Свет
Автомобил експлодира на аеродром во Лондон: блокирани терминали, одложени неколку лета

Електричен автомобил експлодира утрово во тунел што ги поврзува терминалите на аеродромот „Хитроу“ во Лондон предизвикувајќи прекин на воздушниот сообраќај, пренесоа британските медиуми.
Пристапот до терминалите 2 и 3 е делумно ограничен, а на патниците им се препорачува да остават повеќе време за пристигнување на аеродромот, како и да користат јавен превоз секаде каде што е можно, објави управата на аеродромот на социјалната мрежа „Икс“.
Аеродромот „Хитроу“ им се извини на патниците за прекинот во сообраќајот предизвикан од експлозијата на автомобилот. Инцидентот се случил околу 3 часот по локално време кога возило се запалило во тунелот, јавува „Мирор“.
Возилото наводно било целосно уништено, а нема информации за повредени. Пожарникарите соопштија дека пожарот бил изгаснат околу 3.45 часот. Поради ова, одложени се неколку лета од лондонскиот аеродром „Хитроу“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Мал авион кој полетал од Загреб исчезна над Словенија

Податоците на „Флајтрадар“ покажуваат дека мал авион „Муни овејшн М20Р“ кој полетал од Загреб исчезнал нешто по 8 часот наутро во областа Велика Планина во Словенија.
„24.ур“ пишува дека се работи за американски авион кој започнал спирално спуштање од височина од 2,5 километри.
Љубљанската полиција изјавила дека најверојатно се работи за авионска несреќа, поради што во реонот се трага. Подоцна полицијата соопшти дека била известена дека комуникацијата на малото летало со контролата на летање била прекината, пренесе „Индекс.хр“.
„Контактот со леталото е изгубен од засега непозната причина во областа Велика Планина, каде што полицијата и спасувачките служби моментално вршат активности. Потрагата е отежната поради екстремно лошите временски услови и слабата видливост, што исто така го отежнува летањето на спасувачките хеликоптери“, додаваат тие.
Според првичните информации, во авионот имало едно лице, јавува порталот „Камник инфо“. Покрај полицијата и пожарникарите, во потрагата учествуваат и планински спасувачи од Камник и Целје.
Свет
Обидувајќи се да избегне автобус, возач на автомобил удри во автобуска постојка во Русија – има тешко повредени, меѓу кои и дете

Најмалку 11 лица се повредени денеска во рускиот град Казан кога автомобил влета во автобуска постојка, соопшти Министерството за здравство на Татарстан.
– 11 лица се повредени кога патнички автомобил удрил во автобуска постојка. Девет лица се пренесени во болница во умерено тешка состојба, меѓу кои и 12-годишно дете, се вели во соопштението, пренесува РИА Новости.
Како што соопшти Обвинителството, возачот на изнајмениот автомобил прегазил луѓе додека се обидувал да избегне автобус.
На местото на несреќата се испратени четири екипи на брза помош и две медицински екипи за катастрофи, соопшти руската агенција.
Свет
„Фајненшл тајмс“ објави што ќе им предложи Зеленски на Американците: „Тактиките се менуваат“

Украина ќе се обиде да ги убеди САД да ја вратат воената и разузнавачката поддршка во клучните билатерални разговори оваа недела настојувајќи да го придобијат Доналд Трамп со тоа што ќе покажат дека Володимир Зеленски сака брз крај на војната со Русија, пишува „Фајненшл тајмс“.
Официјални лица запознаени со подготовките за разговорите во Саудиска Арабија открија дека Киев ќе предложи делумен прекин на огнот со Русија, што ќе вклучува суспензија на нападите со беспилотни летала и ракети со долг дострел и борбени операции во Црното Море. Украинската влада се надева дека напредокот во преговорите може да го натера Вашингтон да ја повлече својата одлука за замрзнување на размената на разузнавачки информации и снабдувањето со оружје.
Украински функционер рече дека Киев ќе даде приоритет на поправка на односите со САД на краток рок, а двајца европски претставници истакнаа дека Украина гледа напредок во разговорите за прекин на огнот како услов за продолжување на воената и разузнавачката помош.
„Целта на какви било преговори меѓу украинските и американските власти во Саудиска Арабија ќе биде, меѓу другото, договор за продолжување на помошта“, рече Федир Вениславски, пратеник од партијата на Зеленски и член на парламентарната комисија за национална безбедност, кон крајот на минатата недела.
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, ќе остане во саудискиот град Џеда до среда, каде што ќе учествува во преговорите со цел „да се постигне напредок кон ставање крај на војната меѓу Русија и Украина“, изјави портпаролот на Стејт департментот.
Трамп вчера рече дека очекува „некои прилично добри резултати од Саудиска Арабија оваа недела“ додавајќи дека сака Украина „да покаже дека сака мир бидејќи тоа не го покажала доволно досега“. На прашањето на новинарите на Air Force One дали ќе размисли за обнова на разузнавачката соработка, американскиот претседател одговори: „Токму тоа го правиме. Токму тоа го правиме“.
Американскиот притисок врз Киев ја принуди администрацијата на Зеленски да го промени својот пристап по неуспешниот состанок во Белата куќа на 28 февруари.
„Тактиките се сменија“, рече Володимир Фесенко, политички аналитичар во Киев.
„Сега најважно е да се нормализираат односите со САД. Ако порано планот беше првин да се обезбедат безбедносни гаранции, а потоа да се бара прекин на огнот, сега е јасно дека тоа нема да се случи по тој редослед. Трамп тврди дека Украина не сака прекин на огнот, така што нашата цел е да им покажеме на САД дека сме подготвени да дејствуваат што е можно побргу и да почнеме директни преговори со Русија“, додаде тој.
Зеленски им рече на лидерите на ЕУ во Брисел во четвртокот дека сака да склучи рамковен договор со САД, што ќе го отвори патот за понатамошни детални договори за минералните ресурси и безбедносните гаранции.
Поширок договор би почнал со прекин на воздушните напади, поморските операции и нападите врз енергијата и друга цивилна инфраструктура.