Свет
Австралија отвори истрага за обвинувањата за воени злосторства на елитните командоси во Авганистан
Австралискиот премиер, Скот Морисон, изјави дека австралиската нација мора да биде подготвена да се справи со бруталните вистини бидејќи официјалните лица се подготвуваат да го истражуваат извештајот за наводното несоодветно однесување на нејзините војници во Авганистан, пренесува РТ.
Австралиската влада назначи специјален истражител да ги испита и потенцијално да ги гони одговорните на непримерно однесување на војниците во Авганистан, објави Морисон.
Истрагата за дејствата на армијата е нарачана уште во 2016 година. Редактираната верзија на конечниот извештај треба да биде објавена следната недела. Сепак, делови од документот што излегоа во австралиските медиуми веќе ја исцртаа вознемирувачката слика со приказни за командоси, кои, наводно, мачеле и егзекутирале цивили и затвореници.
Морисон предупреди дека деталите од извештајот може да ја шокираат јавноста.
„Ова ќе биде тешка и мачна вест за Австралијците, можам да ве уверам. Идните законски процедури ќе бараат од нас да се справиме со искрени и брутални вистини онаму каде што очекувањата и стандардите можеби не биле исполнети“, рече тој.
На прашањето дали на војниците прогласени за виновни за злосторства може да им бидат одземени медалите, министерката за одбрана, Линда Рејнолдс, рече дека ќе бидат разгледани сите опции и препораки.
Рејнолдс, сепак, истакна дека содржината на извештајот на никаков начин не фрла сенка врз огромното мнозинство од 39.000 Австралијци што служеле во Авганистан и нивната служба била беспрекорна.
Австралиски командоси беа распоредени заедно со американските и сојузничките сили во Авганистан да се борат против талибанците и милитантите на Ал каеда по терористичките напади на 11 септември како дел од војната против тероризмот предводена од САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Меркел негира дека би можела да биде претседател на Германија
Поранешната долгогодишна германска канцеларка, Ангела Меркел (71), денес ги негираше медиумските извештаи дека би можела да биде кандидат за функцијата претседател.
Од кабинетот на Меркел изјавија за весникот „Тагешпигел“ дека тврдењата на весникот „Билд“ дека поранешната канцеларка (2005-2021) би можела да се врати во политиката и да ја разгледа можноста да биде кандидат за претседател на Германија се „апсурдни“.
„Билд“ претходно изјави дека постои загриженост во врвот на Христијанско-демократската унија (CDU), која Меркел ја водеше 18,5 години, бидејќи Зелените би можеле да ја предложат за наследник на Франк-Валтер Штајнмаер.
Досега, ниту еден од германските канцелари не ја презеде функцијата претседател, кој го избира Парламентот и има значително помали овластувања од шефот на владата.
Одлуката за наследникот на Штајнмаер ќе ја донесе Бундестагот на почетокот на 2027 година.
Свет
Расмусен: НАТО не значи ништо без Америка
Поранешниот генерален секретар на НАТО и поранешен премиер на Данска, Андерс Фог Расмусен, оцени дека Северноатлантската алијанса без учеството на САД „не значи ништо“, посочувајќи дека европските земји сè уште во голема мера зависат од Вашингтон кога станува збор за безбедноста.
Во интервју за „Политико“, Расмусен рече дека евентуалното дистанцирање на САД од Алијансата ќе ја стави Европа пред сериозен предизвик и ќе ја принуди да ги преиспита сопствените одбранбени капацитети.
„Јасно е дека НАТО не значи ништо без САД. Затоа, ако САД одлучат да не учествуваат во НАТО или да го игнорираат, Европејците ќе мора да создадат европски НАТО, во чиј центар ќе биде коалиција од спремни, способни и подготвени европски земји да ја бранат Европа“, изјави тој.
Во исто време, Расмусен ги отфрли тезите за целосен прекин на трансатлантските односи, оценувајќи дека таквото сценарио е „фантазија“ која нема основа во реалноста. Според него, европските земји се премногу зависни од американските воени капацитети, разузнавачка поддршка и стратешки нуклеарен чадор за да можат да функционираат без САД на краток рок.
Сепак, тој истакна дека во Европа е забрзан процесот на таканареченото „намалување на ризикот“, односно напорот за намалување на прекумерната зависност од надворешни партнери во клучните безбедносни и одбранбени сегменти. Овој процес, како што може да се заклучи од неговите зборови, не подразбира раскинување со САД, туку зајакнување на сопствените капацитети во рамките на постојниот сојуз.
Во исто време, во рамките на Европската унија се зборува сè погласно за потребата од создавање поавтономна одбранбена рамка. Европскиот комесар за одбрана и вселена, Андријус Кубилијус, претходно како стратешки приоритет на Унијата ја посочи подготвеноста за воспоставување одбранбен сојуз и постепена замена на американските сили со европски капацитети.
Кубилијус нагласи дека формирањето на вистинска Европска одбранбена унија е првиот чекор кон стратешка независност на Брисел. Овој концепт подразбира зајакнување на заедничките воени структури, координација на индустриските и технолошките ресурси, како и поголема финансиска одговорност на европските членки за сопствената безбедност.
Помеѓу јасната зависност од САД и амбицијата за поголема независност, Европа на тој начин се наоѓа во сложена рамнотежа. Проценката на Расмусен дека НАТО без Америка „не значи ништо“ е предупредување, но и потсетник дека евентуалната промена во американската политика би можела да ги забрза процесите што веќе се наѕираат во рамките на Европската Унија, анализираат медиумите.
Регион
Албанија на суд поради ВИ министерката: Актерка ја тужи владата за злоупотреба на нејзиниот лик
Албанската министерка – првиот виртуелен државен функционер во светот, би можела да остане без својот препознатлив лик, откако актерката врз чии карактеристики е создаден дигиталниот аватар поднесе тужба против Владата на Албанија.
Премиерот Еди Рама во август 2025 година најави можност за именување министер или премиер заснован на вештачка интелигенција, а веќе во септември беше претставена Диела – вештачка функционерка задолжена за борба против корупцијата во јавните набавки.
Диела претходно беше позната како чат-бот на државниот портал e-Albania, а нејзиниот дигитален лик и глас биле креирани според актерката Анила Биша, врз основа на договор кој истекол на 31 декември 2025 година. Откако Диела добила министерска функција, нејзиниот лик бил прикажан и во обраќање до парламентот што се пренесувало низ целиот свет.
Според локалните медиуми, Биша поднела тужба против Владата, премиерот, приватната компанија која учествувала во проектот и Националната агенција за информациско општество (AKSHI). Таа тврди дека владата продолжила да го користи нејзиниот лик и по истекот на договорот, и надвор од дозволената намена, која била ограничена само на платформата e-Albania.
Во судските документи, Биша бара итна забрана за натамошна употреба на нејзиниот лик додека трае судскиот процес, наведувајќи дека неовластеното користење ѝ нанело значителна и непоправлива штета.
Во претходен телевизиски настап, Биша изјавила дека за потребите на системот снимала обемни аудио и видео материјали за ограничен временски период и за симболичен надомест, но никогаш не дала согласност за други форми на користење.
Портпаролката на албанската влада, Мањола Хаса, изјави дека Албанија е демократска држава во која граѓаните имаат право да покренат судски постапки против институциите. Таа додаде дека владата смета дека тужбата е неоснована, но е подготвена спорот да се реши пред суд, пренесе „Политико“.

