да се анализираат во рамки на „континуиран контекст“, изјави Брежон, прецизирајќи дека Макрон се „консултирал“ со шефот на француската дипломатија и дека ги одобрува неговите изјави.
Свет
Медведев: Можам да го замислам киднапирањето на неонацистот Мерц, не би ми било жал за него
Поранешниот руски претседател и заменик на Владимир Путин во Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, изјави дека по неодамнешните настани во Венецуела, може да замисли слична операција за апсење на лидерите на други земји, вклучувајќи го и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Во својот коментар, Медведев го нарече Мерц „неонацист“ и рече дека нема да му биде жал ако Мерц биде киднапиран, објави руската државна новинска агенција ТАСС.
„Киднапирањето на истиот неонацист Мерц може да стане одличен заплет во оваа карневалска серија. Малку што може да изненади тука. Во такво сценарио има елемент на реализам. Има нешто што го прогонува дури и во Германија. Затоа нема да ми биде жал за него. Особено затоа што граѓаните страдаат залудно“, рече Медведев како одговор на прашања од ТАСС.
Изјавата на Медведев доаѓа по драматичните настани во Јужна Америка. Венецуелскиот министер за надворешни работи, Иван Гил Пинто, на 3 јануари изјави дека САД нападнале цивилни и воени објекти во Каракас, нарекувајќи ги постапките на Вашингтон воена агресија. По нападот, во Венецуела беше прогласена вонредна состојба.
Кратко потоа, американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека САД извршиле напади врз Венецуела и дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга се уапсени и изнесени од земјата.
Свет
Велика Британија е со Данска: Америка да ја објасни акцијата во Венецуела
Британскиот премиер Кир Стармер денес ја осуди изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за намерата на Соединетите Американски Држави да го преземат Гренланд, велејќи дека „застанува зад премиерката на Данска“.
„Данска е близок европски сојузник, близок сојузник во НАТО и затоа во иднина мора да бидат само Гренланд и Кралството Данска“, рече Стармер, пренесува „Скај њуз“.
Стармер истакна дека сака да биде „апсолутно јасен во врска со ова“, наведувајќи дека на луѓето што живеат во Гренланд, како и на данските власти, им е доверено да одлучат за иднината на Гренланд.
Зборувајќи за ситуацијата во Венецуела откако САД го заробија претседателот на таа земја, Николас Мадуро, Стармер рече дека ситуацијата е „нејасна“.
„Венецуела има потреба од мирна транзиција кон демократија. Тоа беше нашиот став пред викендот, а таков останува и сега. Меѓународното право е рамката, сидрото или референтната точка врз основа на која ги оценуваме постапките на другите влади. И секако, од САД зависи да ги оправдаат своите постапки. Не е лесно“, рече Стармер.
Данската премиерка претходно го повика Вашингтон да „прекине со заканите“ против „историски близок сојузник“ и нација која јасно кажа дека не е на продажба.
Премиерот на Гренланд, Јенс Фредерик Нилсен, претходно денес изјави дека изјавите на Трамп за потребата на Америка од Гренланд се „целосно неприфатливи“ и претставуваат „непочитување“, со пораката дека „е доста“.
На 3 јануари, САД го нападнаа главниот град на Венецуела, Каракас, и го уапсија претседателот на таа земја, Николас Мадуро, и неговата сопруга.
Мадуро моментално е во Њујорк, каде што се очекува денес да се појави на судење по обвинение за трговија со дрога и оружје.

