Свет
Администрацијата на Трамп ја затвора палестинската мисија во Вашингтон
Администрацијата на Трамп ќе ја затвори палестинската мисија во Вашингтон, изјави Палестинската ослободителна организација (ПЛО), пренесува „Индепендент“. Високиот палестински претставник Саеб Еракат, кој ја осуди опасната ескалација на американските одмазднички мерки, изјави дека САД го информирале палестинското раководство за одлуката да ја затворат палестинската мисија во Вашингтон.
Тоа е последната одлука од серијата мерки преземени од страна на администрацијата на претседателот Доналд Трамп против палестинското раководство, кое ги замрзна односите со американските официјални лица откако САД во декември 2017 година го признаа Ерусалим за главен град на Израел.
„Американски службеник нè извести за одлуката за затворање на палестинската мисија во САД. Го повторуваме ставот дека палестинскиот народ не е на продажба и нема да потклекне пред заканите и заплашувањето од САД. Станува збор за нов пример на казнената политика што ја користи администрацијата на Трамп против палестинскиот народ, со која веќе е скратена финансиската помош за хуманитарни активности, вклучително и во секторите на здравството и образованието. Оваа опасна ескалација јасно покажува дека САД се обидуваат да го уништат меѓународниот систем за да ги прикријат израелските злосторства“, изјави вториот по ранг човек во ПЛО.
Коментарите доаѓаат пред најавениот говор на советникот за национална безбедност на Доналд Трамп, Џон Болтон, во кој се очекува да го објави затворањето на мисијата како одговор на одбивањето на палестинското раководство да влезе во мировните преговори предводени од САД.
„Администрацијата на Трамп нема да ја остави канцеларијата отворена ако Палестинците одбијат да почнат директни и значајни преговори со Израел. Болтон е подготвен да му се заканува на Меѓународниот кривичен суд со санкции ако ги истражува САД и Израел”, се вели во известувањето на „Волстрит џурнал”.
Меѓу можните мерки што ги најави Болтон во таков случај е и забрана за влез во САД на судиите и обвинителите на МКС.
„Ќе ги санкционираме нивните средства во американскиот финансиски систем и ќе ги гониме во рамките на американскиот кривичен систем. Ние ќе го сториме истото за секоја компанија или држава што ќе помогне во истрагата на МКС за Американците”, најави Болтон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

