Свет
Австрија ги заострува мерките – воведува „локдаун“ за невакцинираните
Во Австрија од 1 ноември вработените ќе можат да доаѓаат на работа само доколку се вакцинирани, ако прележале коронавирус или со негативен ПЦР тест.
Новиот австриски канцелар Александар Шаленберг и министерот за здравство Волфганг Мукштајн по договорот со лидерите на девет австриски провинции, презентираа ново заострување на мерките за заштита од коронавирус.
„Едногласно се согласивме да воведеме две дополнителни нивоа во постоечкиот план за коронавирус (со три нивоа) мерки за заштита од пандемијата. Пандемијата сè уште не е видлива во ретровизорот, иако имаме доволно вакцини. Без никаква потреба, се најдовме во четвртиот бран на невакцинираните“, рече Шаленберг.
Австрискиот канцелар посебно нагласи дека новите мерки и ограничувања „не се однесуваат на вакцинирани и болни луѓе“, туку само на невакцинирани лица. Тој повторно апелираше до невакцинираните да се вакцинираат, бидејќи мора да бидат свесни за „големата одговорност“ што ќе ја имаат доколку не се вакцинираат.
Деталите за новите мерки ги претстави министерот за здравство Мукштајн.
Главниот параметар за премин од една фаза во друга е оптеретувањето на единиците за интензивна нега со обемот на пациентите. Австрија моментално е на 1 степен со 224 пациенти на интензивна нега.
Второто ниво ќе се воведе кога единиците за интензивна нега ќе се полнат со 300 пациенти, а третото со 400 пациенти.
Со новововеденото четврто ниво и 500 кревети за интензивна нега, што значи оптоварување за интензивната нега од 25 проценти, сегашните мерки се заоструваат. Само оние кои се вакцинирани и оние кои прележале коронавирус можат да одат во ресторани, кафулиња и други угостителски објекти, како и хотели или настани и посети на болници и домови за стари лица. Покрај вакцинираните и болните, на своето работно место можат да дојдат и тестирани со ПЦР тест.
Со петтиот степен на заштитни мерки и зафатеноста на 600 кревети на интензивна нега, односно 30 отсто од преоптовареноста на капацитетите на одделенијата за интензивна нега, стапува на сила досега најстрогиот режим за невакцинираните.
За невакцинираните се вовдедува „локдаун“ и тие ќе можат да излезат од дома, само во исклучителни ситуации – кога одат на работа, да купат нешто неопходно или ако се грижат за блиско лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Десетина демократи ќе го бојкотираат говорот на Трамп за состојбата на нацијата
Група демократски сенатори и пратеници најавија дека нема да присуствуваат на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп за состојбата на нацијата, туку ќе организираат собир на отворено како протест против неговата политика.
Настанот под наслов „Народен говор за состојбата на нацијата“ ќе се одржи во близина на Капитол, непосредно пред обраќањето на Трамп. Меѓу најавените учесници се сенаторите Џеф Меркли, Крис Марфи и Крис Ван Холeн, како и неколку пратеници од Претставничкиот дом.
Од Белата куќа реагираа дека не е изненадување што демократите одбиваат да ги поддржат политиките на републиканците, вклучително и иницијативите за даноци и депортација на имигранти.
Демократите тврдат дека Трамп го користи говорот како политичка платформа наместо како момент за обединување на нацијата. Дел од нив ќе присуствуваат во Конгресот, но планираат да изразат незадоволство на други начини.
Годишниот говор за состојбата на нацијата првпат го одржал Џорџ Вашингтон во 1790 година, а со текот на времето се претворил во значаен политички настан.
Регион
Делегацијата на ЕУ во БиХ ги осуди инцидентите на концертот на Томпсон: „Покажете почит кон жртвите“
Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина ги осуди инцидентите на концертите на Марко Перковиќ Томпсон во Широки Бријег минатата недела, кога дел од публиката извикуваше усташки слогани и поздравуваше со крената десна рака.
„Фотографиите и видеата од неодамнешниот концерт во Широки Бријег ги покажуваат учесниците како извикуваат слогани и нагласуваат карактеристики поврзани со фашистички идеологии. Глорификацијата и релативизацијата на фашистичките идеологии немаат место во демократското општество и нè потсетуваат на најтемните периоди од европската историја“, се вели во соопштението, пренесува „Тпортал.хр“.
Во исто време, ЕУ ги повика сите да покажат почит кон жртвите на злосторствата извршени за време на Втората светска војна, а „надлежните органи да ги истражат инцидентите во согласност со домашното законодавство“, се вели во соопштението.
Извикувањето на усташкиот слоган „Подготвени за дом“ и поздравувањето со крената десна рака на концертите на Томпсон одржани на 13 и 14 февруари во вторник беа осудени од ОБСЕ и мисијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина.
Тие, исто така, ги повикаа властите во БиХ да спроведат истрага и да ги санкционираат сите оние што се однесуваат на овој начин.
Свет
Белгискиот министер ги предупреди европските лидери поради изјавите за нуклеарното оружје: „Држете го јазикот за заби“
Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен ги критикуваше европските лидери поради, како што наведе, премногу отворените изјави за нуклеарното оружје.
„Кога станува збор за нуклеарното одвраќање, навистина не разбирам зошто европските лидери се толку брборливи. Тоа не е мудро. Ве молам, држете го јазикот за заби“, порача Франкен на платформата „Икс“, реагирајќи на интервју на германскиот канцелар Фридрих Мерц, пренесе „Политико“.
Во интервјуто, Мерц ја исклучи можноста Германија да развие сопствено нуклеарно одвраќање, но рече дека германските борбени авиони потенцијално би можеле да носат француско и британско нуклеарно оружје. Германија и Белгија се дел од американската програма „нуклеар шеринг“, во рамки на која нивните воздухопловни сили можат да носат американски нуклеарни бомби.
Изјавите на Мерц и Франкен доаѓаат во момент кога се интензивира дебатата за европското нуклеарно одвраќање во пресрет на говорот на францускиот претседател Емануел Макрон на 2 март. Се очекува Макрон да испрати пораки за улогата на францускиот нуклеарен арсенал во европската безбедност.
Белгискиот министер за одбрана се осврна и на коментарите на Мерц за проектот „Фјучр Комбат Ер Систем’ (Future Combat Air System) – борбен авион од нова генерација што го развиваат Германија, Шпанија и Франција.
„Системот е мртов, според германскиот канцелар во овој подкаст. Нема да има француско-германски борбен авион од шеста генерација. Белгија беше набљудувач во таа програма. Ќе ја преиспитаме нашата позиција“, наведе Франкен.
SCAF is dood aldus de Duitse bondskanselier @bundeskanzler in deze podcast. Er komt geen Frans-Duits zesde generatie jachtvliegtuig.
België was observator in het programma. We zullen onze positie herbepalen.
Ivm de nucleaire afschrikking begrijp ik echt niet waarom Europese…
— Theo Francken (@FranckenTheo) February 18, 2026

