Свет
Австриската тајна служба e во криза, откриени низа неправилности

Австриската служба за заштита на уставноста и борба против тероризам се наоѓа во длабока криза, пишуваат австриските медиуми.
Виенскиот дневник „Естерајх“ наведува дека на тајната служба ѝ се заканува прекин на соработката со пријателските служби.
Весникот, како што се наведува, се повикува на анализа на „Бернскиот клуб“ – здружение на европски разузнавачки служби, кој надлежниот министер сака да го држи во тајност, што дополнително укажува на голем број неправилности во службата.
„Ако нашите колеги од цела Европа немаат повеќе доверба во нас, тогаш тајната служба ќе има сериозен проблем, а на тој начин и сите Австријци“, оценува неименуван извор од истрагата.
Тој додал дека е сè поприсутна недовербата на странските служби во австриската бидејќи, како што објаснил, таа премногу бавно реагира на укажаните проблеми, а постојат и обиди на сокривање анализи.
Извештајот на „Бернскиот клуб“ ја критикува посебно сајбер-безбедноста во тајната служба. Во извештајот се наведува дека хакери можат да упаднат во ИТ-системот на тајната служба, со што би биле загрозени најчувствителните податоци на сите европски служби во тајниот систем „Посејдон“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Париз, Лондон и Берлин повикаа да престане хуманитарната катастрофа во Газа

Хуманитарната катастрофа во Појасот Газа мора веднаш да престане, повикаа вчера во заедничко соопштение Париз, Лондон и Берлин.
„Хуманитарната катастрофа на која сме сведоци во Газа мора веднаш да престане“, нагласија трите европски земји.
Тие на овој начин одговорија на алармот објавен од ОН и невладините организации дека постои ризик од непосреден и широко распространет глад во Газа. Трите европски престолнини ја повикуваат европската влада веднаш да ги укине ограничувањата за испорака на помош.
Франција, Велика Британија и Германија, исто така, потсетуваат дека Израел мора да ги почитува своите обврски според меѓународното хуманитарно право.
„Дојде моментот да се стави крај на војната во Газа“, додадоа тие и ги повикаа сите страни да го прекинат конфликтот со склучување на договор за моментално прекин на огнот.
Регион
Топлотниот бран ги затвори Акропол и археолошките локалитети во Атина

Поради топлотниот бран и високите температури што од почетокот на седмицава ја зафатија Грција, археолошките локалитети во Атина, како и Акропол и во текот на викендов ќе бидат затворени за туристи во периодот од 12 до 17 часот.
Новиот топлотен бран што ја зафати Грција, според најавите и прогнозите се очекува да трае до недела.
Вчера беше најтоплиот ден, просечната максимална температура достигна 37,6 степени Целзиусов, на Пелопонез измерени речиси 46 степени, а во многу делови од земјата надмина 42 степени.
Свет
Русија до Западот: Тврдоглаво игнорирате додека режимот во Киев се обидува да ја спаси кожата на Зеленски

„Тврдоглаво се обидувате да игнорирате како темелно корумпираниот режим во Киев се обидува да ја спаси кожата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, доведувајќи ја во прашање иднината на својата земја. За тоа детално ќе разговараме на посебниот состанок што го побаравме за 31 јули, каде што предлагаме фокусирање на акциите што ја поткопуваат потрагата по дипломатски пат за решавање на украинскиот конфликт – вклучително и обидите да се попречи директниот руски-украински преговарачки процес во Истанбул“, изјави заменикот на рускиот амбасадор во ОН, Дмитриј Пољански, на седницата на Советот за безбедност, обраќајќи им се на претставниците на западните земји, пренесува ТАСС.
Според него, Русија подолго време и доследно предлага решавање на украинската криза по дипломатски пат.
„Но вас тоа не ве задоволува – сè додека сте подготвени да продолжите да се борите против Русија преку рацете на Украинците. А фактот што ги има сè помалку – воопшто не ве вознемирува“, предупреди рускиот дипломат.
Русија и Украина во мај и јуни одржаа две рунди преговори, по што следуваше размена на заробеници и предавање на телата на загинатите украински војници. Двете страни исто така разменија нацрти меморандуми за решавање на конфликтот.