Свет
Активирани системите за вонредна состојба: доаѓа силно невреме во делови од САД

Метеоролозите за денеска предвидуваат силно невреме во делови од американските сојузни држави Тексас, Луизијана и Арканзас.
Исто така, се предвидува можност за торнада, град и грмежи, со максимална брзина на ветерот до 128 километри на час.
Националната метеоролошка служба издаде предупредување за торнадо доцна во четвртокот во делови од Тексас североисточно од Хјустон, објави АП.
Засега нема извештаи за штети.
Повеќе од 100 лета беа одложени, а десетици откажани на меѓународниот аеродром „Далас Форт Ворт“ во Далас, Тексас.
На меѓународниот аеродром „Џорџ Буш“ во Хјустон, Тексас, имаше и доцнења и откажувања летови поради невремето.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот, ги активира државните ресурси за одговор на вонредни состојби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Важно е да се дејствува, а не да се зборува, му порача Илон Маск на Зеленски по објавта дека е подготвен за мировни преговори под водство на Трамп

Откако украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази подготвеност за мировни преговори под водство на американскиот претседател Доналд Трамп, стигна реакцијата на Илон Маск.
„Важно е да се дејствува, а не да се зборува. Ќе видиме какви акции ќе следат“, рече Маск, коментирајќи ја изјавата на Зеленски.
Зеленски претходно изјави: „Би сакал да ја повторам посветеноста на Украина за мир. Никој од нас не сака бескрајна војна. Украина е подготвена да седне на преговарачка маса што е можно поскоро за да се доближи траен мир. Никој не сака мир повеќе од Украинците“.
Украинскиот претседател истакна дека тој и неговиот тим се подготвени да работат под силно водство на претседателот Трамп за да се постигне мир.
Зеленски, исто така, изрази благодарност за американската помош досега и жалење за исходот од средбата во Овалната соба кога дојде до расправија со претседателот на САД.
Свет
„Би-Би-Си“: Зеленски попушти со еден твит

Американскиот претседател Доналд Трамп му рекол на својот украински колега Володимир Зеленски за време на расправијата во Белата куќа дека „нема карти во рацете без Америка“.
Би-Би-Си во својата кратка анализа пишува дека реалноста сега се чини станала јасна, неколку часа откако Вашингтон ја прекина сета воена помош за Украина.
„Во еден твит, Зеленски попушти – барем кога станува збор за американскиот претседател, ако не и за Русија. Сепак, тој изрази подготвеност да размисли за делумен прекин на огнот – во воздух и во море – доколку Москва го стори истото“, пишува дописникот на Би-Би-Си за Европа, Дени Аберхард.
Тој повторно се заблагодари на Америка, конкретно спомнувајќи го Трамп, за нејзината претходна помош и рече дека е подготвен да потпише договор со САД за минерали.
„Украина издржа тригодишна сеопфатна инвазија на нејзиниот непријател Русија. Но, дејствијата на сојузниците ја оставија разоткриена нејзината слаба страна – радикалната промена во надворешната политика на САД под претседателот Трамп“, заклучува Би-Би-Си во својата анализа.
Свет
Полскиот премиер: Американскиот прекин на воената помош за Украина веќе стапи на сила

Прекинот на испораките на американската помош за Украина веќе стапи на сила, изјави денеска полскиот премиер Доналд Туск.
„Извештаите што ги добивме од границата, од нашиот центар во Јасионка, ги потврдуваат најавите на Американците“, изјави Туск во Варшава.
Полската новинска агенција ПАП пренесува дека Туск рекол дека „нема причина да се мисли дека американските најави се само празни зборови“.
Аеродромот кој се наоѓа во југоисточна Полска, и железничката линија што води оттаму до блиската Украина се сметаат за најважни транспортни патишта за европските и американските воени резерви за Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, обично го користи овој аеродром за своите патувања во странство.
„Се разбира, ова ги става Европа, Украина и Полска во потешка позиција, но мораме да се соочиме со новата ситуација“, рече Туск, додавајќи дека неговата влада во наредните денови и недели ќе донесе некои одлуки кои би можеле да се наречат „вонредни“ и ќе имаат потреба од целосна поддршка.
Тој исто така рече дека во овој момент треба да се избегнуваат бесмислени дискусии.
Доналд Трамп во понеделникот објави дека американската администрација привремено ја прекинува својата воена помош за Украина, земја која Русија ја нападна пред повеќе од три години.