Европа
Австриските служби направиле огромни грешки пред нападот во Виена, покажува првичниот извештај
Австриските служби за уставност и контратероризам направиле огромни грешки во врска со терористот Кујтим Фејзулаи.
Вакви сознанија произлегуваат од првиот извештај на истражната комисија.
Албанецот по потекло од Македонија уби четири лица и рани повеќе од 20 во центарот на Виена на 2 ноември.
Фејзулаи, кој претходно бил осуден на 22 месеци затвор за терористичко здружување поради обиди да ѝ се приклучи на Исламската држава, бил ослободен на почетокот на декември 2019 година со условна казна.
Неколку дена по излегувањето од затвор на 17 декември, пред Комисијата за процена на опасноста тој се однесувал без волја за соработка, па затоа била побарана процена на ризик од виенската покраинска Служба за заштита на уставноста и борба против тероризмот (ЛВТ).
Ваквата процена ЛВТ ја направила дури на 11 септември 2020 година, а покрај тоа, требало да се менува двапати, па била конечна дури на 7 октомври.
Во својата процена ЛВТ го зголемила ризикот што произлегува од Фејзули од умерен ризик на висок ризик.
Истражната комисија сега критикува дека е неприфатливо првото оценување да трае речиси десет месеци.

ЛВТ ваквото одолжување го објаснува со недостигот од персонал и време.
Истражната комисија смета дека прифатлив рок за степенот на ризик би бил доколку тој се утврдел најдоцна во јули.
Иако германското разузнавање кон средината на јули ги информирало своите австриски колеги за состаноците на Фејзули со германски и швајцарски исламисти во Виена и било наложено да се изврши надзор, оперативната единица на ЛВТ не покажала свест за значењето на тие состаноци, се вели во извештајот.
Според истражната комисија, исламистите што се собрале претставувале терористичка ќелија подготвена за напади.
Само на еден член на ЛВТ веднаш му било јасно дека во Виена се одржал состанок на опасна терористичка ќелија, но федералната Служба за заштита на уставноста и борба против тероризмот (БВТ) го обврзала да не шири такви информации, истакнува комисијата, што БВТ го негира.
Истражната комисија смета дека надлежните служби постапиле лошо, дури и кога од словачките власти добиле јасна информација дека Фејзулаи се обидел да купи муниција за автоматско оружје на 21 јули 2020 година во Братислава.
На 27 јули БВТ добила фотографии од надзорна камера на една словачка продавница за оружје, но материјалот дури на 24 август бил доставен до ЛВТ Виена со барање за идентификација на лицето.
Еден ден подоцна, ЛВТ јас известила БВТ дека на сликта е Фејзулаи, кој им е познат на властите.
Според извештајот на истражната комисија, еден член на ЛВТ сфатил дека станува збор за загрижувачка информација, но неговиот предлог да се преземат мерки според Законот за заштита на државата бил отфрлен од страна на надредените.
Дури на 16 октомври БВТ јасно го идентификувала Фејзулаи како лицето што се обидело да купи муниција во Братислава.
Истражната комисија го критикува и фактот што Државното обвинителство не било информирано за тој случај затоа што во таква ситуација би можело да биде укинато неговото предвремено ослободување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

